Охрид, 25 октомври 2009 г.(МИА) – Неговото блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан чиноначалствувше со светата Боженствена Литургија, на четвртиот по ред Семакедонски црковен собор што се одржа денеска во катедралната црква Света Софија во Охрид.
- Овој собир веќе станува традиционален. Денеска служевме соборно, одржувајќи го 4-от по ред Црковен собор во Охрид, по одржаните собори во Скопје, Велес и Струмица, а догодина домаќин ќе биде Брегалничката епархија, рече поглаварот на Македонската православна црква г.г. Стефан.
Во врска со актуелното прашање околу додавањето на терминот Охридска архиепископија кон името на Македонска православна црква, архиепископот Стефан појасни дека тоа име природно и припаѓа на македонската црква.
- Името на МПЦ е Охридска архиепископија. Кој можел да го прочита Уставот на МПЦ во него во преамбулата стои дека МПЦ е возобновена Охридска архиепископија. Ништо ниту се одзема ниту додава во името на МПЦ, затоа што од самиот почеток титулата на поглаварот на Македонската црква е архиепископ Охридски и Македонски, истакна г.г. Стефан отфрлајќи ги информациите лиферувани во медиумите за промена на Уставот на МПЦ на престојниот Собор во ноември.
- Таа одлука е донесена мошне одамна, всушност сите барања од 1767 година се да се обнови Охридската архиепископија и буквално таа Црква ги обединувала и црковните општини и соборјаните и до ден денешен Македонската православна црква е и Охридска архиепископија, појасни поглаварот на МПЦ, г.г. Стефан.
За неодамнешната посета на претседателот Ѓорге Иванов на Цариградската патријаршија, поглаварот на МПЦ Стефан оцени дека доликува православен верник и претседател на Република Македонија да се сретне со неговата сесветост, Вселенскиот патријарх Вартоломеј, изразувајќи уверување оти претседателот имал добра и содржајна средба и разговор во Истанбул. аб/ва/13:11