логоFacebookTwitterYouTubeeMail

 

Почитувани,

Ве известуваме дека на 15 јуни 2017 година (четврток), во Националната галерија на Македонија, мултимедијален центар Мала станица, во 20 часот, ќе биде отворена самостојната изложба на Зоран Попоски под наслов “Theoria”.
Интердисциплинарниот македонски уметник Зоран Попоски својот најнов проект насловен “Theoria” го базира врз принципите на повеќеслојното истражување во доменот на културните и општествените теории и практики, поставувајќи се себе си како аналитичар и критичар на мноштво теми кои се однесуваат на идентитети, територија, јавен простор итн.
Тековната серија постконцептуални цртежи под наслов „Теорија“ на која е фокусиран и која ја развива од 2015 година навака, досега содржи 65 дела (од кои на оваа негова 14 по ред самостојна изложба, поставена во Националната галерија на Македонија е претставен избор од 22), и според авторот претставува серија на портрети на „монументални фигури од светот на филозофијата, книжевноста и уметноста, и негови лични светилници, од Фридрих Ниче и Вирџинија Вулф до Валтер Бенјамин и Џудит Батлер“.
Делото од оваа серија, “Меланхолија (Ниче)” ја доби наградата за цртеж на Артслант, водечка светска мрежа за современа уметност. Три други дела од овие серии цртежи, портрети на филозофите Теодор Адорно и Жил Делез и на уметникот Јозеф Бојс, во неколку прилики беа објавени во британскиот весник “Гардијан”, во избор на Флавија Фригери (кураторка за современа меѓународна уметност во Тејт Музејот во Лондон), како и на Емили Сарџент (кураторка на Велком Колекцијата во Лондон) и на Шоаир Мавлиан (кураторка за современа фотографија во Тејт Модерн во Лондон).  

Д-р Зоран Попоски е меѓународно наградуван трансдисциплинарен уметник, едукатор и истражувач. Роден во Скопје во 1974 година, Попоски живее и работи во Хонг Конг.
Попоски истражува теми поврзани со културното преведување, лиминалонста, идентитетот и јавниот простор преку медиумите на цртежот, сликарството, графиката, фотографијата, перформансот, видео артот и издаваштвото.
Неговите дела се прикажани на 70 меѓународни изложби и фестивали, меѓу кои: АртБазел Хонг Конг, 30 Биенале на графика Љубљана, Азија Контемпорари Арт Шоу, Тисен Борнамисза 21 Арт Контемпорари Виена, Институт за современи уметности Лондон, Музеу Вила Веља Португалија, Данска Национална школа за изведбени уметности во Копенхаген, Национален музеј на Црна Гора, Сергеј Курјокин Музеј за модерна уметност во Санкт Петерсбург, Местни Музеј Љубљана, Музео де Арте де Понсе Сан Хуан во Порторико, Национална галерија на Македонија, Музеј на современа уметност Скопје, Музеј на град Скопје – Отворено графичко студио, Фестивал Артстејс во Словенија, Универзитет Шарџа во Обединетите Арапски Емирати, итн. Негови јавни уметнички проекти се прикажани на урбани ЛЕД екрани, билборди и постери во Њујорк, Хонг Конг, Даблин, Скопје, итн.
Изложувал заедно со врвните светски имиња од современата уметничка продукција, како Герхард Рихтер, Нам Џун Пајк, Алора и Калзадија, Шу Бинг, Риркрит Тираванија, итн. Неговите дела се избирани за изложби од врвни светски куратори и критичари, како Доналд Каспит (професор емеритус по историја на уметност и филозофија, Државен Универзитет на Њујорк), Елизабет Сасман (куратор, Витни Музеј, Њујорк), Дебора Кален (директор и главен куратор, Галерија на Универзитетот Колумбија, Њујорк), итн.
Магистрирал уметност во нови медиуми (TИ/ДУК, Њујорк и Линц, Австрија) и докторирал студии на културата (ЕУБА, Скопје). Остварил студиски престои на Школата за визуелни уметности во Њујорк, Вулу Берлин, Пацифик Нортвест Колеџ оф Арт во Портланд (САД), Вермонт Студио Центар (САД), итн.
Добитник е на низа меѓународни награди и признанија за уметност, меѓу кои: Награда ЦЕЦ Артслинк (Њујорк), ИД+консони Сондика (Шпанија), ВСЦ Уметнички грант (САД), Артслант награда избор на жирито, итн.
Неговите дела се наоѓаат во повеќе меѓународни колекции, меѓу кои Видеотаж Медиа Арт Колекшн во Хонг Конг, Фондација Лучијано Бенетон во Италија, архивирани во АУП архивата (проект на е-флукс во соработка во Серпентајн Галери во Лондон), и застапени во Сачи Арт Колекшн.
Вебсајт: www.zoranpoposki.com
Изложбата ќе трае до 15 јули 2017 година а куратор на Проектот е Маја Чанкуловска-Михајловска.

Сигнатури за приложените дела:
6. Динамо (Ниче), 2015, туш, туш pencil и лумиколор на хартија, 42х60 см
11. Приказната на Лаја (Вирџинија Вулф), 2016, туш и лумиколор на хартија, 42х60 см
12. L’Artisanat Furieux (Хана Арент) II, 2016, туш, лумиколор и графит на хартија, 42х60 см
15. Bourreaux de Solitude (Гиљтини за Хомер), 2016, туш, графит и лумиколор на хартија, 40х62 см



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie