логоFacebookTwitterYouTubeeMail

 

Благодатта на нашиот Господ Исус Христос, која дејствува во нас, ја оформува, ја создава нашата православна христијанска свест. Тешко е да се образува оваа свест. Но откако христијанинот еднаш ќе ја стекне, во неговото срце и ум одекнува аларм секогаш, кога тој се приближува до недолични дела, кога нема милосрдност кон другите, или има лоши помисли и отстапки од светите преданија на православието.

Еве ги начините на кои можеме со помош на Божјата благодат да ја образуваме оваа свест во нас:

1. Треба многу да Го сакаме нашиот Спасител, со сето срце, ум, душа и сила. Не треба да ја делиме нашата љубов помеѓу Бога и светот. За почетник ова значи, дека кога се молиме треба силно да се бориме за да се сконцентрираме и да избегнуваме расејувања: треба целосно да бидеме во Бога. Уште поважно, како што вели свети Јован Кронштадски: „Љубовта Божја почнува да се пројавува себеси и да дејствува во нас, кога почнуваме да го љубиме својот ближен како себеси, и да не се штедиме себеси или нешто што ни припаѓа нам за него, зашто тој е образ Божји: „оти, кој не го сака својот брат, кого го видел, како може да Го сака Бога, Кого не Го видел? (1. Јов. 4, 20)“.

Свети Јован вели, дека ова е единствената љубов која е вистинска, и трајна: „Колку што станува почисто срцето, толку станува и поголемо; па така, тоа може да најде простор за повеќе и повеќе возљубени; колку што е погрешно, толку повеќе се стега; па така, во него може да се најде место само за многу малку возљубени – ограничено е од лажна љубов, себељубие“.

2. Мораме да се молиме често, и во црква и дома. Свети Григориј Синајски вели, дека големиот дар што ни го дава Бог во Светото Крштение е закопан во нас, исто како богатство закопано во земја – потребни се здраворазумност и благодарност за добро да се погрижиме да го ископаме ова богатство и да го извадиме на виделина“. Еден од најважните начини да се стори ова е преку стекнување навика за молитва. Светиот Теофан Затворник објаснува подетално: „Оние кои само слушаат за духовно созерцување и молитва и немаат директно знаење (искуство) од ова, се како слепородени луѓе кои слушаат за изгрејсонце без некогаш да дознаат што всушност е тоа. Преку ова незнаење тие губат многу духовни благослови, и бавни се во стекнувањето на богоугодните добродетели“.

3. Мораме внимателно да го читаме и изучуваме Светото Писмо. Иако многу светители имаа обичај да го читаат целиот Псалтир и Новиот Завет секоја недела, ние барем да го читаме Евангелието и Посланијата одредени во црковниот календар за секој ден. Според свети Серафим Саровски, „многу полезно е да се зафатиме со читање на словото Божјо насамо, и да ја читаме целата Библија разумно… со цел, сиот ум на читателот да биде потопен во вистините на Светото Писмо, и од ова да добива топлина“.

4. Присуството на Божествените служби и честото примање на Светата Причест е неопходно за развивање на православната свест. За ова свети Јован Кронштадски пишува: „Божествената Литургија навистина е небесна служба на земјата, во која Самиот Бог на посебен, непосреден и најблизок начин е присутен и пребива меѓу луѓето… на земјата нема ништо повозвишено, поголемо, посвето од Литургијата; ништо поторжествено, ништо поживотодавно“.

Свети Тихон Задонски заклучува: „Древните христијани често примале света причест, како причина и храна на бесмртноста, па затоа и до ден денес Светата Црква секојдневно нè поучува да пристапуваме со страв Божји и вера. Денес луѓето немаат ниту едно од овие две, како што ни докажуваат изобилните факти; само еднаш годишно, па дури и тогаш речиси од навика, тие пристапуваат кон оваа Бесмртна Трпеза. Луѓето радосно итаат на забави, но на оваа духовна и најсвештена Трпеза кон која Христос ги повикува тие доаѓаат од навика“.

5. Треба да ги читаме делата на Светите Отци на Црквата и житијата на светиите. Светиот Теофан Затворник го објаснува ова на едно негово духовно чедо на следниов начин: „Духовниот живот е посебен свет во кој не може да навлезе мудроста човечка… Тоа е област која содржи многу и е возвишена и мила на срцето… Ако ти сериозно посакуваш да стапиш на овој пат, тогаш нема да имаш време да се посветиш на изучување на други области… зашто човечките философирања не можат ни да се споредат со духовната мудрост“.

Затоа, ако сакаме да ги научиме богоугодните патишта, од нас се очекува да најдеме време за изучување на делата и житијата на оние кои Му се приближиле уште во овој живот, поради што, според свети Јован Кронштадски, има богати и сиромашни во духовниот свет, исто како што има во светот: „Како што сиромашните бараат милостина од богатите, и не можат да живеат без нивна помош, па исто и во духовниот поредок, сиромашните мораат да имаат засолниште кај богатите. Ние сме духовно сиромашни, додека светителите, и оние кои блескаат дури и во овој живот преку нивната вера и побожност, се духовно богати. Токму кај нив, ние кои имаме потреба, треба да најдеме засолниште“.

