На Воскресение Христово – трет ден (7.05.2013 г.), Неговото Преосвештенство епископот Лешочки г. д-р Јосиф, служеше Света Златоустова Литургија во храмот на свети Ѓорѓи во Куманово. На Светата Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
После славното воскресение, Господ Исус Христос им се јавил на Неговите ученици поздравувајќи ги со зборовите мир на вас т.е. не плашете се, не се сомневајте повеќе, еве сум со вас. Овој мир што Христос ни го даде преку апостолите е многу значаен за нас, тој е значаен и му е потребен на секој човек на земјата. Овој мир и спокојство на земјата се јави уште со раѓањето на нашиот Спасител, кога ангелите го известија раѓањето Христово. Со овој мир Спасителот ги испраќаше сите што пристапуваа кон Него. И на апостолите пред Неговото страдање им кажа: Мирот свој ви го давам вам и мирот свој ви го оставам вам, па им заповеда: во којa куќа и да влезете најнапред говорете: мир на овој дом.
Возљубени во Господа!
Во деновите кога го славиме Воскресението Христово, гледајќи го пламенот на свеќите и со целото битие растејќи од восхит во восхит, учествуваме во прекрасната радост на воскресенските богослужби и пееме: сега сѐ е исполнето со светлост, и небото и земјата и подземјето. Затоа целиот свет нека го празнува Воскресението Христово… На Велигден сѐ е соединето и небото и земјата, целиот свет учествува во Христовата победа. Храмовите се исполнети со светлина, а од таа светлина како восок се топат нашите срца. Воскресението е сведоштво дека Христос е жив, и дека е со нас, и дека ние сме живи и живееме во Него.
Воскресението е еден повик упатен кон човекот, да го препознае невечерниот ден на Царството Божјо. Царството Божјо, во кое непрестајна е радоста од присуството на Бога.
Драги браќа и сестри!
Извор: http://josif.mk/?p=958&lang=mk#more-958
08.05.2013 год.