Во издание на Скопската  православна епархија излезе книгата Оче наш -  Господовата молитва, која претставува толкување , односно појаснување на  молитвата која Исус Христос им ја предал на апостолите.

Епархијата книгата ќе ја дели како подарок на новокрстените Божји чеда, а пред се наменета е за дечињата.

  ГОСПОДОВАТА МОЛИТВА
Оваа молитва е светиња за сите христијани. Исус Христос им ја предал на Своите ученици по нивно барање. Тој им рекол, молете се вака: Оче наш, Кој си на небесата, да се свети името Твое, да дојде царството Твое, да биде волјата Твоја, како на небото, така и на земјата. Лебот наш насушен дај ни го денес, и прости ни ги долговите наши, како што им ги проштеваме и ние на нашите должници и не воведувај не во искушение, туку избави не од лукавиот.
Зашто Твое е Царството, и силата и славата во веки. Амин.

ОЧЕ НАШ
Отец наш. Бог е извор на животот, Творец на сите луѓе и Заштитник на човечкиот род. Тој не сака нас, како што таткото ги сака своите деца. И ние ја повикуваме Неговата божествена помош со вера, надеж и љубов.

ОЧЕ
Така се обраќа детето кон својот татко. Ние Му се молиме на Бога со детска доверба. Зашто Господ е близок со нас, поблизок отколку што е душата со телото. Како сонцето, Тој ги излива Својата светлина и топлина и на добрите и на лошите, зашто Бог е Љубов, Милост, Простување, Грижа, Надеж, Радост.

НАШ
Сите сме деца на еден Отец. За Бога сите се еднакви, ние сме едно семејство, и Неговата љубов кон нас е безгранична. Тој посакува ние да се сакаме еден со друг како браќа и сестри, и тоа што за себе го бараме во молитвите, да го бараме и за другите.

КОЈ СИ НА НЕБЕСАТА
Кој престојуваш на небото. На небесата е Мајката Божја, ангелите и светите угодници Божји Му служат на Бога, Му се поклонуваат и Го прославуваат. Целото Божјо небо е безгрешно, чисто и свето.

ДА СЕ СВЕТИ ИМЕТО ТВОЕ
Бог е Убавина, Вистина и Светлина. Ние посакуваме таа убавина да ја спознае целиот свет. Боже, помогни ни да живееме според Твоите заповеди, та и преку нашите добри дела да Те слават сите луѓе.

ИМЕТО ТВОЕ
Името Божјо е свето, и кога ние со стравопочит и љубов го изговараме, во нашите срца се одразува Самиот Господ, како што во чистата роса се одразува сонцето.


ДА ДОЈДЕ ЦАРСТВОТО ТВОЕ
Царството Небесно - тоа е благодатта на Светиот Дух. Поради благодат ни се дава покајанието, коешто ги чисти нашите срца од секоја нечистотија и во нас се вселува Бог. А каде што е Бог, таму е и Неговото Царство - Царството на Мирот, Добрината и Љубовта!

ДА БИДЕ ВОЉАТА ТВОЈА
„Нека биде како што сакаш Ти" - вака може да каже детето, кое наполно му се доверува на својот татко, не сомневајќи се во неговата љубов и мудрост. Се - и радоста, и тагата - треба да се прима како света Божја волја, којашто не води кон спасение.

КАКО НА НЕБОТО
ТАКА И НА ЗЕМЈАТА

И на земјата, како на Небото. Ние молиме од Господа да ни помогне да ја исполниме Неговата волја смирено, предано и со љубов, како Богородица и светите небесни ангели.

И НА ЗЕМЈАТА
И на земјата. Додека Адам и Ева живееле во послушание кон Бога, на земјата имало рај. Ако живееме според Божјата волја, ние го враќаме рајот на земјата. Послушанието - тоа е почеток на рајот на земјата.

ЛЕБОТ НАШ НАСУШЕН
ДАЈ НИ ГО ДЕНЕС

Дај ни го сето тоа што ни е потребно секојдневно. Господ не учи да не бараме за себе богатства и раскош, туку да го бараме единствено најнеопходното, надевајќи се за се во Бога и спомнувајќи си дека Тој секогаш како Татко се грижи за нас.

ЛЕБ0Т НАШ НАСУШЕН
Лебот е животно неопходен не само за телото, туку и за душата. За душата се неопходни словото Божјо и причестувањето со светите Христови тајни. Нашиот Господ Исус Христос - Небесниот Леб - преку светата тајна Причест не осветува и не соединува со Бога и меѓусебно, не приближува кон вечниот живот, кон Царството на Љубовта.

И ПРОСТИ НИ ГИ НАМ
ДОЛГОВИТЕ НАШИ

Долгови - тоа се нашите гревови. Господ ги простува гревовите на тие што искрено се каат. Прости - значи разреши, отпушти. Нам - ние не се молиме само за себе, туку и еден за друг.

КАКО ШТО НИЕ ИМ ГИ ПРОШТЕВАМЕ
НА НАШИТЕ ДОЛЖНИЦИ

Како што и ние им проштеваме на тие што не навредуваат. Ако ти простуваш - и тебе Господ ќе ти прости; а ако не проштеваш, тогаш и твојот грев ќе остане со тебе. 

И НЕ ВОВЕДУВАЈ НЕ ВО ИСКУШЕНИЕ
Искушение - тоа е испитување на нашето срце во добро и зло. Што ќе одбереме? Господи, не испраќај ни прекумерни искушенија, помогни ни да го надминеме гревот во себе и да истраеме во доброто!

ТУКУ ИЗБАВИ НЕ ОД ЛУКАВИОТ
Тоа е молба кон Семоќниот Бог за заштита од ѓаволот. Лукав - значи измамник, лажливец. Токму тој ги сее во нас лошите мисли и желби, не поттикнува на грев, ја успива совеста, оправдувајќи ги нашите лоши постапки. Треба да се спротивставуваме на злото и неправдата и да Го молиме Бога за помош.

ЗАШТО ТВОЕ Е ЦАРСТВОТО,
И СИЛАТА И СЛАВАТА ВО ВЕКИ.

Славејќи Го и благодарејќи Му на Господа, ние се надеваме во Него, зашто на Бога Му припаѓа ЦАРУВАЊЕТО над светот, во Него има СИЛА да ги исполни нашите молби, и Нему Му прилега вечна СЛАВА.

АМИН
Амин - нека биде така.