На
Велик Петок се слави светото спасоносно и страшно Страдање на нашиот
Господ и Бог и Спасител Исус Христос. Заради нас Он доброволно претрпе
плукање, бичување, исмевање, пурпурна облека и трска, сунгер, оцет,
клинци, копје и над сè крст и смрт.
Исто така, се слави и спасоносното исповедање на крстот и на покајаниот разбојник, кој беше распнат со Него.
Синаксар
Господи, Боже мој, ќе Ти пејам погребна песна, песна на Твоето
погребение, зашто Ти, со Своето погребение ја отвори за мене вратата на
животот и со Својата смрт ги погуби смртта и пеколот.
Утрена, Велик петок
Тебе, Кој се облекуваш со светлина како со облека, од Дрвото Те симна
Јосиф со Никодим и гледајќи Те мртов, гол и непогребен, од срце заплака
и, ридајќи, говореше: „Тешко мене, најсладок мој Исусе, од Кого сонцето,
гледајќи Те на крстот, во мрак се облече и земјата од страв се тресеше и
се раздра црковната завеса; но, ете, сега Те гледам Тебе, Кој заради
мене прими смрт: како да Те погребам, Боже мој, или до каква плаштаница
да Те завиткам? Со кои раце да се допрам до твоето нетлено тело? Или
која песна да запеам на Твоето заминување, Милостиве? Ги величам
страдањата Твои, го воспевам и Твоето погребение со воскресението,
извикувајќи: Господи, слава Ти.
Вечерна, Велик петок
Боже
и Господару на силите и Создателу на сите твари, Кој, поради
милосрдието на Твојата неизмерна милост си Го испратил Твојот Единороден
Син, Господа, нашиот Исус Христос за спасение на нашиот род и преку
Неговиот чесен Крст си го скинал списокот на нашите гревови и со него си
ги победил началствата и властите на темнината! Сам, Владико,
Човекољубецу, прими ги и овие благодарствени и умилни молитви од нас
грешните и избави нè од секакво погубно и мрачно прегрешение и од сите
видливи и невидливи непријатели, кои сакаат да ни направат зло.
Прибери ги нашите тела со страв пред Тебе и не дозволувај нашите срца да се оддалечат кон лукави зборови и мисли, но со својата љубов исполни ги нашите души та, гледајќи секогаш кон Тебе и упатувани од Твојата светлина, да Те гледаме Тебе, непристапната, секадеприсутна светлина, да Ти вознесеме непрестајно исповедание и благодарност Тебе, беспочетниот Отец, со Твојот Единороден Син и Сесветиот и Благиот и Животворен Твој Дух, сега и секогаш и во вековите на вековите. Амин.
Подготви: А.Л.
Преминпортал. лето Господово 2014
Од Верскиот календар на МПЦ
Велики Петок
На Велики Петок Црквата ги споменува смртта и погребението на Господ Исус Христос и Неговото слегување во адот. Ова е стожерна точка во Страдалната седмица, тогаш Богочовекот Кој невино пострада за спасението на човечкиот род ја стекна благодатта на искупувањето од прародителскиот грев, со што се обезвласти владеењето на смртта и на пеколот (демоните) над природата на човекот. (Попросто кажано, оттогаш луѓето живеејќи богоугодно, очистувајќи ги своите срца од страстите, повторно можат да стануваат слободни личности и како такви наследници на рајот.) За овој ден Црквата пропишува најстрог пост, денот да помине без јадење и пиење (освен за немоќните и престарените), во знак на таговно сеќавање на настаните од она време. На Велики Петок тајниот Христов ученик Јосиф од Ариматеја го измоли од Пилат мртвото тело на невино распнатиот Господ Исус, а јудејскиот кнез Никодим којшто и самиот тајно Го следеше Христовото Божествено учење, со смеса од смирна и алој Му го подготви телото за погребение. Погребот е извршен во петок пред Пасха, во свеж гроб во близината на Голгота (сопственост на Јосиф од Ариматеја). Присутствувале само неколку луѓе. Долгата традиција на споменувањето на овој ден го исполнила со вонредни богослужбени дејства (ги изобразуваат настаните што се случија на Велики Петок: ова започнува со утрената, којашто како бдение се служи уште вечерта во Четвртокот, во која се објавува евангелската историја за страдањата и смртта на Господ Исус Христос во дванаесет евангелија). Со оглед дека на Велики Петок Богочовекот Исус Христос Му се принесе Себеси како благодарствена и искупителна жртва на Бога Отецот во име на севкупната човечка природа (човечкиот род), во Црквата не се служи Светата Евхаристија, освен можеби литургијата на претходно осветени дарови. Во аскетската книжевност, Светите отци особено се задржуваат на карактерот на молитвата на Господ во Гетсиманската градина произнесена на Велики петок, и ја покажуваат како извор, вдахновение и пример на она вонредно животворно ’сеќавање на смртта’ што е преисполнето со безостатната предаденост на Синот кон волјата на Бога Отецот.
Друго:
Великопосни Богослужби (14.02.2010)
СИНАКСАР - Оној што отпадна заедно со паднатите (ангели), поради слатката храна (Сиропусна недела)
+++
Друго:
- Великопосни Богослужби (14.02.2010)
- ПОНЕДЕЛНИК ОД ПРВАТА СЕДМИЦА ОД ПОСТОТ (15.02.2010)
- ВТОРНИК ОД ПРВАТА СЕДМИЦА ОД ПОСТОТ (16.02.2010)
- ЧЕТВРТОК ОД ПРВАТА СЕДМИЦА ОД ПОСТОТ (18.02.2010)
СИНАКСАР - Оној што отпадна заедно со паднатите (ангели), поради слатката храна (Сиропусна недела)