Максим Егер
Старец Софрониј во своето учење разликува два вида слова: слово што соопштува и слово што причестува. Слово што сведочи и слово што вдахновува. Душевното слово (во дадениот случај со религиозна тема), и духовното слово, носител на Светиот Дух, на продолжената Педесетница. Ова е соодветно со преданието на Црквата, на Телото Христово.
Како спроводник на божествената благодат, духовното слово е ретко. Имајќи за темел една силна догматска свест, тоа не е теоретско. Богословско, со длабоко значение на зборот, ова слово не се раѓа од книгите или од теоретското знаење, туку, од подвигот и од молитвата, од истоштението, и од опит на Бога. Значи, треба да се испразниме од страстите и од сопствената волја, за да можеме да се исполниме со Светиот Дух, изворот на секоја вистина. Треба да го повикуваме Името, кое ги содржи сите имиња, Името на Исус Христос, да го симнеме умот во скришното место на срцето, за да навлеземе во бескрајно молчание, каде што Бог ни говори, и од каде што можеме да проговориме вистински во срцето на ближниот. Потребно е да ја раскинеме темнината на нашиот личен, внатрешен пекол, за да се преродиме од несоздадената Светлина што зрачи од воплотеното Слово.