Денес, на празникот на Обрезание Господово и свети Василиј Велики, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан отслужи Архиерејска Божествена Литургија во соборниот храм на свети Климент Охридски во Скопје, во присуство на многуброен верен народ. На Литургијата присутните се помолија за покој на душите на загинатите војници.
Уште Ти се молиме, спомни ја, Господи, Твојата света соборна и апостолска Црква, од крај до крај на вселената, во мир запази ја, зашто Си ја стекнал со чесната Крв на Твојот Христос, и овој свет храм утврди го до крајот на вековите. Спомни ги, Господи, оние што Ти ги принесуваат овие дарови, за нив, и за нас, и за оние за кои се принесени. Спомни ги, Господи, плодоносците и доброчинителите во Твоите свети цркви, и за оние што си спомнуваат за сиромасите: воздај им според Твоето богато и небесно дарување, дарувај им наместо земни - небесни дарови, наместо времени - вечни, наместо пропадливи - нетлени. Спомни ги, Господи, оние што девствуваат, и што благоговејат, што постат, и во чист живот што пребиваат. Спомни го, Господи, благочестивиот православен наш народ, кого си го прославил да владее на земјата: со оружјето на вистината и со оружјето на благоволението овенчај го, и осени го со силата на крстот, укрепи го во денот на борбата, возвиси ја неговата десница, запазувајќи ја неговата власт, покори му ги сите варварски народи и племиња, кои сакаат војна: дарувај му длабок и непоколеблив мир, кажувај ја во срцето негово благосостојбата на Твојата Црква и на сите Твои луѓе, та во неговиот спокој, да поживееме тивок и безмолвен живот во секое благочестие и чистота. Спомни го, Господи, секое началство и власт, и сето христољубиво воинство: добрите во добрината запази ги, лукавите добри направи ги со добрината Твоја. Спомни ги, Господи, луѓето што стојат на молитва и оние, што од благословени причини отсуствуваат, и помилуј ги нив и нас според Твојата голема милост: нивните азна исполни ги со секакви блага: нивниот брак запази го во мир и единомислие: децата воспитај ги, со младоста раководи, староста укрепи ја, малодушните утеши ги, растурените собери ги, прелестените обрати ги и присоедини ги кон Твојата света соборна и апостоска Црква: мачените од нечисти духови ослободи ги, плови со оние што пловат, сопатувај со патниците, вдовиците заштити ги, пленетите избави ги, болните исцели ги. Спомни Си, Боже, и за оние што се по судови, во окови, во прогонство, на тешка работа, во секоја мака, беда и немоќ. За сите, на кои им е потребно Твоето безмерно милосрдие, кои нé љубат и нé мразат, кои побараа од нас недостојните да се молиме за нив, и за сите Твои луѓе - спомни Си, Господи Боже наш, и на сите излеј ја Твојата богата милост, на сите давајќи им прошка за спасение. И за оние, што не ги спомневме од незнаење, или од заборав, или заради многу имиња, Самиот Ти спомни ги, Боже, зашто ја знаеш сечија возраст и име, и секого го познаваш од утробата на неговата мајка. Зашто Ти Си, Господи, помош на беспомошните, надеж на безнадежните, спасител на од бура носените, пристаните на оние што пловат, лекар на разболените: Самиот биди им сé на сите, зашто секого го знаеш, - сечија прозба, дом и потреба. Избави го, Господи, овој град (или ова село, или оваа света обител) и секој град и земја од глад, помор, земјотрес, поплава, оган, меч, напад на туѓинци и меѓусебни војни.
Спомни го, Господи, секое епископство на православните, кое правилно управува со словото на Твојата вистина.
Спомни го, Господи, според Твоето огромно милосрдие и моето недостоинство, прости ми го секое согрешение, волно и неволно: та заради гревовите мои, да не ја одвратиш благодатта на Светиот Твој Дух од предложените дарови.
Спомни го, Господи, презвитерството, Христовото ѓаконство и секој свештенички чин, и не посрамувај никого од нас, што стоиме околу Твојот свет жртвеник. Посети нé според Твојата добрина, Господи, јави ни се според Твоето безмерно милосрдие: благорастворен и полезен воздух дарувај ни, мирен дожд за плодност на земјата дарувај ни, благослови го венецот на годината со благоста Твоја: смири ги раздорите црковни, згасни ја гордоста езичничка, еретичките буни брзо уништи ги со силата на Светиот Твој Дух: сите нас прими нé во Твоето царство, покажувајќи нé синови на светлината и синови на денот; Твојот мир и Твојата љубов подари ни ја, Господи Боже наш, зашто сé што имаме Ти Си ни го дал.
МОЛИТВА за Нова Година:
Владико, Господи Боже наш, Творецу и Ѕидателу на секоја видлива и невидлива твар, Ти Кој го создаде времето и летата, благослови ја во овој ден започнатата Нова Година, која ние ја сметаме од Твоето воплотување за наше спасение. Благослови во мир и во љубов со нашите ближни да ја минеме оваа година и уште многу по неа. Запази ја и укрепи ја Светата Православна Црква, која самиот Ти во Ерусалим ја основа и со спасителната жртва на телото и крвта Твоја ја освети. Нашата татковина, возвиси ја, сочувај ја и прослави ја. Долгоденствие, здравје и изобилие на земните плодови и воздух благопријатен дај ми мене, - грешниот слуга Твој, на моите блиски, на моите роднини и на сите благоверни Христијани. Биди ни вистински Пастир, Наставник и Покровител, и на патот на спасението утврди не; та чекорејќи по него, по долг и благочестив живот во овој свет, да задобиеме дел од Твоето Небесно Царство, и да се удостоиме со вечното блаженство со светиите Твои. Амин!
Посети: {moshits}