6. Треба да го практикуваме Божјото присуство во нашиот секојдневен живот. Свети Јован Кронштадски вака ни го објаснува ова: „Верувај непоколебливо дека Бог те гледа како што веруваш, дека секој што стои лице во лице со тебе те гледа, само со таа разлика, што Небесниот Отец гледа сè што е во тебе, сè што си ти… Бог ни е поблизок нам од било кој човек, во било кое време. Затоа мораме секогаш да Го ставаме Бога пред нас, на нашата десна страна, и таму да Го гледаме; мора да бидеме силни, и за да не грешиме мораме да се погрижиме ништо да не Го истисне Бога од нашите мисли и срца, ништо да не Го скрие Него од нас, ништо да не нè лиши од нашиот возљубен Господ, туку да можеме секој час, секоја минута, да Му припаѓаме, и непрестајно да бидеме со Него, како што Самиот Он е непрестајно со нас, и Он постојано се грижи за нас и нè чува“.

7. Ние треба често, па и секојдневно, да ги испитуваме нашите души и да се покаеме за гревовите. Свети Марко Подвижник пишува: „Совеста е книга на природата. Оној што го практикува прочитаното таму ја доживува Божјата помош“. Па така, старецот Макариј Оптински напиша во едно поучно писмо: „Господ ги повикува при Себе сите грешници; Он ширум му ги отвора рацете, дури и на најлошиот од нив. Со радост ги прегрнува, само доколку дојдат. Но тие треба да се потрудат да дојдат. Тие мора да Го побараат, да појдат кај Него. Со други зборови, тие мораат да се покајат. Он не ги отфрла оние кои не се покајале. Он сè уште копнее по нив и ги повикува. Но тие не сакаат да го слушнат Неговиот повик. Тие одбираат да застранат во некоја друга насока“. Па оттука, свети Јован Кронштадски објаснува: „Совеста во луѓето не е ништо друго, туку гласот на секадеприсутниот Бог Кој дејствува во срцето – Господ знае сè. Пази го твоето срце низ целиот твој живот; испитувај го, слушај го, и види што е тоа што го спречува да се соедини со Господ. Нека ти биде ова главно и постојано изучување… Испитувај се себеси почесто; гледај каде гледаат очите на твоето срце“.

И тогаш, како што нè советува свети Теофан Затворник: „Покај се и обрати се кон Господа, признај ги твоите гревови, плачи за нив со срдечна скрушеност, и исповедај ги пред твојот духовен отец“. Свети Исихиј Презвитер ни кажува, дека според свети Василиј Велики: „Голема помош во избегнувањето на гревот и оддалечувањето од секојдневното паѓање во ист грев е вечерното себеизложување под судот на совеста со кој се утврдува во што сме згрешиле, и во што правилно сме постапиле. Така постапувал и Јов кон себе и кон своите деца. Тоа секојдневно испитување го осветлува она што се случува во нас секој миг“.

8. Бори се силно за да го избегнуваш осудувањето на другите. Само Бог има право да суди, зашто, како што вели свети Тихон Задонски: „Не ги суди другите, зашто не знаеш што има внатре во другиот човек. Не го осудувај, зашто тој може да стане, а ти да паднеш. Внимавај дури и при зборувањето за другите, за да не почнеш да ги осудуваш. Интересирањето за гревовите на другите луѓе е љубопитство, кое е одвратно пред Бога и пред луѓето… бидејќи, преку осудувањето, човекот ја презема власта на единствениот судија, Христос… Пред сè, кога судиме некого ние не можеме да знаеме дали можеби тој веќе не се покајал и Бог му простил“.

Ако имаме желба да ги уредиме нашите животи онака, како што кажавме погоре, одлучувајќи да не се одделиме од овој свештен труд, дури и ако тоа значи страдање па и смрт, тогаш, уште од самиот наш почеток, благодатта почнува да се вселува во нас, според светиот Теофан Затворник: „Помошта Божја е секогаш подготвена и секогаш близу, но им се дава само на оние кои ја бараат и се трудат“.

Превод од англиски јазик:

Ѓакон Јани Мулев

Наслов на изворникот:

Father Alexey Young,

How to Form an Orthodox Conscience

http://www.stmarywichita.org

Православна светлина бр. 9

Преземено од: https://crkvaveles.wordpress.com/2012/10/26/pravoslavna-svest-jang/?fbclid=IwAR22z7jDcxkPr_ietMBFH31EkjN4zVWN9uZchsCNNx3ehBitW9f2isNGOgQ

 

 

 

 

 



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

krusevoexport

Духовност

Ноември 25, 2018

Акатист кон свети Нектариј Егински

КОНДАК 12Трудејќи се, си ја умножил благодатта дадена од Бога, рабу Божји, добар и верен Нектариј, затоа направи и ние да ја завршиме духовната работа и стекнувајќи ја заработката, да Му запееме на Христа: Алилуја!
Октомври 30, 2018

Житие на преподобна Параскева – Петка (Епиватска или Трновска)

Света и преблажена маченичко Христова Параскево, убавино на девственичките, пофалбо на мачениците, пример за чистота, огледало на велокодушните, восхит на премудрите, чуварко на верата христијанска, изобличителке на лагата идолска, поборничке на Божественото…

Светскиот првак Адам Ондра во посета на Бигорскиот и Рајчичкиот манастир

Окт 28, 2018 Настани 843
Деновиве нашите две свештени Обители, Бигорски и Рајчица, ги посети во светски рамки…

ПРЕПОДОБЕН ПАХОМИЈ ВЕЛИКИ

Окт 18, 2018 Житија 1114
Паралелно со преподобниот Антониј Велики, основачот на пустинското, анахоретско монаштво,…

СВЕТИ ЕФРЕМ СИРИН ЖИВОТОПИС, ТВОРЕШТВО И КАРАКТЕРИСТИКА

Окт 18, 2018 Житија 1062
Над сè, свети Ефрем си останува прекрасен проповедник – амвонот е почеток и крај на…