логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка

 

Епископ Партениј, Игумен Бигорски: 25 години монах и свештенослужител


Почитувани љубители на Бигорската Обител,

На голема радост на нашата монашка заедница, деновиве од печат излезе новото книжевно издание на Свештената Бигорска Обител, подготвувано изминатава година: „Епископ Партениј, 25 години монах и свештенослужител“. Денеска, пак, во големата сала за свечености, во присуство на монасите, на монахињите од Рајчица и Пречиста и на затекнатите верници, се одржа промоцијата на истото. Согласно наложените услови поради рапидното распространување на грипот, на промоцијата не беа во можност да присуствуваат најавените гости, меѓу кои беа: Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, промоторот на книгата, Епископот Хераклејски г. Климент, членови од Светиот Синод на МПЦ-ОА, Претседателот на МАНУ и други. Но, затоа монах од нашето братство го прочита пред сите прекрасното, топло и боговдахновено промотивно слово на промоторот на книгата, почитуваниот Епископ Хераклејски и игумен на Светиот Зрзески Манастир, г. Климент, како и писмото од нашиот почитуван Архиепископ г. г. Стефан, упатено кон нашиот старец и игумен, Владиката Партениј, по повод неговиот 50-ти роденден и 25-годишната монашка и свештеничка служба. Од името на братството и сестринствата се обрати нашиот најстар јеромонах, отец Доситеј, кој со кратко слово во монашки дух го претстави овој скромен дар од братството и сестринствата за својот старец и владика.

Во продолжение ви ги пренесуваме во целост: промотивното слово на Епископот Хераклејски г. Климент, писмото од Архиепископот г. г. Стефан и предисловието на книгата, составено од бигорското братство.



Промотивно слово на Епископот

Хераклејски г. Климент


Ваше преосвештенство, почитуван славенику,

Драги монаси и монахињи, браќа и сестри

Книгата „Епископ Партениј, Игумен Бигорски, 25 години монах и свештенослужител“ уредена и издадена од братството на Бигорскиот манастир, излегува во јубилејната година од основањето на оваа свештена обител. Токму овој исклучителен повод, еден милениум од Бигорскиот манастир, беше причина пред две седмици да се собере во ова свештено јадро, севкупниот духовен и државен врв на нашата земја. Во таа прилика, од страна на проминентите авторитети и личности, како од црковниот, така и од општествениот живот, беа изговорени незаборавни празнични говори и јубилејни слова, кои длабоко се врежаа и долго ќе се паметат во нашата лична и соборна меморија.


Епископот Хераклејски г. Климент


Времето ни е дар и милост од Господа, подарено ни е за покајание и за умножување на талантите. Запомнето е дека 2020 лето Господово освен што е еден милениум од основањето на Бигорската свештена обител, истовремено е и 50 години од раѓањето на актуелниот бигорски игумен епископот Антаниски г. Партениј и 25 години од неговото замонашување. Така, бигорската манастирска хроника одбележува три јубилеи. Затоа, празнувањата во Бигорскиот манастир продолжуваат и понатаму, па, еве, денес ви го претставуваме оваа впечатливо дело, замислено како роденденски јубилеен подарок на бигорското братство до својот духовен отец.

Самата книга претставува своевиден биографски приказ на животот и 25 годишното делување на игуменот на Бигорскиот манастир, епископот г. Партениј Антаниски, како во црковната, така и во општествено-социјалната и културната сфера на нашата земја. Како носители на пораките во книгата се јавуваат наменски избраните фотографии од архивот на Бигорскиот манастир, но и фотографиите на Томе Љушев, Саве Богдановски, Стојан Стојановски и Крсте Рембоски. Како дополнување и поткрепа на светлописите, книгата е збогатена со текстуален дел што се состои од биографски податоци и лични видувања на епископот г. Партениј за најголемите настани и процеси од неговиот живот и дејност, како и текстови од неговите беседи, од разговорите искажани на монашките собири – синаксиси. Усогласувањето на фотографиите со текстовите, на визуелното со текстуалното, дава особен белег при разгледувањето на книгата и ја отсликува креативноста на составувачите. Дизајнот на книгата е на господинот Ангеле Мицевски. Како издавач и уредник на изданието се јавува манастирот свети Јован Бигорски и братството што живее и твори во него.

