На 5 август 2015 година (среда), во 20 часот, во Битолската Магаза при НУ Завод и Музеј Битола ќе биде отворена изложбата „Во прво лице“. Изложбата „Во прво лице“ претставува избор на дела од истоимената изложба одржана во април-мај 2015 година во НУ Национална галерија на Македонија, објект Мала станица и на истражувачкиот проект “Автопортретот во современата македонска уметност од 1990 година до денес“. Гостувањето на оваа изложба во Битола се реализира во рамките на проектот „Кич, да ?! / Сте или не?“, 2015, организиран од страна на Дирекцијата за култура и уметност - Скопје, НУ Национална галерија на Македонија и НУ Завод и музеј Битола.
Иако како појдовен момент се чувствуваат референци на автопортретот во неговата класична смисла, наспроти појдовниот романтичен мит за Нарцис и психоаналитичкото толкување за појавноста и опсесивноста кон сопствениот лик, делата претставени на изложбата „Во прво лице“ се однесуваат на поинаква ангажирана појавност на авторот во сопствените дела. Ова иницијално истражување на едно своевидно современо автопортретирање презентира дел од авторите кои во различни медиуми го опфаќаат третманот на себеприкажувањето во делата на современите македонски уметници, особено помладата генерација автори. Генерациската припадност и изборот на делата создавани од втората половина на 90тите години на 20тиот век и особено 21виот век, говорат за различните творечки стимулации и медиуми како илустрација на случувањата во контекст на, пред се, македонската општествената реалност во изминативе речиси 20 години.
Изборот, базиран врз дела / автори кои поттикнуваат реакции преку различни содржински компоненти, ја изоставува издвоената интроспекција, и фокусот се поместува на личното доживување кон надворешниот свет. Авторите критички и директно реагираат на стварноста околу нив, без оглед дали таа стварност е нарација од минатото и е базирана врз лична, семејна, колективна, национална меморија; ироничен однос кон историјата на уметноста; однос кон институциите / институциите на/и системот на уметноста / маркетингот на уметноста; или, пак, е саркастичен однос кон доживеаната или „претскажана“ актуелна културно-политичка и социјална стварност.
Со почит,
Национална галерија на Македонија