логоFacebookTwitterYouTubeeMail

Одговор:

Господине и брате Зоран.

Денес е тешко да се направи остра поделба што е чиста наука, а што е комерцијализирана наука. За секоја наука се потребни средства, и научните институции ги обезбедуваат на различни начини. Од таквите искушенија не е изземена ниту астрономијата (без оглед дали се работи за планетарна, ѕвездена, галактичка... астрономија). Како и на секоја друга наука, и на астрономијиата ì е потребно малку реклама.

Планетарната астрономија се занимава со утврдување на карактеристиките на планетите во Сончевиот систем (физички податоци, хемиски карактеристики). Од овие карактеристики, меѓу другите нешта, може да се изведе заклучок дали човекот може да престојува на конкретна планета одредено време. За сега, а и за пристојно време од наредните неколку стотини милиони години, престојот на човекот е можен на Месечината, на Марс, како и на некои од сателитите на Јупитер и Сатурн. На другите планети не постојат апсолутно никакви услови за опстанок на човекот.
Потоа се вклучува комерцијалниот сектор кој бара начини да го „оплоди“ својот капитал, нудејќи посети и престој на планетите (на кои тоа е можно) на оние што ќе можат тоа да го платат. Тука нема ништо спорно или негативно. Така било и со колонизацијата на Америка, Австралија... Некој страдал (главно домородците), некој печалел (главно колонизаторите), за денес сите да имаме некаква полза од сето тоа. Кога е во прашање колонизацијата на планетите, барем совеста може да ни биде чиста – таму нема домородци...

Така, секој си ја игра својата улога. Науката, финансиерите, авантуристите... 

Дали науката, во спрега со оние што имаат пари, ќе овозможи нов „дом“ за човештвото – тоа е чисто техничко прашање. Тука нема колизија ниту со етиката, ниту со моралот, ниту со религијата (нема ништо „срамно“ во освојувањето на Марс) ... едноставно, се работи за тоа дали денес (или во некоја блиска или подалечна иднина) тоа е технички остварливо. Ако е остварливо, богатите ќе го трасираат патот, а потоа ќе „навалат“ и посиромашните (колонијалисти). Од тоа, секако, ќе има полза науката и технологијата. А, мора да признаеме, науката и технологијата сториле многу за човештвото, и би било смешно развојот на космонавтиката да се смета за „врв“ на гревовноста на човештвото за таа (космонавтиката) да биде причина за крајот на светот. Тој крај не се случил ниту со посетата на човекот на Месечината, нема да се случи ниту со посетата на Марс. Крајот на светот ќе се случи кога злото на Земјата ќе се умножи до степен кој веќе нема да може да се толерира (се знае од Кого). А кога ќе настапи крајот, нема да бидат поштедени ниту марсијанците, ниту „лунарците“ (или како веќе ќе се викаат жителите на Месечината) ... Тоа ќе биде крај на постоењето на човештвото, без оглед дали тоа ќе се протега на целиот Сончев систем, или, пак, ќе опстои на еден-два континенти. Кога ќе се случи тоа (односно, која е таа крајна мерка на умножувањето на злото), и што ќе биде потоа – тоа Му е познато само на Оној Кој го создал светот и Кој ги определил неговите временски граници.



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie