На 31. 08. 2008 година, ден недела, по јубилеен 10-ти пат се одржа Групно крштевање во водите на реката Треска, на Матка. Светата тајна - крштение ја примија околу 200 луѓе. Со чинот на осветување на водите на реката Треска и Светата тајна - Крштение чиноначалствуваше Митрополитот Повардарски г. Агатангел, во сослужение на свештеници од Скопската епархија.
Групната крштевка на Матка беше организирана за прв пат во 1998, и под духовно раководство на Митрополитот Агатангел и во организација на хуманитарно-мисионерската дејност „Ѓаконија“ оваа крштевка стана духовен настан, преку кој илјадници души со радост пристапија во православната вера и го примија Господ Бог, Исус Христос за вечна патеводилка во нивните срца.
Чинот започна во 08,30 часот, а најпрво беше извршен чинот огласување, во кој Митрополитот Агатангел ги повика сите оние кои дојдоа за да се крстат да се откажат од сатаната и од сите негови дела и да се соединат со Христа.Потоа сите заедно го прочитаа Символот на верата за да покажат дека веруваат православно.
Откако беа осветени водите на реката Треска, огласените беа помачкани со елејот на радоста и еден по еден влегуваа во реката Треска и во името на Отецот и Синот и Светиот Дух трикратно беа потопени, го примија Светото Крштение и станаа членови на Светата Православна Црква.
Потоа следеше миропомазание
Чинот на групното крштевање на Матка заврши со трпеза на љубовта, каде телесно се насладија сите оние кои се крстија, нивните кумови и останатите гости кои го проследија овој чин.
Посети: {moshits}