логоFacebookTwitterYouTubeeMail

 

Свети Максим Исповедник

1.    
Подвижничко слово
( Во прашања и одговори)

Брат и старец



6.  Братот: „Но, оче, Христовите заповеди се многубројни и кој може сите да ги има во својот ум, и да ги извршува сите. Особено јас, човек со ограничен ум? Затоа, да ми кажеш накратко некое кратко слово и некое не многу сложено правило, извршувајќи го, да можам да се спасам.“

Старецот: „Брату, иако има многу заповеди, сепак тие се искажани во следниве малку зборови: ‘Возљуби Го Господа, Твојот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа, со сета своја сила и со сите свои помисли, и својот ближен како себеси‘ (Лука 10, 27). Оној подвижник којшто живее според овие зборови, тој ги извршува сите Господови заповеди. А оној што нема да се откаже, како што реков понапред, од секаква приврзаност кон земното, тој не може вистински да Го љуби ни Бога, нити својот ближен. Неможно е истовремено да бидеме приврзни кон земното и да Го љубиме Бога. Токму за ова нѐ учел Господ кога говорел: ‘Никој не може да слугува на двајца господари... Не можете да им служите на Бога и на Мамона’ (Матеј 6, 24; Лука 16, 13). Зашто, доколку умот се прилепува кон работите од овој свет, дотолку бива поробуван од нив, тој ги презира Божјите заповеди и ги прекршува без страв.“


7.  Братот: „За какво прилепување кон работите на овој свет ми говориш, оче?“


Старецот: „Спрема јадењата, спрема парите, спрема разновидниот имот, спрема славата, спрема роднините и спрема другите слични работи.“


Братот: „Па зар Бог не ги создал сите тие работи и зар не им дал Он на луѓето да се служат со нив и да ги употребуваат? Зошто сега ни заповеда да не се допреме до нив?“

Старецот: „Така е, Бог ги создал сите тие нешта и им ги дал за употреба на луѓето, и сѐ што е од Бога, сѐ е добро ( сп. 1.Мој. 1, 31); Бог ни ги дал да се користиме добро со нив и да Му угодуваме на Бога. Но ние, бидејќи сме немоќни и оземјени со нашите помисли, го ставаме земното над заповедта на љубовта, па, откако ќе се пристрастиме кон него, заради него се бориме со луѓето. Ние сме должни на сѐ што е земно и телесно да ја претпочитаме љубовта спрема ближниот. Таа е знак на нашата љубов спрема Бога, како што ни вели и Самиот Господ во Своето Свето евангелие: ‘Ако Ме љубите, пазете ги Моите заповеди’ (Јован 14, 15). Оваа заповед, ако ја запазиме, ќе покажеме дека Го љубиме Него. Слушни, пак, што говори Он Самиот: ‘Оваа е Мојата заповед: да се љубите еден со друг, како што ве возљубив и Јас’ (Јован 15, 12). Ете, гледаш, взаемната наша љубов еден кон друг е еднаква со љубовта спрема Бога, која е исполнување на секоја Божја заповед (сп. Рим. 13, 10). Ете зошто ни заповеда, да не се приврзуваме кон работите на овој свет; сите оние што искрено сакаат да бидат Божји ученици – да се откажат потполно и од целиот свој имот.“


8.  Братот: „Оче, ти рече дека љубовта спрема секој човек треба да ја претпочитаме над сѐ што е видливо, па дури и над самото тело. Но, како можам да го сакам оној што не ме сака мене, та дури и оној што ме мрази и што не сака да ме види? Како можам да го сакам оној што ми завидува, што ме клевети, што ми поставува замки, што се обидува да ми направи зло, - како можам да сакам таков човек? Оче, мислам дека јас, само со моиве природни сили, не можам да го издржам ова, зашто самото страдање нѐ тера да го мразиме оној што ни ги причинува страдањата.“


Старецот: „Да, ова е неможно за ѕверовите и за лазачите, за оние што се раководат со својата природа; тие не се во состојба да не се одмаздуваат за злото што им е направено. Но, за оние што се создадени по Божјиот образ, кои се раководат со својот разум, кои се удостоени да Го познаваат Бога и да го примат Неговиот закон, - можно е да ги сакаат луѓето што им прават зло, и што ги мразат.


