Распарчениот св. Kлимент ги обединува Македонците, Грците и Бугарите
Черепот на овој светител веќе 700 години е во олтарскиот дел на
манастирот „Свети Јован Kрстител“ на планината во близина на градот
Верија во Грција каде што е донесен од Охрид
„Ве молам, дојдовме тука за да се помолиме пред моштите, пред главата на
свети Kлимент, што се чува во вашиот манастир. Можете ли да ја изнесете
пред нас, можеме ли да ја видиме, допреме“, го прашавме монахот, кој во
манастирската работилница на влезот вредно ги пакуваше иконите и
темјанот наменети за верниците.
Не погледна со разбирање, рече кусо да го почекаме две минути и набргу
се упативме по него. Босоног, брзо одеше и ни ја отклучи главната врата
на храмот посветен на свети Јован Kрстител, која, инаку, пред и по нас
не беше отворена за посетителите и кои можеа да го видат само
предворието.
Навлеговме во внатрешноста, која дишеше со векови, пред олтарот, чиј
иконостас веднаш н` потсети на бигорскиот слушајќи го пеењето на
монахот, кое е задолжително кога ги носи моштите на некој светител.
Во рацете држеше сребрена кутија на која беа изгравирани ликови на
Богородица и други мотиви од христијанството. Ја постави пред нас и
откако ја отвори, на капачето веднаш го видовме познатиот лик на
светителот. А внатре, во позлатен оков, се гледаше дел од неговиот
череп, кој тука се чува веќе седум века.
Се прекрстуваме, се молиме обидувајќи се да се присетиме на имињата на
сите на кои им е потребна некаква помош за да може зборовите и мислите
да допрат до светителот кој оставил најголема трага во животот на
христијаните на овие и на пошироките простори. Недостигаат зборови и
мисли за да го опфатиме сето она што сакаме, што претходно сме го
планирале, исполнети со неизвесноста дали воопшто ќе ни биде дозволено
да ја видиме главата на светителот.
Мир во сребрената кутија
- Бранко Ѓорѓевски- Дневник
- Друго:
(ФОТОГАЛЕРИЈА+ВИДЕО) „Дневник“ во манастирот во кој се чува главата на Свети Климент Охридски