Голема Богородица во тетовски Лешок - 28 август лето Господово 2012
На 28 август 2012 г., празникот Успение на Пресвета Богородица, во манастирскиот комплекс Свети Атанасиј во тетовското село Лешок, Неговото Високо преосвештенство, Митрополитот полошко-кумановски Господин Кирил; во сослужение на својот викарен епископ, Неговото Високопреподобие архимандритот г.Јосиф; Архиерејскиот намесник Протојереј-ставрофор Мирко Станковски; прота Перица Бојковски и парохискиот свештеник Александар Стојановски; во присуство на голем број верници одслужи Света Божествена Литургија. По Литургијата многубројниот верен народ се причести со Светите Христови Тајни.
Со својата беседа, Митрополитот ги охрабри верниците да го следат патот на девојката Марија која собра сили да го каже своето судбинско ДА – ЕВЕ ЈА СЛУГИНКАТА ГОСПОДОВА. Господин Кирил му посака на своето стадо многу радост, и со повеќе мир и благосостојба да се среќаваме и во иднина.
Митрополитот полошко-кумановски Господин Кирил го пречека и амбасадорот на Соединетите американски држави во Република Македонија, господин Пол Д. Волерс со сопругата Мери Џо. Игуменот на манастирот отец Теодосиј ги презентираше богатата историја, верското и културно наследство од пошироко значение создадено во манастирскиот комплекс.
Се проценува дека за време на празникот Голема Богородица, Лешок го посетуваат над 30 илјади граѓани. Со дводневни собири и литургии во дворот на манастирскиот комплекс и црквите Св.Атанасиј и Св.Богородица верниците го одбележуваат денот посветен на Успението на мајката Божја.
За Преминпортал