Totowa, USA - Во деновите од 29 - 31 Август, за време на "Labor Day Weekend", во New Jersey, беше одржан 34-от Црковно - народен Собор на Американско-Канадската Македонска Православна Епархија. Оваа година, честа да биде домаќин на најголемото собирање на црквите од епархијава и беше дадена на Македонската православна црква "Свети Никола" од Totowa, New Jersey. Дел од собирските манифестации се одвиваа во црквата домаќин на Соборот, дел во сестринската МПЦ "Св. Кирил и Методиј" од Cider Grove, а пак, Гала банкетот се одржа во хотелот" Sheraton Parsippani".
Според однапред утврдена програма, на 30-ти Август, беше одржано редовно заседание на Епархиското собрание.
Истиот ден, пред Вечерната Богослужба, имаше смотра на црковни хорови, содржина, која за прв пат, минатата година, по иницијатива на Неговото Високопреосвештенство г. Методиј, беше воведена на црковно-народните собирски манифестации. Оваа година на смотрата настапија три црковни хора, и тоа: хорот на црквата домаќин "Св. Никола", хорот на МПЦ "Св. Кирил и Методиј" од Чикаго и хорот "Св. Јован Дамаскин" од МПЦ "Св. Параскева - Петка" од Chicago. Illinois. Навистина беше празник да се биде во МПЦ "Св. Никола", и да се слушне ангелското пеење на сите три црковни хора.
По Вечерната Богослужба, следеше настап на играорните групи, каде преку македонските песни и ора и прекрасната изведба од страна на сите играорни групи беше претставен богатиот македонски фолклор.
Во неделата, на 31-ви Август, во МПЦ "Св. Никола" беше отслужена Света Архиерејска Литургија, на која чинонначалствуваше Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, заедно со надлежниот Архиереј на АКМПЕ, г. Методиј и голем број свештенослужители од епархијата. На Литургијата присуствуваа голем број верници од најразлични краеви на САД и Канада кои се причестија со светите Божествени дарови.
Според програмата на овогодишните собирски манифестации, организацијата "Обединета Македонска Дијаспора" имаше претставување на своите активности поврзани за Македонија.
Вечерта, на свечениот собирски банкет присуствуваа почесните гости од Црковната и државна делегација од Р. Македонија, Претседателот на 62 -то генерално собрание на ОН, г-дин д-р. Срѓан Керим, голем број претставници на дипломатско-конзуларни институции на Р. Македонија во Вашингтон, Детроит, Торонто, претставници на политички партии од New Jersey, конгресменот Бил Паскарел и локалните градоначалници.
Свои обраќања кон присутните имаа надлежниот Архиереј на АКМПЕ - г. Методиј, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, конгресменот Бил Паскарел, како и Премиерот на Р. Македонија, г-дин Никола Груевски.
Со завршувањето на банкетот и Младинската игранка во МПЦ "Св. Кирил и Методиј", беа официјално затворени 34-те собирски манифестации на АКМПЕ.
Домаќин на следниот, 35 -ти, Епархиски Црковно - народен Собор на АКМПЕ е МПЦ "Св. Петар и Павле" од Crown Point, Indiana.
известува: ѓакон Стеван Барјактаров
Посети:{moshits}