Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Европски г.Пимен во сослужение со парохискиот свештеник протопрезвитер Михајло Матевски и протоѓаконот Кирил Трајковски, на Велики Четврток отслужи утринска богослужба со читање на 12 –те Страдални евангелија, во храмот „Св.Архангел Михаил“ во Неиве-Италија. Византиското пеење придонесе за помолитвена атмосвера. Пред нашите верници кои живеат овде, кои во голем број се собраа да слушнат за страдањата на Нашиот Господ Исус Христос, се обрати Митрополитот Пимен со пригодно слово во кое ја нагласи болката која ја чувствуваме кога слушаме за се она низ што поминал нашиот Спасител заради љубов кон родот човечки. Обвинет бил без вина, положен на мачење без никаков престап за на крајот и да биде распнат на крст како разбојник, каде и го испуштил Својот Дух.
На Велики Петок 2010 година во уште поголем број верниците од Црковната Општина при храмот „Св.Архангел Михаил“-Неиве се собраа околу својот Владика и својот парох достојно да го положат во гробот Спасителот. Со скрушено срце ја оплакуваа неговата смрт, ја целиваа Плаштаницата, се поклонуваа на светиот гроб. Во овој ден без светлина, кога и Сонцето ги собра своите зраци, душите на присутните тагуваа за Бога запечатениот во гробот. Но тагата набрзо ќе се претвори во радост, зашто„ Си не искупил од прародителската клетва со својата чесна крв Христе, на крстот прикован со копје прободен, извор на бесмртност си им станал на луѓе, Спасителу наш, Слава ти.“
Се ближи ГОЛЕМ ДЕН, будно и со чисто срце да го дочекаме.
Известува: протоѓакон Кирил Трајковски