Користиме прилика најнапред на Нашиот Архиереј Неговото Високо Преосвештенсто Митрополитот г-дин Методиј, на Поглаварот на МПЦ Архиепископот г-дин Стефан, на сите Архиереји, свештеници и монаси, на посетителите на Премин Портал, како и сите верни чеда на нашата Свети Климентова Македонска Православна Црква да им го честитаме Воскресението Христово - Велигден поздравувајки ги со радосниот Христијански поздрав ХРИСТОС ВОСКРЕСЕ !
Во Македонската Црковна Општина Свети Никола во Виндзор, Канада беа отслужени богослужби во спомен и чест на страданијата, погребението и воскресение на нашиот Господ Исус Христос, со кои чиноначелствуваше Прото-ставрофор д-р Александар Мустеников, во сослужение на ипоѓаконот Димитар Башевски.
Во присуство на голем број верници и во тажна атмосфера отец Мустеников го започна пеењето на 12-те страдални евангелија на Велики Четврток.
На Велики Петок на утро од кога женската секција го укрси со свежо цвеќе Христовиот Гроб, беа одслужени Царските Часови со изнесување од олтарот на крстот со Распнатиот Господ и Плаштаницата,. На вечер беа читани статиите односно беше извршено погребението Христово.
На Велика Сабота наутро беше отслужена Светата Литургија на која се причестија поголем број на верници, а на полноќ најпрво следеше трикратниот опход, а потоа воскресна утрена.
Во неделата на Воскресението Христово започна прославувањето на најголемиот празник - Христовото Воскресение со слжење на Света Литургија. Исто така во понеделникот и вторникот беа отслужени Свети Литургији. Ова кратка информација ја илустрираме со поголем број на фотографии.
Фото и текст: Глигор Стефанов