„Праксата на умната молитва е да се присилуваш себеси да ја кажуваш молитвата гласно и непрекинато. На почетокот настојувај брзо, за да не стигне умот да состави помисла којашто расејува. Сосредоточи се само на зборовите „Господи Исусе Христе помилуј ме“. По извесно време се свикнува и умот, така што сам ја кажува молитвата. Ќе се насладуваш како да имаш мед во својата уста. И секогаш постојано да ја изговараш молитвата. Ако престанеш, многу ќе се растажиш.
Кога умот ќе се навикне, кога ќе се насити и кога ќе ја научи, тогаш ја испраќа во срцето, бидејќи умот е хранител на душата и сè добро или лошо што ќе види или слушне, го внесува во срцето каде што се наоѓа центарот на духовните и телесните сили на човекот, каде што е престолот на умот. Значи, оној што се моли ако го зауздува својот ум да не фантазира ништо, туку да внимава само на молитвените зборови и тогаш лесно дишејќи со присилба на својата волја, го симнува во срцето и го држи внатре (како осуден во затвор) и ја кажува молитвата во ритам „Господи Исусе Христе помилуј ме“. На почеток ја кажува четири до пет пати и еднаш зема воздух. Подоцна, кога умот ќе се навикне да стои во срцето, на секое вдишување кажува една молитва. На „Господи Исусе Христе“ вдушува, на „помилуј ме“ издишува. Ова се случува сè додека не го осени и не почне да дејствува благодатта внатре во душата. Потоа следува созерцанието. Значи, молитвата се кажува секаде. И седнат, и легнат, и одејќи, и стоејќи. Непрестајно молете се, за сè благодарете, вели апостол Павле.“ (Светиот Старец Јосиф Спилеот)
Извор: МПЦ-ОА