Човекот, драги мои браќа, почнува да старее не тогаш кога ќе му побелее косата, туку тогаш кога ќе му поцрни срцето! Не смееме да го тргнеме од ум тоа дека не постојат само телесни болести. И душата може да боли и да се разболи. Една од душевните, и тоа една од најсериозните болести, е зависта. Колку ли само несреќа, колку ли трагедии меѓу луѓето предизвикала зависта!…
Телесната болест можеме да ја откриеме врз основа на видливите симптоми. А според симптомите, кои ја издаваат зависта, лесно го препознаваме човекот, кој живее под нејзината власт. На крај, големо проклетство, големо безумие и голем злочин е да се завидува на другите луѓе. А што, всушност, е зависта? Кога некој се жалости и се јаде заради среќата на другиот, заради неговите доблести и напредувања. Истовремено се труди на секој начин и со кое било средство сето тоа да го расипе, да го уништи. Гледате, на пример, кога некој пожолтува, се онерасположува, се буни и трепери кога ќе види или чуе нешто за напредокот, добродетелите или убавината на друг човек, тој сосема сигурно во душата ја има зависта. Не сака другите да бидат среќни. Не може да ги гледа како напредуваат, како се возвишуваат и стануваат подобри од него и затоа со сите средства и на секој начин се обидува да му ја затруе радоста, да му го намали успехот. Кога би било можно завидливиот човек да ја има молњата на располагање и кога би можел да ја фрли – само тоа, се разбира, никој да не го забележи – на куќата, на делата на луѓето на кои им завидува, и сето тоа да го сруши и уништи… Тоа сигурно со голема злоба би го направил! Но, кога веќе тоа не е возможно, завидливиот пронаоѓа и користи едно друго оружје – клеветата, која е чедо на зависта. Човекот, на кој му завидува, може да покаже некоја, па и најмала, несовршеност во карактерот. Завидливиот ги занемарува сите други доблести и својот поглед го насочува само кон тоа слабо место. Го зголемува, го развива и тогаш им го сервира на другите… Па дури и неговата жртва да не покажува ниту најмала видлива маана или слабост, завидливиот ја создава од ни од што. Неговата болна фантазија го измислува или го создава она што не постои.
07.12 Лето Господово 2012