Македонската Црковна Општина Свети Архангел Михаил и Сите Свети Ангели во Лондон започна со организирање редовни богослужби на македонски јазик во црквата посветена на Свети Варнава во централен Лондон (Manette Street, Soho, W1, London), која од неодамна ѝ е отстапена на оваа црковна општина за редовна употреба.
На состанокот на Црковниот одбор беше утврдено за почеток богослужбите да се одржуваат еднаш во месецот, со надеж дека со континуирано информирање ќе се зголеми бројот на верниците, а со тоа и ќе зачестат богослужбите.
Во пресрет на почетокот на Велигденскиот пост, во недела на 9.03.2008 – Поклади (Прочка) беше отслужена Вечерна богослужба на која покрај многубројниот верен народ присуствуваше и Нејзината Екселенција, Амбасадор на Република Македонија за Велика Британија, г-ѓа Марија Ефремова. По завршувањето на Вечерната богослужба, отец Виктор од името на сите присутни на новата Амбасадорка ѝ посака срдечно добредојде и успешна работа.
Известува: Марија Стефановска, Лондон