Кога ќе почне да се разгледува и да се чита ова дело, она што најнапред ќе се забележи е тоа дека владиката Партениј пред сè е црковен деец, личност што ги живее таинствата на Црквата во нејзиното време и нејзиниот простор. Тој ѝ служи на онаа Црква што ја препознава и почитува сечија вредност, што нема претензии некому да се наметне, што не е спектакл, ниту постигнување, туку е своевиден гроб, поубав од секоја брачна одаја, во којшто тивко отчукува надежта и верата во воскресението.


Ова дело не е замислено како сумирање на досегашните животни искуства и делување на епископот Партениј, туку, според зборовите на бигорските монаси и уредници на изданието, книгата претставува синовска благодарност за несебичната родителска љубов на владиката кон нив. Минувајќи низ поглавјата на оваа книга, читателот ќе биде пресретнат со чудесна палета на гами, бои и тонови, слики, портрети и сведоштва за едно време исполнето со чудесни збиднувања, средби, богослужби. Од фотографиите на детството од семејниот албум на владиката во битолското семејство Фидановски, ќе ја забележиме топлината на домот, ќе се запознаеме со изворите на неговата дарба за естетика и уметност наследени од неговата мајка. Од нашето око не се скриени ни детските болки и страдања, како и за можноста повторно и по разделбата „да се љуби и да се биде љубен“. Фотографијата од неговиот домашен иконостас во тој социјалистички период, кога Црквата беше поставена на маргините на системот, го изразува континуитетот на евангелските вредности коишто жилаво преживуваат во одредени македонски семејства. Средното богословско училиште во Драчево, како и факултетските денови во Скопје, посведочени низ светлописите ни ја откриваат неговата личност во едно поинакво окружување, кое е зачекорување во храмот Господов и во трпеливото учење на Неговата наука. Неговиот престој во Григоријатскиот манастир на Света Гора, во деведесеттите години на минатиот век, покажува дека неговата душа не се наситила од теоријата и книгите, туку посакала да пие вода од изворот, од пулсирачкото живо предание на атонските монаси. Божјата промисла го носи пред светлиот лик на григоријатскиот игумен старецот Георгиј Капсанис, кој има личен влог за духовниот развој на дел од првите македонски монаси, меѓу кои е и владиката Партениј. Враќањето во татковината и започнувањето на неговиот монашки живот во 1995 г. во еден од најубавите македонски манастири, во домот на Претечата, е со благослов на надлежниот епархиски архиереј Митрополитот Дебарско-Кичевски г. Тимотеј, од кого го добива монашкиот потстриг и сите понатамошни чинови и степени. Подигнувањето на монашкиот крст во тој период подразбира зафаќање со првата макотрпна обнова на Бигорскиот манастир, со многубројни средби и нови почетоци, со обнова на светоотечкото предание. Тоа е период на првите плодови на делотворното покајание на нашиот народ, односно на доаѓањето на првите монаси во манастирот и формирањето на бигорското братство, а подоцна и на сестринството во манастирот Рајчица. Материјалната обнова е проследена со труд и големи жртви, но отсјајува со архитектонско-стилски и врвни естетски параметри. Духовната обнова, пак, е вткаена во светопредански критериуми и носи автохтони белези карактеристични за нашето поднебје. Поглавје во книгата е посветено и за пожарот што на 30 септември 2009 г. зафати дел од Бигорскиот манастир. Големото огнено искушение ја најавува втората градителска обнова, помогната од несебичната грижа на нашиот благочестив народ за духовните македонски светилишта. И сите овие поглавја, сите овие фотографии се поврзани со еден етос, а тоа е аскетско-евхаристискиот. Низ сите премрежија посведочени во книгата, таквиот етос непрестајно пулсира во манастирите за коишто духовно се грижи бигорскиот возобновител. Токму таквиот подвижничко-благодарствен етос е вдахновението и силата да се продолжи со носењето на својот крст. Овој етос подразбира служење на Бога и грижа за ближниот, за оскрбениот, за обременетиот, за повредениот, за маргинализираниот. Едно од поглавјата ја расветлува мисијата на отец Партениј кон општествено-социјалниот живот во нашата земја, кон луѓето што страдаат, но и кон оние што се радуваат, кон најмладите, како и кон повозрасните, кон здравите, но и кон болните. Посведочено е и чувството што овој бигорски игумен го има кон македонската народната традиција, изворниот народен мелос и кон народните носии. Неговиот интерес за приближување на духовните евангелски пораки кон македонската културна јавност се гледа во организирањето на концерти со вокали од соседните земји, преку содржинско збогатување со црковен мелос на македонската музичка сцена, континуирано подржана со проекти од страна на Бигорскиот манастир. Во поглавјето со поклоничките патувања и средбите со црковните великодостојници ширум православната екумена, централно место е посветено на средбите со Неговата Сесветост Вселенскиот патријарх Вартоломеј, со други поглавари, со митрополити и епископи од сестринските цркви, со политичките лидери од соседните православни земји, со познати духовници, монаси, монахињи, со размена на средби и разговори и духовни поуки. Фото-прошетката низ овој дел ги преминува границите од нашата земја и ги објавува пријателите на г. Партениј и Бигорскиот манастир, пријателите на нашите Црква и народ. Релевантни црковни и општествени фактори го препознале трудот на бигорскиот духовник и го одликувале со награди и признанија. Следејќи и вреднувајќи ја богатата духовна и општествена дејност на отец Партениј, на предлог на митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија го бира за викарен епископ со титула епископ Антаниски. Настанот од неговата хиротонија јасно е поставен низ фотографии и поткрепен со текст во последното поглавје од книгата.


