![](http://www.preminportal.com.mk/images/Vesti07/svetlina2.jpg)
Во пресрет на големите православни христијански празници, посветени на Светите апостоли Петар и Павле, Повардарската епархија за верниците го подготви и го издаде вториот број од списанието „Православна Светлина“, во кое се содржани теми од православната вера, култура и образование.
И во овој број, како и во првиот, (кој излезе од печат непосредно пред најголемиот христијански празник Велигден), во списанието се обработени теми од учењето на нашата Мајка Црква , со цел да ги спознаеме позитивните моменти од нив и да се обидеме да ги примениме во нашиот живот, а со цел уште повеќе да ја зацврстиме нашата заедница со Бога и меѓу нас самите, да ги спознаеме и примиме Божјите добрини и убавини, за полесно да го пронајдеме своето смирение.
Новиот број на „Православна Светлина“ содржи 44 страни, во кои се обработени вкупно 18 теми. Примерокот е бесплатен, а може да се најде во седиштата на Архиерејските намесништва на Повардарската епархија во градовите:
Велес - Соборен храм „Св. вмч. Пантелејмон“, „Успение на Пресвета Богородица“, „Св. Спас“ ;
Кавадарци - Соборен храм „Св. Димитрија“
Неготино - Соборен храм „Св. Атанасиј“
Гевгелија - Соборен храм „Св. Кирил и Методиј“.
Истовремено со објавувањето на вториот број на „Православна Светлина“, започна да функционира и интернет страната на Повардарската епархија со домен www.povardarska-eparhija.org.mk, во која, пак, ќе можете да се информирате за сите новости и информации од Повардарската епархија на Македонската православна црква.