14 април/27 април 2019 лето Господово
Денеска во попладневните часови на аеродромот во Скопје, со бугарскиот државен авион „Фалкон“ пристигна Благодатниот оган, којшто беше пречекан од нашиот Архиепископ Охридски и Македонски г. г. Стефан, Митрополитот Брегалнички г. Иларион и бројно духовенство од нашата Црква. Овој голем Божји благослов од Христовиот Гроб во Ерусалим пристигна кај нас преку Софија, а го донесе епископот г. Јаков Стобиски. Имено, за прв пат епископ на МПЦ – Охридска архиепископија присуствуваше во Светата Земја во мигот кога слезе Благодатниот оган, заедно со црковната делегација на Бугарската православна црква.
„Нека Бог нѐ закрилува и вдахновува, за да можеме и ние да се поздравиме со пасхалниот поздрав: Христос Воскресе“ – изјави старозагорскиот митрополит Кипријан, предводник на делегацијата во Светиот Град. Тој му заблагодари на патријархот Нефит и на МПЦ- Охридска Архиепископија, којашто дозволила за прв пат со бугарската делегација да патува и епископот Јаков Стобиски. Благодарност беше искажана и до бугарскиот премиер Бојко Борисов кој дозволил за оваа цел да се ползува државниот „Фалкон“.
Во заклучокот старозагорскиот митрополит им посака добри желби на сите, а исто така „за последен пат Македонската православна црква да пролева солзи“, да го продолжи своето закрепнување.
„За нас МПЦ-ОА навистина е тешко во новата историја. Во лицето на Крипијан најдов вистински духовен брат, а љубовта, кога е во симбиоза, дише заедно со слободата. Но некои ја разбираат љубовта – да вршиш притисок врз другиот, да не ја почитуваш неговата слобода. Но љубовта подразбира да го сакаш и го оставиш да живее слободно“ – изјави македонскиот епископ Јаков Стобски.
На скопскиот аеродром, со благослов на нашиот Старец, Архимандрит Партениј, беше испратен и јеромонах од нашето братство за да го донесе благословот од Светиот Гроб и во Бигорската Обител.
Извор: Бигорски манастир