Ова дело ни ги открива луѓето, окружувањата, местата, објектите, екстериерот и ентериерот, пејзажите и релјефите што во одреден временски период биле, а некои од нив сè уште се дел од животот и делувањето на владиката Партениј. Низ страниците од книгата, хронолошки, од првата до педесеттата година од неговиот живот, е претставена личноста на овој наш духовник, речиси во сите нијанси, би рекол, во една исповедна, дури детална и богата со сентимент форма на израз. Таквиот приказ буди восхит и своевидна емотивност и емпатија, и го издигнува читателот во сферите на духовната перспектива. Потребно е да се истакне дека ова дело започнува со предговорот составен од Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, кој со внимателно избрани зборови филигрански испишува една роденденска честитка за педесетгодишниот славеник, кој половина од животот е монах и свештенослужител, а од овој Петровден и епископ на Црквата. Веднаш по неговиот предговор се среќаваме со јасните зборови на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот г. Тимотеј искажани за оваа фото-биографија. Во продолжение следи предисловието од составувачите што се обраќаат до читателите а живописниот поговор од име на авторите и составувачите на книгата е подготвен од м-р Влатко Деловски.

Вредноста на книгата „Епископ Партениј, Игумен Бигорски, 25 години монах и свештенослужител“ е повеќеслојна и може да биде согледувана од повеќе аспекти. Но, она пред што секој добронамерен читател ќе затрепери разгледувајќи ги нејзините страници се фактите на делотворната пастирска љубов на овој наш неуморен духовен деец. Речиси неверојатни се резултатите од неговото 25 годишно делување во реканскиот крај, посведочени низ фотографии и текст во книгата. Од материјалното обновување на манастирот свети Јован Бигорски, Раичкиот метох, но и метосите и скитовите што гравитираат околу манастирот, до обновата на монашкиот живот во истите, како и во манастирите Пречиста Кичевска и Кнежино, возобновувањето на монашките послушанија во овие братства и сестринства, милозвучното источно пеење, грижата за велелепието во богослуженијата, обновата на потиснатите од заборавот традиционални вештини и манастирски техники, па сè до згрижувањето на зависниците и нивна ресоцијализација во општеството, ќе констатираме дека им нема број на делата што живо сведочат за личноста опишана во оваа книга.

