На 04.02.2017 година, на празникот на светиот апостол Тимотеј, а по повод именденот на нашиот Митрополит Тимотеј, во манастирот „Св. Климент и Пантелејмон“ на Плаошник во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофор Димче Ѓорѓиески, протоерејот Никола Христоски, свештениците Владо Недески, Ѓорѓи Блажевски и Љупчо Бакрачески, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Сашо Целески.
По завршувањето на Литургијата, со благослов на Митрополитот Тимотеј, свештеникот Владо Недески се обрати кон верниот народ со пригодно слово, во кое се задржа на животот на светиот апостол Тимотеј, на подвигот и жртвата на апостолите, кои подоцна се отсликуваат и врз епископите како нивни верни наследници. Отец Владо, во името на верниот народ и свештенството, му го честита именденот на нашиот духовен возглавител, со желба и молитва Господ да му дава сила и мудрост и да биде син на верата, онака како што и светиот апостол Павле го нарече апостолот Тимотеј. Потоа беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј им подели нафора на своите верни чеда. Од името на сето свештенство, монаштвото и верниот народ од нашата Епархија, му го честитаме именденот на Митрополитот Тимотеј и се молиме на Господа уште долги години да го слави овој ден и мудро и верно, како и досега, да го води нашиот народ.
На многаја лета, Високопреосвешптени Владико!
Извор: Дебарско- кичевска епархија