ВЕЛИКА САБОТА
Во
Великата сабота го совршуваме Погребението на Божественото Тело и слегувањето во
адот на Господа и Спасителот наш, Исус Христос, со кој го обнови родот човечки
од распадливост и го преведе во живот вечен.
Затоа, со Своето неискажливо
снисходење, Христе Боже наш, смилувај се над нас. Амин.
Синаксар
Оној кој соединува сè, беше подигнат на Крст и сета твар ридаше
гледајќи Го необлечен на Дрвото. Сонцето ги сокри зраците, ѕвездите го отфрлија
својот сјај, земјата страшно се потресе, морето се повлече, а камењата се
распаднаа. Многу гробови се отворија и тела на свети воскреснаа. Пеколот викаше,
а Евреите се грижеа како да ги прошират лажните вести против Христовото
воскресение. А жените воскликнаа: „Оваа е преблажената сабота во која Христос
спие, но ќе стане во третиот ден!“
Утрена, Велика Сабота
![HRISTOS.POGRBAN1.jpg HRISTOS.POGRBAN1.jpg](/images/stories/vesti08/HRISTOS.POGRBAN2.jpg)
Денес е во гробот Оној Кој на дланка ја држи сета твар. Камен го
покрива Оној, Кој небесата ги покри со слава. Животот спие, пеколот се тресе, а
Адам е ослободен од оковите. Слава на твоето благоустројување со кое сè си
исполнил, дарувајќи ни ја вечната сабота, Твоето пресвето Воскресение од
мртвите.
Утрена, Велика Сабота
Читање од Светото Писмо:
Утрена служба
Послание до
Римјаните 6, 3-11
Свето Евангелие по Матеј 28, 1-20
Подготви: А.Л.
Преминпортал, лето Господово 2014
Велика Сабота
Од времето на страдањето на Господ Христос на крст на Голгота, секоја Велика сабота е исполнета со исчекување на благодатта на Неговото Воскресение. Смртта на Господ веќе ги воскреснала упокоените праведници во Ерусалим кои им се јавиле на мнозина, а први што трепереле пред можноста да се објави како воскреснат биле непријателите Негови (првосвештениците и фарисеите што побарале да биде убиен). Побарана е стража од римски војници да Му го чува телото. Сепак, Он како оној што невино и неправедно а Божествен претрпел понижувања, страдања и смрт на крст, незадржливо воскреснал. Смртта и пеколот (демоните) не нашле начин да воспостават власт над Таквиот. Воскреснатиот Господ им се јавил на Своите ученици онака како што сведочат Неговите апостоли и евангелисти. Долгиот богослужбен ден на Велика Сабота завршува длабоко во ноќта со бдението пред Пасха. А на живоносниот Гроб Господов во Ерусалим се празнува Светиот оган. Овој оган од Светиот гроб се пренесува по Светата Земја и ги осветлува сите домови. На денот на великата новозаветна жртва Сонцето на правдата – Христос, го разгорува Светиот оган. Овој празник е востановен со чудото во времето на патријархот Наркисос, кога во недостиг од масло кандилата биле налеани со вода и запалени од оган кој чудесно слегол од небото и за време на пасхалната служба горел како под масло. Древните христијански сведоштва говорат дека незгасливиот оган се чува на Светиот гроб од раните времиња на христијанството. На бдението пред Пасха (Воскресение) во Црквите ширум Православието Епископот, бидејќи е на местото и во образот Христов, самиот ги благословува и ги пали кандилата, а сите други земаат светлина од неговата свеќа.