Драг Владико, нека Ви е честит педесетгодишниот роденден и јубилејот 25 години монашки живот. Ви посакувам крепко здравје, бодар дух и виталност, за да продолжите со двојна усилба и труд, во годините што Ви претстојат, смирено и енергично да дејствувате на нивата Господова. Од оваа година почнувате да ја испишувате Вашата епископска хроника, којашто се надевам дека ќе биде исполнета со нови содржини, како од Вашите активности и дела, така и од претстојните јубилеи и годишнини. На многаја и благаја лета!

Поздравно писмо од Архиепископот г. г. Стефан


Зашто ја знам вашата ревност, со која се фалам со вас  (2 Кор. 9,2)

Ваше Преосвештенство,

Благоволејќи да се родиме и да живееме во светот, Семилостивот Бог промислува секогаш за нашето спасение и за начинот како ќе дојдеме до Царството Небесно.


Архиепископ Охридски и Македонски, г.г.Стефан
Вам Ви одредил добра работа (1. Тим 3, 1), но не само заради најновиот призив во кој влеговте по благоволението на нашата Света Црква, туку заради Вашиот долгогодишен монашки, пред сѐ духовнички призив. Несомнено, гледајќи во плодовите на последните 25 години од Вашиот живот, коишто претставуваат половина од Вашиот педесетлетен животен век, можеме да истакнеме изобилни дела и добра, во слава на Бога и за добробитот на нашата света Македонска православна црква – Охридска Архиепископија и на нашиот православен народ. И сета оваа делателна биографија, содржана од духовно и материјално градење, може да се собере во зборот жртва – дека Вие, Преосветен владико, Вашиот живот го принесовте како жртва за Бога, за нашата Помесна Црква и за македонскиот народ. Во Вашето дело се препознава ревносен континуитет, работејќи дење и ноќе… проповедајќи го Божјото Евангелие со многу труд (1 Сол. 22).

Честитајќи Ви го педесеттиот роденден, Го молиме Милостивиот Бог да Ве дарува со уште многу сили за да му служите добро и Нему и на нашата Света Црква.

Долгоденствувај, Владико свет!


АРХИЕПИСКОП ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ
СТЕФАН


Предисловие на книгата „Епископ Партениј, Игумен Бигорски, 25 години монах и свештенослужител“


Возљубени читатели,

Можеби една од најтешките работи за монасите е да пишуваат за својот Духовен татко и Старец. Не затоа што не би знаеле што да напишат – иако има вистина и во тоа дека не знаат нешто многу, затоа што духовниот свет е скриен за човечките очи – ами зашто дури и она што го гледаат и го знаат, не се сигурни колку и на кој начин да го опишат. И сето тоа бидејќи, како што често ни повторувал Старецот, односот помеѓу Старецот и монасите и обратно – е Света Тајна. Нешто што не може во целост да се објасни со збор ниту да се сфати со разум. Како што и љубовта Христова и Неговата жртва на Крстот за нас остануваат тајна, слично и таа врска на духовната љубов меѓу Старецот и неговите монашки рожби останува свештено таинство во Црквата Христова.



Така, за нашиот Старец и Игумен, Епископот г. Партениј, би можеле да пишуваме прилично многу од својот сопствен опит, од „она што го чувме, она што со очите свои го видовме, што го разгледавме и што рацете наши го опипаа“. Да ви кажеме за неговото смирување докрај, служејќи ни на сите како последен; за неговата несфатлива самопожртвуваност како услов за нашата радост, без притоа да ја спомнуваа таа жртва, туку само да благодари дека Господ му подарил добри чеда; за неговата мудра, ненаметлива и скриена снисходливост кон нас кога сме паднати, гневни или тажни, дотаму,  да нѐ уверува дека секој еден од нас му е неопходен и дека многу му помага; за тоа сочувствување со нашите слабости и за најголемата префинетост на љубовта, со која нѐ поправа кога ќе сме завладеани од егоизмот; за тоа кога забележува дека некого осудуваме и сме надмени, а тој ни бара прошка за неговите грешки, поучувајќи нѐ така на смирение; за тоа како ден и ноќ бдее над нашите срца, со внимание, со татковска грижа и со мајчинска будност и лекува со милост; за тоа како секојдневно ни вели: „ви благодарам што ми помагате, што ме сакате, оти јас не го заслужувам тоа, простете ми…“ И за многу други нешта, „кои не би можеле да се сместат во многу напишани книги“.

