(сообразност на локалното предание во Македонија и едното и свето Предание на Православната Црква)
Ние, кои поверувавме, влегуваме во Неговиот спокој… Оти кој ќе влезе во спокојот Негов, тој ќе се одмара од делата свои, како и Бог од Своите… (Евр. 4,3; 4,10)
1.елементарни образи
И во најпримитивните човечки заедници, па и меѓу оние најцивилизираните, не постои таква, која живее без празници и празнување. Велиме "најпримитивните " и "најцивилизираните", за на тој начин да ги опфатиме екстремите на културното битисување и во синхрониски и во диахрониски контекст.
Шпенглер ја дефинира цивилизацијата као крај на секоја култура. Според него, секоја култура, секој облик на културно живеење исчезнува и умира во процесот на цивилизација на истата. Цивилизацијата е проклетство на секоја култура. Таа го убива принципот на соборност во заедницата. Во оваа смисла поимот културна заедница би бил тавтологија. Смртта, пак, на цивилизацијата е апсолутна смрт. Оваа идеја всушност е многу постара од Шпенглер. Во историјата на философската мисла од најдревни времиња постои дистинкцијата помеѓу типот на културата и типот на цивилизацијата.
Но што би можеле да кажеме за тие елементарни образи на празнување присутни дури и во најпримитивните -- најнекохерентните структури на културно постоење? "Знаеме две основни нешта. Прво, и тоа е сосем очигледно, празникот настанува од оној - за човекот неизбежен - ритам на труд и одмор. Човекот мора да работи за да живее, но човекот не може да работи без одмор. Затоа, со време во човечкиот живот се вообличил ритам на работа, и одмор од работата, при што човекот тој одмор, таа можност да не се работи сe повеќе ја чувствувал како радост.
Тоа е првиот и по себе очигледен корен на празникот, оној фактички и помалку важен чинител при востановувањето на одморот од трудот како празник. Вториот, поважен чинител е тоа што самиот труд, а оттаму и целиот човечки живот, низ празникот започнал да задобива своја смисла. И имено во таа, апсолутно неуништлива човечка потреба, не само да се одмори од работата, туку и да се радува на тој одмор, низ него да ја пронаоѓа смислата на својот живот, - треба да се бара вистинскиот извор на празникот и неговата неуништливост во животот на човечката заедница.