„Стариот закон, Пречиста, преславно те предвидуваше како скинија и божествен сад, необичен Ковчег и царска завеса, и жезол, храм неразрушлив и врата Божја. Затоа нѐ учат да ти викаме: Навистина си повозвишена од сите, Дево Пречиста“ (песна од канонот на Утрена на Воведение на Пресвета Богородица - Пречиста).
На 04.12.2018 година, на празникот Воведение во храмот на Пресветата Владичица наша Богородица - Пречиста, во храмот „Успение на Пресвета Богородица - Каменско“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофорите Никола Христоски и Ристо Ристовски, свештениците Димче Азески, Горан Ставрески, Ѓорѓи Блажевски, Љупчо Бакрачески и Сашо Целески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа, која ви ја пренесуваме во целост.
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.
Драги браќа и сестри,
Денеска се исполнуваат пророчките зборови на царот и пророк Давид за света Богородица, кој вели: „Чуј, ќерко... заборави го твојот народ и домот на таткото твој... зашто Царот ја посака твојата убавина"(Пс 44, 10 – 11). Денеска света Дева Марија, како тригодишно девојче се внесува во домот Божји. Се внесува во Ерусалимскиот храм, за да го посвети сиот свој живот на Бога и Создателот на светот. Денеска таа ги напушта таткото и мајката, роднините и пријателите, за да се посвети и да Му угоди на Бога, а преку тоа, да го привлече на себе Божјото благоволение.
Секој што сака да Му угоди на Бога, треба да ги остави сите овоземни дела и да го посвети својот живот на Бога, уште од младини. За жал, има луѓе коишто мислат дека може да Му се угоди на Бога, а во исто време, да не се откажат од сите овоземни страсти и сласти. Но, тоа е голема заблуда. Самиот Бог вели: Не ја давам славата на друг, бидејќи не го сакам разделеното срце. Не може да не се гневам, кога гледам како се смешуваат светските нешта со човековата душа, за којашто ја пролив Својата крв. Затоа, не е возможно да Му се угоди на Бога, ако Го сакаме Бога со половина срце, а со другата половина ги сакаме светските нешта. Светите отци велат: Каква полза ќе имаме ако со една рака градиме црква а со другата ги соблекуваме сиромасите, или, пак, со една рака даваме милостина, а со другата крадеме и грабаме. Каква полза ќе имаме ако постиме телесно, а со јазикот ги јадеме живи нашите блиски? Уште во Стариот завет Исус син Сирахов вели: „Тешко им на плашливите срца, на обесхрабрени раце и на грешник, кој оди по две патеки" (Сирах 2, 12). Исто и пророкот Осија вели: „Разделено е срцето нивно, и затоа ќе бидат казнети" (Ос 10, 2). Така и ние, како христијани, ако сакаме да го почитуваме и љубиме Бога, треба да се откажеме од сите овоземни сласти и страсти, затоа што и Самиот Господ Исус Христос вели: „Кој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, и нека го земе крстот свој и нека оди по Мене" (Мк 8, 34).
Овие зборови на нашиот Спасител нè упатуваат и нè поучуваат да се откажеме од лошите патишта. Да се откажеме од страстите и од гревот. Да ги отфрлиме сите нешта кои нè привлекуваат кон земните задоволства и кои нè оддалечуваат од Христовиот пат, од патот на светата Црква, од патот којшто води кон царството небесно. Сето тоа може да се постигне, ако ние, уште од рана младост се утврдиме во верата, во правдата и во вистината. Тогаш, кога ќе пораснеме, ќе знаеме како да живееме чесен и достоинствен христијански живот. Сите искушенија и препреки во нашиот живот, кои неминовно ќе нè следат во нашиот од, полесно ќе можеме да ги пребродуваме. Имајќи во предвид дека Бог е милостив, човек може и на стари години да побара прошка од Бога. Он, како милостив, ќе нè помилува. Но, подобро е да Го следиме Христа уште од младини, како што Го следеле многу праведни души, а особено Неговата мајка, светата Дева Марија. Таа уште од најмали години се предала на волјата Божја и на слушање на словото Божјо и целосно живеела и постапувала според волјата Божја. Затоа, таа ќе биде удостоена да Го роди Спасителот на светот Господа Исуса Христа.
Па и ние денеска, кои се наоѓаме во овој свет храм и прославувајќи го нејзиното влегување во Ерусалимскиот храм, да ѝ се обратиме со искрена молитва. Да Го моли нејзиниот Син и наш Спасител, Господ Исус Христос. Да ни ја зацврсти верата и умножи љубовта. Да одиме по Христовиот пат и да измолиме милост Божја. Благословот Божји, пак, да биде со нас и да спечалиме вечен и блажен живот, сега и во сета вечност. Амин!
Повеќе
Воведение на Пресвета Богородица во Ерусалимскиот храм
04.12.2018 год.
Храм „Успение на Пресвета Богородица - Каменско" – Охрид