Затоа, не сакајќи да останеме без никаква реч, туку да оставиме едно макар и најмало сведоштво за неговиот досегашен крстовоскресен живот, ја составивме оваа скромна книга со фотографии од разни моменти од неговиот живот и кратки соодветни текстови. Поводите за издавањето на книгата се достојни за спомнување и одбележување: 1000 години од основањето на Свештената Бигорска Обител, 50 години од раѓањето по плот на Старецот и 25 години од неговата монашка и свештенослужителска дејност. Впрочем, на 21 мај оваа година, на споменот на Апостолот на Љубовта, Светиот Јован Богослов, Отец Партениј беше едногласно избран за Епископ на МПЦ-ОА, со титулата Антаниски. Торжествената хиротонија во присуство на огромно мноштво верници, пријатели и почитувачи на Старецот, се одржа во храмот на Премудроста Божја, Света Софија во светителородниот град Охрид, на денот на Светите Првоврховни Апостоли Петар и Павле, што се совпадна со денот на упокојувањето на Преподобниот Паисиј Светогорец – истиот кој некогаш боговдахновено му беше претскажал за неговото игуменство. Со оваа книга, следствено, се затвора едно големо поглавје од многуплодниот живот на нашиот духовен татко и затоа, таа го носи насловот: Епископ Партениј, Игумен Бигорски: 25 години монах и свештенослужител. Смирено Го молиме Спасителот Христос да нѐ удостои со уште многу слични на овој јубилеи за нашиот Владика, Игумен и Старец.

Книгава, значи, го опфаќа животното течение на Владиката Партениј, од неговото раѓање до стапувањето во Епископскиот чин. Притоа, местото на првичен преносител на пораките го имаат бројните фотографии, но не помалку впечатлив е и текстуалниот дел, кој се состои, главно, од кратки биографски податоци и лични видувања на Старецот за најголемите настани и процеси од неговиот живот и дејност, искажани преку беседи, разговори, синаксиси со браќата.

Во една прилика, говорејќи им на монасите за жртвата што треба да ја прави монахот, Старецот, меѓу другото, вдахновено го дефинираше монашкиот подвиг:

„Монахот е жртва сепаленица. Зашто, тој не остава ништо за себе, туку сè Му предава на Бога. Исто како што при жртвопринесувањето во Стариот Завет, од најсветата жртва не требало да остане ништо, туку морало сè да изгори за таа да биде прифатена и благопријатна. Таа била најголемата жртва за Бога што се принесувала во Старозаветната епоха. Се нарекувала сепаленица, ὁλοκαύτωμα на грчки, или всесожегáемая на славјански. Е, монахот е токму тоа – даваш сè за Бога. Без да оставиш ништо за себе. Гориш на мисловниот жртвеник, пред олтарот на Небесниот Цар, како восочна свеќа докрај!“

Со чувство на синовска благодарност за неговата родителска љубов кон нас, ќе заклучиме дека овие зборови во целост се сообразуват со христољубивиот живот на нашиот Старец, сега Епископ Партениј Антаниски и Игумен на Свештената Бигорска Обител.

Накрај, бараме прошка од Старецот Владика и од сите читатели, за ненамерните пропусти и грешки, како и за нашата неспособност достојно да му се заблагодариме на оној кој духовно нѐ родил и нѐ води во Христа – „Вечното веселие“.



Црнорисците на Свештената Бигорска Обител



Црнорисците на Свештената Бигорска Обител

 Promocija-na-kniga-Episkop-Partenij-4

 Promocija-na-kniga-Episkop-Partenij-7

 Promocija-na-kniga-Episkop-Partenij-5

 Promocija-na-kniga-Episkop-Partenij-2

Promocija-na-kniga-Episkop-Partenij-14

Promocija-na-kniga-Episkop-Partenij-18

 

Promocija-na-kniga-Episkop-Partenij-21

 

 Извор:

https://bigorski.org.mk/vesti/nastani/episkop-partenij-igumen-bigorski-25-godini-monah-i-sveshtenosluzhitel/

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

https://bigorski.org.mk/vesti/nastani/episkop-partenij-igumen-bigorski-25-godini-monah-i-sveshtenosluzhitel/

 

 



dobrotoljubie

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Беседи

Која е таа цел?

