Скопје- 20. 12. 2007 г.
15 години на Камерниот мешан хор „Св. Климент Охридски“ од Скопје, под диригентската палка на проф. Панче Јосифов. Солисти:Александра Лазаровска- сопран, Олгица Милевска- мецосопран, Дејан Стоев- тенор, Невен Силјановски- баритон, Кирју Лијаковски- баритон и Бранислав Попгеоргиевски- бас.
Јубилејниот концерт се одржа во соборниот храм Св. Климент Охридски во Скопје.
Камерниот мешан хор „Св. Климент охридски“ од Скопје е формиран во 1992 година.Првобитната основна дејност на истиот беше и сеуште е пеење на богослужбите и опслужување на потребите на МПЦ. Хорот ја изведува литургијата на св. Јован Златоуст од македонскиот композитор Атанас Бадев и истата досега доживеала околу 800 изведби.
Паралелно со овие активности хорот е присутен и на концертните подиуми во РМ, како и на меѓународните фестивали. Покрај повеќето помали концертни настапи ансамблот приредува и целовечерни концерти. Досега учествувал на свеченото отварање на меѓународниот музички фестивал Охридско Лето 1997, а на истиот фестивал 1998, 2000, 2001 и 2002 приредува и самостојни целовечерни концерти.
На меѓународната сцена се појавува на фестивалот на православна духовна музика во Хајновка, Р. Полска 1998 и 2001 година во категорија на професионални хорови каде се здобива со наградата Лауреат на фестивалот.
Исто така учествувал и на меѓународниот фестивал на духовна музика во Софија,Р. Бугарија 1999 година. Во 2000, 2002 и 2007 година хорот одржа и целовечерни концерти во Рим, Р. Италија.
Покрај богатиот репертоар на православната духовна музика од светските и македонските класични и современи автори на својот репертоар има и композиции од стари мајстори, романтичари, обработки на македонска фолклорна музика.
Во последно време особено внимание се посветува на изведба на дешифрирани духовни композиции кои датираат од 8-9 век и се хармонизирани од еминентни македонски композитири.
Камерниот мешан хор „Св. Климент Охридски“ е составен од 21 професионални вокални уметници, солисти, вокални педагози и хорски уметници.
Уметнички раководител и диригент на овој ансамбл е проф. Панче Јосифов.
посети:{moshits}