Господи, Ти сè гледаш и нема нешто што не гледаш. Иако сум дело на Твоите раце, сепак не правев дела според заповедите Твои, туку поради големото мое безумство, вршев секакви зла, не помислувајќи дека Ти, Создателу мој, Боже, колку Си добар, толку Си и Правичен. А сега, сеќавајќи се на тоа, ме опфаќа страв и не знам што да правам. Ја чувствувам Твојата осуда и не наоѓам зборови во устата моја за оправдување. Немам никакви добродетели и не сум направил никакво покајничко дело, коешто заслужува поради него да ми се прости макар еднен празен збор од устава моја. Освен тоа, оној што ги поседува сите добродетели и прави разновидни добри дела го врши тоа како добар слуга и затоа што е должен - во сето тоа тој нема да најде откуп за својот грев. Тука единствено Твојата милост помага. Гревот е смрт, и кој од оние што преку него умреле, може сам себеси да се воскресне? навистина, никој! Единствено Ти Си Умрел и Си воскреснал, затоа што не Си направил грев, и не се најде измама во Твојата уста! И ете, Господи Седржителу, откако направив многу лоши дела, се каам, но самото покајание е немоќно да ме оправда. Покајанието е осознавање на своите гревови, а нив ги симнува само милоста Твоја. Ти гледаш, Седржителу Господи, дека сега ништо немам освен телото; но за мене нема никаква полза од тоа што сум го оставил богатството. Целиот сум една рана; во мене не останала никаква надеж за спасение така што пеколот е подготвен да ме проголта жив. Ти единствен можеш да ме спасиш и да ги излечиш патилата на моето срце. Твојата рака може сè; таа достига до длабочините на бездната и сè станува по твоја заповед. Не се осмелувам да речам „помилувај ме, Господи!“ Недостоен сум за твојата милост, како и секој што со право ги заслужува маките. А Ти, Господи, сè знаеш и затоа постапи со мене онака како што умее Твоето човекољубие, бидејќи сум недостоен и за самиот живот. Да биде Твојата света волја во сè. Амин!
Свети Симеон Нов Богослов