Со овој психијатриски термин, карактеристичен за обичниот говор, се означуваат луѓето кои со крајно слепило и страственост го посветуваат својот живот во служењето на една работа или на една идеја, и кои се подготвени поради таа работа или таа идеја да ги згазат причините на здравиот разум, а често пати и моралните норми.
На Православието му е туѓ секој фанатизам. Православната организација на душата е хармонична. „Православието е здрав начин на живот“, како што се изрази еден мудар духовник. Но меѓу православните можат сè повеќе да се сретнат токму фанатици, т.е. луѓе кои се фиксирале само на една мисла, на еден правец, на една заповед, кои заборавиле дека Божјата заповед е „многу широка“, или кои преку чувствителноста на срцето не ја спознале неопходноста дека Христовото учење треба да се прифати во сета негова полнота. Пример за ваквата фиксација само за еден предмет во севкупната разновидност на христијанството може да биде дури и врвот на добродетелта – молитвата, поточно, нејзиното субјективно доживување како повод за човекот во „молитвената осаменост да се огради од злиот и суров свет“.
Но, како да одредиме дали човекот навистина престојува во молитва, или влегол во областа на фанатизмот, од која е пожелно што порано да го извлечеме, инаку работата може да поприми најнепредвидлив пресврт? Извонреден одговор на ова прашање дава преподобен Јован Лествичник: „Кога стоиш на молитва, а твојот брат затропал да те замоли за нешто, остави ја молитвата и послужи му на братот, затоа што молитвата е твоја лична добродетел, а да се пружи љубов е нешто неспоредливо поголемо и во неа е полнотата на совршенството“.
Овој принцип може да биде лакмус-хартија и за многу други ситуации.