Од 4 до 6 Јуни оваа година, Средно-Американската Епархија на Руската Православна Црква организира тридневена Црковна Хорска Конференција која се одржа во Катедралниот Руски Храм „Покров на Пресвета Богородица“ во Чикаго. На Конференцијата зедоа учество околу 50-тина љубители на Светите Богослужби и Црковното пеење, и тоа не само припадници на Руската Црква туку и на други Црковни јурисдикции, вклучувајќи и припадник на Македонската Црква Св. Петка од Чикаго. Диригенти, псалти, припадници на Црковниот клир, а и голем број професионални црковни музичари, сите беа собрани со една иста цел: да ги надоградат своите знаења од областа на Литургискиот живот, или, поконкретно, Црковното пеење, како би можеле да растат и да се усовршуваат во службата кон Бога.
Инаку, како што изложи протоереј Андреј Папков, зачетокот на ваквите конференции организирани од Руската Задгранична Црква во Америка се појавува уште во 1959. Тогаш било одлучено да се основа Синодска Литургиска Црковна комисија со свои јасно дефинирани цели: публикација на Литургиска музика, организирање на курсеви за подготовка на хорски диригенти, и организирање на хорски конференции. Првата цел се остварува преку печатарската дејност на Манастирот Св.Троица во Џорданвил и тоа преку издавањето на неколку зборници со Црковна музика. Втората цел е остварена пред 19 години, кога започнува со дејност Летниот Семинар за хорски диригенти. Третата цел – организирањето на хорски конференции, се остварува во 1987 година, кога Литургиската Црковна Комисија започнува поактивно да дејствува. Оттогаш па навака годишно се организираат Конференции на разни локации во Америка, и тоа, поголеми и пообемни – организирани од Синодската Комисија, како и помали конференции организирани на епархиско ниво. Отец Андреј образложи дека скоро секоја епархија на Руската Загранична Црква во Америка има своја комисија за организирање на Епархиски Конференции, Канада и Австралија исто имаат свои, а се прават напори за организирање на такви комисии и во Европа и Јужна Америка.
Овогодишната Црковна Конференција на Средно-Американската Руска Епархија беше организирана на највисоко ниво. Тоа можеше да се увиди уште од самиот почеток, кога сите учесници најпрво отидоа во Храмот каде што беше отслужен Молебен пред почеток на секое добро дело, а тие еднодушно и во прекрасна хармонија пееа и Му се молеа на Бога. Конференцијата продолжи со прекрасни предавања и лекции на истакнати и високопрофесионални црковни музичари, меѓу кои: професорот по музика, композитор и хорски диригент Курт Сандер од Синсинати, доктор професор по музика и диригент Петар Јермихов од Чикаго, протоѓаконот на Чикагскиот Катедрален Храм а воедно и композитор и диригент Вадим Ган, свештеникот, а претходно долгогодишен диригент Мајкл Карни од Мичиген, професионални музичарки и педагози Лариса Сандер и Јулијана Кемпбел, диригентот на Архиерејскиот Хор при Катедралната Црква домаќин – чтец Михаил Гил, како и диригентот и чтец Сергеј Фурманов. На предавањата беа обработени важни теми како што се: соработката и дијалогот помеѓу Хорот и Свештенството за време на Светите Богослужби, изучување на техники за убаво и правилно црковно пеење, разбирање на разликите во служењето и пеењето при Архиерејска Литургија, подетално разгледување на Октоихот и негова практична употреба, правилно одбележување на стихирите во контекст со нивната содржина и сл. Иако предавањата се однесуваа на различни аспекти од Црковното пеење, сите предавачи првенствено потенцираа една и иста идеја: неопходноста да се има ЉУБОВ кон службата кон Бога, а воедно и духовно-молитвена настроеност и безрезервна посветеност.
Круната на Конференцијата беа Саботното Бдение и Божествената Литургија во чест на Сите Руски Светии, на кои огромниот хор на талентирани црковни музичари имаше прилика да ги имплементира сите знаења стекнати за време на Конференцијата и да Му принесе на Бога плод од неколкудневниот интензивен труд во Негова слава. Конференцијата заврши со заедничка трпеза на љубовта – посен празничен ручек подготвен од сестринството на Катедралниот Храм, а учесниците се разделија со убави спомени, нови стекнати знаења, богати црковно-литургиски ресурси и желби за понатамошни духовни средби.
Warning: No images in specified directory. Please check the directory!
Debug: specified directory - https://preminportal.com.mk/images/SvPetka040610