Панихида по повод 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев
Денес, по повод одбележувањето 150-годишнината од раѓањето на великиот македонски револуционер Гоце Делчев, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, во сослужение со свештенослужители на Скопската епархија, отслужи Панихида пред Гоцевиот гроб, во дворот на храмот ,,Вознесение Христово” (,,Св. Спас”), крај Скопско кале. На молитвеното застапништво за овој велик син на Македонија, Архиепископот ја произнесе следнава беседа:
Возљубени чеда и почитувачи на Гоце ‒ возљубени во Господа,
На денешен ден, пред 150 години, во македонското семејство Делчеви, во Кукуш, се родил идниот учител, идеолог, организатор, стратег, револуционер и војвода, се родил великиот син на Македонија, се родил Гоце! И еве, по повод неговиот роденден, дојдовме молитвено да го одбележиме денот на неговото раѓање (поклонувајќи се пред неговото избрано почивалиште, за кое и самиот оставил аманет – кога ќе почине неговиот гроб да му биде во престолнината доколку се оствари слободна Македонија); дојдовме да се потсетиме на неговата ретка личност, на неговата незаменлива улога, на неговите неизмерливи заслуги и на сè што е поврзано со неговото име. Дојдовме и на овој ден да му заблагодариме за сè што направи во текот на својот краток, но богат револуционерен животен век. А тој и денес го прави тоа за оние што го почитуваат и го следат!
Но секое доаѓање на неговиот гроб – и на 4 февруари и на 4 мај ‒ треба да биде доаѓање не само за да се дојде и за да бидеме видени дека сме дошле, туку да доаѓаме за да потврдиме дека и во нас живеат идеалите за кои и тој живееше, дека неговите аманети ни служат како наши патокази, дека на неговиот гроб доаѓаме за да се охрабриме со неговиот пример, дека доаѓаме и за да се потсетиме и да се поучиме, дека доаѓаме да се вдахновуваме од неговата непоколеблива верба во победата на правдата, секогаш потсетувајќи се на неговите зборови „дека вистинската слобода на Македонија можат и треба да ѝ ја донесат само Македонците“. А денес, само тие можат и да ја одбранат!
Но, стоејќи пред неговиот гроб, секој од нас да се преиспитаме себеси и своите постапки и однесувања кон она што за Гоцета беше свето и најсвето, да се преиспитаме колку го чуваме и го браниме она на што тој поучуваше и ни го остави како завет за поколенијата по него. Па, имаме ли храброст, овде, пред неговиот гроб, гласно да кажеме што правиме и, не дај Боже, што може да направиме, и со него, и со себеси, како што направивме со името наше, а како што некои се обидуваат да направат и со нашата историја и со сè што е наше македонско? Зошто забораваме дека народ без свое минато, не ќе може да има ни своја иднина?! И каде, и кога, поробениот може да има нешто заедничко со оној кој што го поробил? И што ќе остане од македонскиот народ ако со сите поробители од минатото прифаќа да го дели своето минато? Затоа, војводо, и денес дојдовме да си кажеме дека е потребно почесто да се потсетуваме на твоите пораки, дека е потребно постојано да ги следиме твоите визии, никогаш не заборавајќи дека великаните, каков што си ти, живеат преку својата жртва и преку своите дела. А ти ќе живееш, ќе живее споменот за тебе – и со нашето почитување и со нашето непочитување на сето она за кое ти живееше, за кое се бореше и за кое што и загина!
Возљубени,
Ова време од сите нас неодложно бара да поведеме борба не против некого, туку против себеси и против нашите слабости, да поведеме борба против нашето неединство, против нашите поделби, отпадништва и отстапувања од македонските национални и духовни интереси. Војводо, во име на твојата жртва, во име на жртвите на сите кои се бореа за слобода на Македонија, на сите вас паднатите во сите предилинденски и поилинденски буни, борби, востанија и бранења на Татковината, мораме да сфатиме дека не смееме да продолжиме со бесконечните отстапки пред соседите и со самонегирањето и откажувањето од она што на сите ви беше, а и нам треба да ни биде идеал – слободна Македонија и слободни и признати Македонци, без разлика во кој дел на Македонија или ширум светот живеат!
Војводо, нека ти е вечен споменот!
Правдољубивиот и милостив Господ нека ја чува и нека ни е вечна Македонија!
http://mpc-spe.mk/arhiepiskop/aktivnosti/panihida-goce-2022/