26.02.2023 г.
Литургија на македонски јазик се служеше во најстарата црква на светот, Рождество на Исус Христос во Витлеем изминатиот викенд, спроти верскиот празник Прочка. Според присутните свештени лица, за првпат на литургија сослужуваше и наш македонски свештеник од Македонската православна црква ОА и за првпат верниците примија Света Причест од македонски свештеник во Витлеем.
Литургијата беше отслужена на повеќе јазици, меѓу кои и на македонски. На чинот присуствуваа верници од целиот свет, а беа кажани и молитви на македонски јазик, свештениците се помолија за својот народ на свој мајчин јазик. Во литургијата сослужуваше отец Синиша Ристовски.
-Свештеник на американско-канадската Македонска православна епархија сослужуваше Света литургија во храмот Рождество на нашиот Спасител Господ Исус Христос во Градот Витлеем. Со благослов на надлежниот митрополит американско-канадски на Македонска православна епархија г. Методиј, како и одобрување од Светата Ерусалимска патријаршија и надлежниот епархиски архиереј витлеемски г. Бенедикт, беше отслужена Света божествена литургија во храмот на Рождеството Христово во градот Витлеем во која сослужуваше архиерејскиот заменик на Американско-канадската Македонска православна епархија протоереј ставрофор, Синиша Ристовски, заедно со други православни свештеници од Палестина, Грција, Молдавија, Полска, и Украина, појаснуваат свештениците во изјава за весникот ВЕЧЕР.
Извор:
https://news1.mk/archives/118507