Кондак, глас 2.
На небесата гледајќи ја Божјата слава, а на земјата давајќи благодат од висините, началнику на ангелите, мудри Гаврииле, на Боќјата слава служителу, и на светото божествен бранителу, спасувај и чувај ги оние што ти викаат: Самиот три биди ни помошник, и никој ништо не ни може.
Светиот Архангел Гавриил
Овој
голем Божји архангел се празнува на 26 март. На денешен ден пак, се
слават и чествуваат неговите чуда и јавувања низ целата историја на
човечкото спасение. Се смета дека оваа слава е востановена најпрво на
Света Гора во 9 век, за време на царевите Василиј и Константин
Порфирородните и на патријархот Никола Хрисоверг, а по повод јавувањето
на овој архангел во една келија близу до Кареја, каде што со прст на
камен ја испиша песната кон Пресвета Богородица „Достојно ест“. Заради
овој настан таа келија и денес се нарекува келијата „Достојно ест“. Во
оваа прилика се приспомнуваат и останатите јавувања на архангелот
Гавриил: кога му се јави на Мојсеј кој во свое време го чуваше стадото
Јоторово, а нему архангелот како на Божји избраник му соопшти како е
создаден светот, кое Мојсеј подоцна и го запиша во Книгата на
Постанокот; кога му се јави на пророкот Даниил и му ја објави тајната за
идните царства и за доаѓањето на Спасителот; јавувањето на Света Ана
кога ѝ благовестеше со ветувањето дека ќе Ја роди преблагословената и
Пречиста Дева Марија; многукратното јавување на Пресветата Дева додека
Таа пребиваше во храмот ерусалимски; кога му се јави на првосвештеникот
Захариј и го извести за раѓањето на Св. Јован Предвесник и за казната на
немост што ќе го постигне Свети Захариј затоа што не им поверува на
зборовите на архангелот; кога повторно ѝ се јави на Пресветата Дева во
Назарет и Ѝ благовестеше за зачнувањето и раѓањето на Господ Исус
Христос; јавувањето на праведниот Јосиф; јавувањето на пастирите кај
Витлеем; Му се јави и на Самиот Господ во Гетсиманската градина, кога
Господ како човек беше поткрепуван од овој архангел пред страдањето;
кога им се јави на жените Мироносици итн.
26-ти јули, лето Господово 2014