Која е таа цел?

„За жал, постои незнаење кај луѓето што се надвор од Црквата, но и кај многумина што се во Црквата.Тие мислат дека целта на нашиот живот е, во најдобар случај, само...

Жарко Ѓорѓиевски: Беседа,13. октомври 2024 година

Жарко Ѓорѓиевски: Беседа,13. октомври 2024 година

Како што постојат места на земјата на кои успева само еден вид растение и нема такви други места на кои истото растение би растело, така и во Црквата Христова постои...

 Aрхим. Георги Капсанис: ВО ЗНАК НА НАШАТА ЉУБОВ

Aрхим. Георги Капсанис: ВО ЗНАК НА НАШАТА ЉУБОВ

Незамисливо е да се биде христијанин без подвиг и крст. Оној што води лесен живот не може да се нарече христијанин. Некои луѓе отсекогаш верувале дека христијанин е оној кој...

Отец Александар Шмеман: Воздвижение на Чесниот Крст

Отец Александар Шмеман: Воздвижение на Чесниот Крст

Тоа бил празникот на христијанското царство, кое се родило под закрилата на Крстот, во денот кога царот Константин го видел Крстот над кој пишувало:: „Со ова ќе победиш…” Тоа е...

Митрополит Софрониј - ПРОПОВЕД ЗА РОЖДЕСТВО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

Митрополит Софрониј - ПРОПОВЕД ЗА РОЖДЕСТВО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

Во Ветената земја - Палестина, дадена на израилскиот народ од Бога, во планините на Галилеја се наоѓа градот Назарет. Во тоа време тој бил толку непознат и малку важен, што...

Свети Јован Крстител беше испратен од Бог да ги повика луѓето на покајание

Свети Јован Крстител беше испратен од Бог да ги повика луѓето на покајание

Самиот тој, со својот начин на живот, е олицетворение на покајанието. И нормално, не би ни можел да биде повикан од Бог да проповеда покајание ако целата негова сила не...

БОГОРОДИЦА

БОГОРОДИЦА

„Испитувајќи што му е најпотребно на молитвеникот за да беседи со Бог, по кој пат доаѓа молитвата, Богородица го пронаоѓа свештеното тихување..., оддалеченост од светот, заборав на сè земно и...

Св. Јован Кронштатски - Слово на денот на Успение на Пресвета Богородица

Св. Јован Кронштатски - Слово на денот на Успение на Пресвета Богородица

И колку славно било Нејзиното успение! Со каква светлина сјаело Нејзиното пречисто лице. Колку прекрасно, неописливо, неспоресливо благоухание извирало од нејзиното пречисто, приснодевствено тело, како што пишува св. Дионисиј Ареопагит,...

Свети Лука (Војно - Јасеницки): СЛОВО ЗА УСПЕНИЕТО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

Свети Лука (Војно - Јасеницки): СЛОВО ЗА УСПЕНИЕТО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

Многу е важно правилно да разбереме и да ги запомниме зборовите на тропарот на великиот празник на Успението на Пресвета Богородица: „... По Успението не си го оставила светот, Богородице...’’.Нејзината...

« »

Православен календар (2)

 

28/12/2024 - сабота

Божикен пост (пост на масло)

+Светиот свештеномаченик Елевтериј; Свети Стефан Исповедник Сурожски; Преподобен Павле во Латра; Преподобен Пард Отшелник;
Правила и одредби на Православната Црква за постот
Православен календар за овој месец - МПЦ

Кожувчанка

Молитви кон Пресвета Богородица за секој ден во седмицата

 Радувај се, Ти Која од ангелот ја прими радоста на добрата вест дека Бог Слово ќе прими тело од Тебе! Радувај се оти го носеше Создателот во Твојата утроба! Радувај се Ти Која го роди Бога во тело, Спасителот на светот! Повеќе...

