Скопје, 11-ти ноември 2016год.- храм на св. пророк Илија, н. Аеродром
Преподобната маченичка Анастасија Римјанка
Родена е во Рим од благородни родители и остана сираче кога имаше три години. Како сираче ја одгледаа во еден женски манастир во близина на Рим, каде што игуманија беше некоја Софија, монахиња на висок степен на совршенство. По седумнаесет години Анастасија се прочу меѓу христијаните наоколу како голема подвижничка, а меѓу незнабожците како ретка убавица. Незнабожниот градоначалник Проб слушна за неа и испрати војници да ја доведат. Нејзината игуманија два часа ја советуваше како да ја држи верата, да им одолее на ласкавтите измами и да ги истрпи маките. Анастасија ѝ рече: „Готово е срцето мое да пострадам за Христа, готова е душата моја да умре за преслаткиот Исус“. Изведена пред кнезот, Анастасија јавно ја исповеда својата вера во Господ Исус Христос. А кога кнезот ја одвраќаше од верата најпрво со ласакња, а потоа со закани, Светата маченичка му рече: „Подготвена сум да умрам за Господа не еднаш, туку ако е можно и стопати.“ Кога ја разголеа за да ја исмеат, таа им викаше на слугите: „Бијте ме и сечете ме и растргнете ме и покријте го со рани моето тело и скријте го со крв мојот срам!“ Ја биеја, растргнуваа и ја сечеа. На двапати почувствува голема жед и побара вода. Ја напои еден христијанин Кирил, заради што маченичката го благослови, а незнабожците го убија. Ѝ ги отсекоа градите и јазикот. Ѝ се јавуваше Ангел Божји и ја крепеше. Најпосле ја убија со меч надвор од градот. Блажената игуманија Софија го најде нејзиното тело и чесно го погреба. Се овенча со маченички венец во времето на царот Декиј.
Во дваесет и првата недела по Педесетница, кога Светата Црква молитвено го празнува споменот на Преподобната маченичка Анастасија Римјанка, во храмот кој го носи името на св.пророк Илија, во скопската населба Аеродро, свешеникот Диме Малинов отслужи Божествена Литургија. На Литургијата верниот народ се причести со Светите Христови Тајни. По Литургијата отецот ослужи мал петочен водосвет.
Оној кој нема молитва чиста од помисли, нема оружје за одбрана. Зборувам за молитвата што постојано дејствува во внатрешноста на душата, за молитвата во која со повикување на Христос се поразува и се спалува непријателот кој тајно војува.- Свети Исихиј Ерусалимски
Преминпортал (к.т.)