
ВЕЧЕРНА БОГОСЛУЖБА СО АКАТИСТ И СВЕЧЕНА АКАДЕМИЈА ПО ПОВОД 130-ГОДИШНИНАТА ОД ХРАМОТ „СВЕТИ ДИМИТРИЈ“ ВО СКОПЈЕ


На 7.11.2026 година, во навечерието на празникот посветен на светиот великомаченик Димитриј, со благослов на Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, во храмот „Свети Димитриј“ во Скопје беа отслужени Празнична вечерна богослужба и Акатист, на кои чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, во молитвено присуство на Архиепископот Стефан, на Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Повардарски г. Агатангел, како и на многубројно свештенство и верен народ.
Празничното чествување продолжи со одбележување на 130-годишнината од изградбата на храмот „Свети Димитриј“ во НУ „Музеј на македонската борба за самостојност“ во Скопје. На свечената академија присуствуваа: Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан; Нивните Високопреосвештенства, Митрополитите: Повардарски г. Агатангел, Тетовско-гостиварски г. Јосиф и Дебарско-кичевски г. Георгиј; градоначалникот на Град Скопје г. Орце Ѓорѓиевски, директорката на КОВЗРГ г-ѓа Оливера Трајковска, претставници од научната, културната и општествената јавност, како и многубројни гости.
На свеченоста свои обраќања имаа: Архиепископот Стефан, кој ја истакна важноста на храмот како дом Божји во животот на Црквата и на секој верник, осврнувајќи се и на неговата лична поврзаност токму со храмот „Свети Димитриј“; и старешината на храмот, отец Жарко Ѓорѓиевски, кој даде опсежен историски летопис на храмот „Свети Димитриј“.
Свечената академија беше збогатена со благопријатните песнопенија на хорот „Хармосини“, предводен од проф. д-р Ристо Солунчев.


https://mpc-spe.mk/arhiepiskop/aktivnosti/130-god-hram-sv-vmc-dimitrij-skopje/
07.11.2026


