Затоа Господ вели: ‘Љубете ги непријателите свои, благословувајте ги оние што ве колнат, правете им добро на оние што ве мразат и молете се за оние што ве навредуваат и гонат’ (Матеј 5, 44). Господ ни го заповеда кажаното, не како неможно, туку како можно; инаку не би ги казнувал оние што не ја извршуваат оваа заповед. А дека ваквата љубов е можна на дело ни посведочиле и Господ и Неговите ученици, кои од љубов спрема ближниот се подвизувале дури и до самата смрт. А искрено се молеле и за оние што ги убивале. Ние пак, бидејќи ги сакаме земните и сластољубивите работи и ги претпочитаме пред оваа Господова заповед, токму затоа што нѐ мразат;, и не само тоа, туку често од љубов кон земните работи – не ги љубиме дури и оние што нѐ љубат, покажувајќи се на тој начин полоши и од самите ѕверови и лазачи. Заради тоа, не можеме да Го следиме Господа, не можеме ни да ја познаеме Неговата цел, за да можеме оттаму да придобиеме сила за извршување на оваа Негова заповед.“

9.  Братот: „Оче, ете, јас оставив сѐ: роднините, имотот, задоволствата, славата на светот, така што немам веќе ништо, освен моето тело. Сепак, братот мој, што ме мрази и се одвраќа од мене, јас не можам да го сакам, иако се трудам барем да не му враќам зло за зло. Кажи ми, што треба да сторам за да можам со сета своја душа да ги сакам оние што не ме сакаат, да ги сакам оние што ме навредуваат и што ми прават зло.“


Старецот: „Дури и оној што се откажал од светот и од сѐ што е во него, неможно е да ги сака своите непријатели, да ги љуби оние што го мразат, ако вистински не ја познае целта на Господа. И тогаш Господ ќе му даде да ја познае и тој ќе почне со ревност да живее според она што му е покажано. Тогаш ќе може со срце да ги сака оние што не го сакаат и што му прават зло, како што љубеле и апостолите, кои ја знаеле целта на Господа.“


10.  Братот: „Те молам, оче, за каква цел станува збор? Протолкувај ми ја, ти се молам.“


Старецот: „Ако сакаш да ја познаеш Господовата цел, слушај ме разумно и внимтелно. Нашиот Господ Исус Христос, Кој е по природа и Бог и човек, станал човек од љубов спрема луѓето, се родил од жена и бил потчинет под Законот, според напишаното од светиот апостол Павле, за да ги исполни заповедите како човек, да ја уништи клетвата на Адама. Знаејќи дека целиот закон и сите пророци се потпираат само врз две заповеди: да Го сакаме Бога со сето наше срце и ближниот наш – како себеси, - Он така и дејствувал од почетокот до крајот, така што во совршенство, но сепак како човек, да ги запази и да ги изврши овие две заповеди. Но оној, којшто уште во почетокот го измамил човекот и ја основал државата на смртта, - ѓаволот, откако го слушнал за време на крштевањето сведочењето на Бог Отецот од небото и кога се јавил Светиот Дух, излегол во пустината за да Го искушува Господа. Тој го нападнал со сета своја сила, но не успеал. Господ не ги претпочита работите и богатствата на овој свет пред љубовта спрема Бога, знаејќи дека има три работи околу коишто се вртат сите човечки желби, имено: јадењата, парите и славата. Со нив – ѓаволот – секогаш ги турка луѓето во бездната на пропаста. Со нив се обидел да Го измами и да Го искуша и Господа; но Господ, покажувајќи дека е над земните соблазни, со Својата страшна сила му заповедал: ‘Бегај од Мене, сатано!’