Тропар

Тропар на светиот Божји пророк Агеј 16 декември / 29 декември 2024

Тропар на светиот Божји пророк Агеј 16 декември / 29 декември 2024

Глас 2Агее свети пророче, ти кој поведен беше, храмот Господов духовно да го осознаеш, оној кој човек не го гради,туку Господ...

Тропар на светиот Христов свештеномаченик Елевтериј Илирски и неговата мајка Антија 15 декември / 28 декември 2024

Тропар на светиот Христов свештеномаченик Елевтериј Илирски и неговата мајка Антија 15 декември / 28 декември 2024

Глас 3Свети свештеномачениче Елевтерие,ти кој ѕверови скротуваше, со благодат Божја срца човечки лекуваше,Христос преку тебе луѓе во ангели приведе

Тропар на светите Христови маченици Тирс, Левкиј, Калиник, Филимон, Аполониј и други со нив 14 декември / 27 декември 2024

Тропар на светите Христови маченици Тирс, Левкиј, Калиник, Филимон, Аполониј и други со нив 14 декември / 27 декември 2024

Маченици свети Христови, вие кои со благодат Господова огнот во вас го скротивте,  а силата негова во ревност за Бога ја...

Духовната убавина на Богородица се пројавува и во моментот на Распнувањето на Нејзиниот Син

Тебе, Богородице поборнице – војвотко, ние слугите Твои, откако се избавивме од зло, Ти пееме победни и благодарствени песни. Ти имаш сила непобедна, од секакви опасности ослободи не за да Ти пееме : Радуј се, Невесто Неневесна! Повеќе...

Болестите според светоотечкото учење

Значи, не се надевај на лекарска вештина без благодат и не ја отфрлај своеволно, туку моли Го Бога да ја спознаеш причината за казната, а потоа моли за избавување од немоќта, трпејќи сечење, горење, горчливи лекови и сите лекарски казни Повеќе...

Свети Лука Симтерополски: Архиепископ и хирург

Едноставно е да се претпостави дека професорот – епископ, соединувајќи го во своите раце крстот и скалпелот, ги порази современиците токму со тоа необично соединување на двете разновидни сфери на активност.  Повеќе...

Духовни поуки: „Помоли се за мене“

Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш - ќе успееш и во едното и во другото. Повеќе...

Живот без стрес

Ако разбереме што се крие зад стресот, ако ја видиме лагата, која што се крие зад него, на крајот ќе увидиме дека не постои причина за да бидеме во стрес.. Повеќе...

Митрополит Струмички Наум - Да пораснеме барем до Стариот Завет

И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака. Повеќе...

Епископ Тихон Шевкунов: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“

Несвети, а свети. Луѓе, кои навидум живееле во нашето секојдневие, се соочувале со проблемите со кои ние се судираме, боледувале од болести од кои ние боледуваме, често осудувани од околината, а сепак, не биле секојдневни. Луѓе, кои не се на иконите, но го предавале животот од иконите во сите нивни дела, зборови, мисли. Луѓе, за кои тишината прозборила дека се свети.  Повеќе...

ГОЛЕМАТА ТАЈНА НА ДИВЕЕВО - Кој ќе доживее, ќе види

Како дополнување на оваа тајна, еве што слушнав од устата на 84-годишната игуманија на манастирот Дивеево, Марија. Бев кај неа во почетокот на 1903 година веднаш по канонизирањето на преподобниот Серафим и заминувањето на царското семејство од Дивеево. Повеќе...

Арх. Калиник Мавролеон: Монологот БОЖЈИ

 

Те гледав кога се разбуди угрово. Чекав да ми кажеш два-три збора, да се заблагодариш за се што ти се случува, да побараш мое мислење за се што треба да правиш денес. Повеќе...

За Моето име

Поуки на грузискиот Старец Гаврил Ургебадзе за последните времиња

 

„Ѓаволот има 666 мрежи. Во времето на антихристот луѓето ќе очекуваат спасение од космосот. Тоа ќе биде и најголемата замка на ѓаволот: човештвот ќе бара помош од вонземјаните, не знаејќи дека тоа се, всушност. – демони.“ Повеќе...

Взбранной Воеводе победительная