На Велик Петок се слави светото спасоносно и страшно
Страдање на нашиот Господ и Бог и Спасител Исус Христос. Заради нас Он
доброволно претрпе плукање, бичување, исмевање, пурпурна облека и трска, сунгер,
оцет, клинци, копје и над сè крст и смрт.
Исто така, се слави и спасоносното
исповедање на крстот и на покајаниот разбојник, кој беше распнат со Него.
Синаксар
Господи, Боже мој, ќе Ти пејам погребна песна, песна на Твоето
погребение, зашто Ти, со Своето погребение ја отвори за мене вратата на животот
и со Својата смрт ги погуби смртта и пеколот.
Утрена, Велик
петок
Тебе, Кој се облекуваш со светлина како со облека, од Дрвото Те
симна Јосиф со Никодим и гледајќи Те мртов, гол и непогребен, од срце заплака и,
ридајќи, говореше: „Тешко мене, најсладок мој Исусе, од Кого сонцето, гледајќи
Те на крстот, во мрак се облече и земјата од страв се тресеше и се раздра
црковната завеса; но, ете, сега Те гледам Тебе, Кој заради мене прими смрт: како
да Те погребам, Боже мој, или до каква плаштаница да Те завиткам? Со кои раце да
се допрам до твоето нетлено тело? Или која песна да запеам на Твоето заминување,
Милостиве? Ги величам страдањата Твои, го воспевам и Твоето погребение со
воскресението, извикувајќи: Господи, слава Ти.
Вечерна, Велик
петок
Боже и
Господару на силите и Создателу на сите твари, Кој, поради милосрдието на
Твојата неизмерна милост си Го испратил Твојот Единороден Син, Господа, нашиот
Исус Христос за спасение на нашиот род и преку Неговиот чесен Крст си го скинал
списокот на нашите гревови и со него си ги победил началствата и властите на
темнината! Сам, Владико, Човекољубецу, прими ги и овие благодарствени и умилни
молитви од нас грешните и избави нè од секакво погубно и мрачно прегрешение и од
сите видливи и невидливи непријатели, кои сакаат да ни направат зло.
Прибери ги нашите тела со страв пред Тебе и не дозволувај нашите срца да се оддалечат кон лукави зборови и мисли, но со својата љубов исполни ги нашите души та, гледајќи секогаш кон Тебе и упатувани од Твојата светлина, да Те гледаме Тебе, непристапната, секадеприсутна светлина, да Ти вознесеме непрестајно исповедание и благодарност Тебе, беспочетниот Отец, со Твојот Единороден Син и Сесветиот и Благиот и Животворен Твој Дух, сега и секогаш и во вековите на вековите. Амин.
Подготви:А.Л.
Преподобен Теодор Трихина
Цариграѓанин и син на богати родители. Како млад ги остави родителите, домот и богатството и се насели во еден пустински манастир во Тракија. Таму се предаде себеси на најтешки подвизи. Спиеше на камења - за да има помалку сон - постојано одеше гологлав и се облекуваше во една наметка од кострет, заради што и го нарекоа „трихин“ што значи „кострет“. Заради ова големо самоизмачување за спасението на душата, Бог му подари голем дар на чудотоврство и за време на животот и после смртта. Се упокои мирно околу 400 година. Телото му се покажа мироточиво.
Друго:
Великопосни Богослужби (14.02.2010)
СИНАКСАР - Оној што отпадна заедно со паднатите (ангели), поради слатката храна (Сиропусна недела)
+++
Друго:
- Великопосни Богослужби (14.02.2010)
- ПОНЕДЕЛНИК ОД ПРВАТА СЕДМИЦА ОД ПОСТОТ (15.02.2010)
- ВТОРНИК ОД ПРВАТА СЕДМИЦА ОД ПОСТОТ (16.02.2010)
- ЧЕТВРТОК ОД ПРВАТА СЕДМИЦА ОД ПОСТОТ (18.02.2010)
СИНАКСАР - Оној што отпадна заедно со паднатите (ангели), поради слатката храна (Сиропусна недела)