Православните храмови преполни со верници
Елена Ацевска Коментари (0)
26.04.2008 19:10
Благоја Ацевски
Православните храмови утрово беа преполни со верници. Денеска е Велика Сабота. Во предвечерието на Велигден во сите цркви се одржуваше литургија.
Стотици граѓани палеа свеќи за здравје и земаа крстена вода. Други, пак, во редици чекаа да ја земат светата причест. Право имаа оние кои изминативе денови постеа.
„Припремата се состои во воздржување од јака храна, од алкохол и воздржување од лоши зборови. Постиме и со телото, но и со душата и со умот и со разумот“, изјави Благоја Ацевски, протојереј ставрофор.
Од вчера во сите православни храмови е поставена и Света Плаштеница која го симболизира гробот на Исус Христос. Граѓаните се протнуваа низ неа за здравје.
„Со силна вера во Бога, барајќи од него исполнување на нивните благороди, добронамерни, чесни желби, поминуваат всушност под гробот Христов со молба за исполнување на нивните желби за здравје и за спасение“, додаде Ацевски.
Утре е Велигден, најголемиот христијански празник кога се слави Христовото Воскресение. Со тоа завршуваат и седумнеделните пости.
Православните верници од утре се поздравуваат со „Христос воскресе, навистина воскресе“.