Скопје,11. март 2019 година- храм на св.вмч. Димитриј
10. март 2019. година
Свети Тарасиј Цариградски
Недела Сиропусна (Мт. 6,14-21; зач. Мт. 17)
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух. Благочестиви христијани,
Денес е Прочка; денес е ден на простувањето. Денес зачекоруваме по патот на засилената молитва со желба подостојно, почисто и подостоинствено да се издигнеме во прославувањето на Празникот над празниците - Воскресението Христово. Денешниов чекор - барањето прошка и простувањето е првото скалило на нашето патешествие. Во денешно време, колку е тешко да се прости, уште потешко е да се најдат сили и да се побара прошка. Простувањето бара смиреност, слегување до најтемните длабочини на душата, чистење на духовните депоа, замрачени од секојдневните потреби, проветрување од гревот и страстите. Да се побара прошка и да се соберат сили за простување е првото скалило во долгото искачување до совршенството; зашто христијаните не смеат да се задоволат со ништо помалу од совршенство, според зборовите на Спасителот: „Бидете совршени како што е совршен вашиот Отец Небесен!"
Во денешново евангелско четиво Господ Исус Христос не упатува на три основни чекори: простувањето, постењето и безвременската награда која не очекува. И токму првиот чекор е простувањето: „Ако им ги простите на луѓето гревовите нивни и вам ќе ви ги прости вашиот Отец Небесен." - вели Христос. Силата на простувањето е двонасочна и необично поврзана со давањето опрост и барање прошка. Невозможно е да се прости, а да не се побара опрост, и обратно, да се бара прошка, а да не се прости. Простувањето, исто така, има огромно влијание во емотивното поврзување на луѓето: со барањето прошка и со простувањето меѓусебно се поврзуваме на еден длабок начин кој задира во крајните духовни длабочини на нашето битие. Со простувањето и барањето прошка ги ставаме деловите на сложувалката на соодветно место, ги пополнуваме човечките слабости, ги исцелуваме чувствителните рани кои го подјадуваат нашето достоинство и се израмнуваме помеѓу себе. Од партнери, соработници, колеги, соседи стануваме луѓе со братско-сестрински духовни врски кои знаат да простат и на кои им е простено. Простувањето не е и не смее да биде заборавање, не е игнорирање на меморијата, туку вистински акт на преродување на меѓусебната љубов. Некои современи социолози и психолози ќе го наречат простувањето потреба за себеиздигнување над другиот и ставање во извесна/емотивна надмоќ, но не е така. Како што спомнавме - простувањето е двонасочно дејствие - барам прошка и давам прошка, и поинаку ниту е, ниту би било вистинско христијанско простување.
Господ Исус Христос вели: „Кога постите, не бидете жалосни како лицемерите; зашто тие си ги прават лицата мрачни, за да се покажат пред луѓето дека постат. "Постот е самоодалечување од нештата кои можат да потикнат страсти од секаков вид и како таков е даден и зададен уште од времето на првите луѓе, кои токму поради непочитувањето на постот се одалечиле од Бога и Божјата близина. Постот не е мачење од религиозна причина со цел на крај да истераме некоја обичајна постапка само затоа што така треба. Во деновите што следат треба да знаеме дека постот не е цел сам по себе, туку едно од средствата со кои се удостојуваме и се уподобуваме за подобро живеење и разбирање на црковниот поредок. Постот не е период кој треба да се издржи, но начин на живот кој се живее денес и сега. И токму затоа Христос ни кажува да внимаваме, да не бидеме со натажени лица и да глумиме мачеништво во текот на постите, зашто радоста која не очекува е поголема и повозвишена од секаков вид на постење.
И на крајот, сите плодови кои ги собираме се за вечност - затоа треба да бидат вечни и нетрулежни. Каков и да е дарот, ако не е за вечност сепак е бесцелен. Не постои ништо што може да го мине филтерот на вечноста, а е од времен карактер. А Христос дал совет какво богатство е вредно за чување: „Не собирајте богатства на земјата, каде што ги јаде молецот и рѓата, и каде што крадците ги поткопуваат и крадат; но собирајте си богатства на небото, каде што ни молец, ниту рѓа ги јаде, и каде што крадци не ги поткопуваат, ниту крадат; зашто, каде што е богатството ваше, таму ќе биде и срцето ваше. "За денешниот современ човек богатството е во убави облеки, скапоцен накит, луксузни станови, куќи и коли и воопшто се она што е во функција на сопственото раскошно живеење. Но, сите овие нешта се подлежни на распад, на гниење, ограбување од зли луѓе, па зарем не е лудост целиот живот да ни биде свртен кон тоа расипливо богатство.
А за какви небесни блага зборува Господ? Зборува за бесмртна слава, вечна радост и живот без тага и меѓусебна завист; зборува за Царството Небесно. Кога веќе се декларираме како христијани и Го признаваме и повикуваме Бога за свој Отец, нормално би било да ги полниме нашите трезори на небото со христијански добродетели и богоугоден живот. Само ова богатство е вечно, нетрулежно и донесува вечна блажена радост, за конечно да го слушнеме Божјиот благослов и повик: „Дојдете благословени од Мојот Отец; наследете го Царството, приготвено за вас од почетокот на светот!"
Претстојниот пост да го поминеме во молитва и покајание за сопствените гревови; да се наоружаме со молитва против сите искушенија од овој свет за достојно да ја пречекаме Светлината на светот - воскреснатиот Христос, Спасителот наш.
Амин.
Беседа: о.Жарко Ѓорѓиовски
Преминпортал (к.т.)
Друго:
Божествена Литургија во храмот на св.вмч. Димитриј (10.03.2019)