Скопје, 12.01.2014 год,- храм на св. Јован Крстител
о .Стефчо Беќарски
Беседа:
НЕДЕЛА ПО РОЖДЕСТВО ХРИСТОВО
Само неколку дена торжествено
празнување за Христовото раѓање, здружени со ангелските сили го славиме
мирот на земјата, а веќе се соочуваме со фактот, дека има некој кој не
го посакува мирот и радоста во овој свет помеѓу луѓето. Силен плач се
слушало во Витлеем и неговата околија. Плач на 14. 000 мајки кои
лелекале за своите новороденчиња убиени од злогласниот цар Ирод, кој
подбуцнат од сатаната дека ќе му биде одземен престолот од Новородениот
Цар Јудејски издал наредба да се убие секое новороденче до две години во
Витлеем и пошироката околија. Тоа е плодот на омразата кога ќе го
помрачи човечкиот ум блaгочестиви христијани. Тоа е плодот на сите
богоборци што ги знае човековата историја. Не се свесни дека го убиваат
телото, а душата не можат да ја убијат. Но зошто Бог допушта да биде
пролеана невина детска крв? Зошто толку невини жртви? Овие прашања се
соодветни и на прашањето-зошто невиниот Син Божји пострадал со крсна
смрт? Зошто пострадале ап-те, или пак 1000-те маченици? Одговорот е: за
да се покаже свирепоста на демонизираниот човечки ум, кој кога ќе се
преокупира со својот егоизам, животите на останатите луѓе му се
безначајни. Но постигнувањето пак на највозвишената цел не познава
граница во поднесување на жртвата. Особено ако таа е исполнета со
безмерната Божја љубов. Христос претрпе крсна смрт заради спасението на
целиот човечки род. Апостолите и сите маченици пострадаа за сведоштвото
на вистинската спасителна вера, верата во Христа и верата во вечниот
живот со Него во Неговото царство.
Трнливиот пат на Богомладенецот
започнал уште при неговото раѓање. Тој не се раѓа во палата, туку во
пештерска штала. Поминува неизвесен пат кој трае со денови преку
пустински суровости до Египет и пак потоа назад. Кога ги повикува своите
на љубов, тие му возвраќаат со омраза, а на крај за сите
добрини-исцелувања од најтешки болести, е предаден од својот ученик, чие
предавство завршува со крсна смрт. Но Бог е Бог на животот, смртта ја
гази со силата на животот, живот во вечност преку светлото воскресение.
-
Убиството
може да биде и телесно и духовно. Духовното убиство е пострашно од
телесното. Со него се убива највредното во човекот, се убива душата.
Причината рековме дека е егоизмот заслепен од овоземното уживање. Еве и
во денешно време сме сведоци на безбројни убивања по целиот свет.
Сведоци сме и на убиства на безброј невини дечиња, уште пред да дојдат
на овој свет, од жени кои не сакаат да станат мајки. Од оние кои не
сакаат да си го нарушат комодитетот на овоземното живеење. Но таквите
невини дечиња Господ ќе ги спаси, а тешко на нивните убијци, бидејќи на
таквите невини дечиња е Царството Небесно. Што станува со оние дечиња
кои духовно се убиваат. Кои ја добиваат трајната вечна смрт. Кои од
презфатеноста на своите родители, кои се преокупирани со грижите за
придобивање на овој свет и неговото богатство, ги препуштаат на
несоодветно воспитување. Тие немаат време за свите рожби и со својот
пример ги соблазнуваат и заведуваат и своите деца водејќи ги во амбисот
на пропаста од каде нема враќање. Затоа сите ние и како родители и како
возрасни мораме да внимаваме како се однесуваме кон невините деца,
каков пример им даваме.
Нека и денешниов пример од прочитаното Св. Евангелие, за плодовите на помрачениот Иродов ум, го разбуди нашиот подзаспан ум, па просветени со Витлеемската ѕвезда која ги водеше мудреците кон Царот на царевите, го провети и нашиот ум, па наместо злато и смирна, на Христа да му подариме чисти срца и богоугодни поколенија. Христос се роди !
Друго:
Божествена Литургија во храмот на св. Јован Крстител, Скопје (12.01.2014)