11.  Ете, тоа е белегот на љубовта спрема Бога: да се стои над соблазните и над сатаната. Зашто, откако не можел да го натера Господа Исуса Христа да згреши, тој се обидувал и подоцна, кога Господ излегол на јавна проповед меѓу луѓето, да Го доведе до нарушување на заповедта на љубовта спрема ближниот, дејствувајќи преку беззаконијата на Јудејците. Затоа, кога Господ поучувал какви треба да бидат патиштата на нашиот живот и со Својот личен живот ни дал образец на небесниот живот, проповедал дека мртвите ќе воскреснат, ветувајќи им на тие што веруваат живот вечен и царство небесно. Неверниците пак ги предупредувал со вечни маки, а за потврда на вистинитоста на Своите зборови Он правел големи чуда и покажувал знаци, повикувајќи ги луѓето кон верата. Сето тоа ги предизвикувало беззаконите фарисеи и книжниците да прават неправди и да вршат напади и против Него, така што да не може да ги истрпи неправдите и искушенијата, на кои што го подложувале. На тој начин, да се исполни со омраза против нив и да им се одмаздува, да им враќа зло за зло, со што сатаната би ја постигнал својата цел, односно би докажал дека со тоа Господ ја нарушил заповедта за љубовта спрема ближниот.


12.  Но, нашиот Спасител Господ Исус Христос, како вистински Бог, знаејќи ги неговите замисли, не се возбудувал со омраза против фарисеите и книжниците; Он според Својата природа бил добар и не можел никого да мрази. Напротив, Он ги љубел бескрајно и сакал и тие да поверуваат и да бидат Негови следбеници. Бидејќи потпаѓале под влијание на сатаната, можеле да не Го прифатат, дури и да Го прифателе, сепак потпаѓале под влијание на злото. Од невнимание и од безгрижност, повторно потпаѓале под влијание на својот духовен непријател. Господ ги вразумувал, ги разобличувал, ги прекорувал, ги оплакувал и никогаш не престанувал да им прави добро, трпел кога тие говореле лошо против Него, трпел кога страдал, пројавувајќи спрема нив непрестајно дела на љубов. Со ваквото човекољубие спрема оние коишто сатаната ги поттикнувал да Му прават зло, Он го победувал Својот искушувач. Каква возвишена духовна борба! Наместо омраза, нашиот Господ секогаш пројавувал љубов; со добрина го победувал таткото на омразата и на злобата. Откако претрпел од нив толку многу зло, или поточно, го истрпел заради нив, како човек се подвизувал сѐ до Својата смрт за да ја исполни заповедта на љубовта. И, откако одржал конечна победа над сатаната, најпосле го стекнал за нас венецот на воскресението. На тој начин, новиот Адам го обновил стариот Адам. Ете, тоа значат зборовите што ги кажал апостолот: „Ние треба да ги имаме истите мисли, што ги има Исус Христос“ (Филип. 2, 5).


13.  Ете, таква била целта на Господа: да Му биде послушен на Својот Отец дури до самата смрт и како човек заради нас, запазувајќи ја заповедта на љубовта, да го победува ѓаволот, страдајќи од него преку поттикнуваните на зло книжници и фарисеи. А на тој начин, дозволувајќи да биде победен. Он го победил оној што очекувал Него да Го победи и го ослободил светот од неговата тиранија. Така Христос бил „по слабоста распнат“ (2. Кор. 13, 4), но со оваа Своја немоќ Он ја умртвил силата на смртта и ја уништил власта на смртта (сп. Евр. 2, 14). Така и светиот апостол Павле претрпувал немоќи во себеси, и се фалел со нив, за да се всели во него силата Христова (сп. 2. Кор. 12, 9).


14.  Откако го проучил начинот на оваа победа, апостолот на христијаните во Ефес им пишува: „Нашата борба не е против крвта и плотта, туку против началствата, против властите, против светските управители на темнината од овој век, против поднебесните духови на злобата“ (Ефес. 6, 12). А на оние што водат борба со невидливите непријатели, им заповедал: „Облечете се во оружјето Божјо, за да се одржите против ѓаволската луквост... И така стојте, откако ќе се опашете со вистината и ќе се облечете во оклопот на правдата“ (Ефес. 6, 11и 14). Покажувајќи ја оваа борба таква каква што е, тој говорел: „Јас, пак, трчам, но не на несигурно; се борам не како оној што удира во ветар; туку го изнурувам и го поробувам телото, да не би случајно, проповедајќи им на другите и сам да останам негоден“ (1. Кор. 9, 26-27). И пак: „До овој час ние и гладуваме, и жедуваме, и необлечени одиме, се мачиме и се поураме по светот“ (1. Кор.4, 11). И продолжува: „Во труд и мака, во често неспиење, во глад и жед, во многу постење, на студ и голотија“ (2. Кор. 11, 27).


15.  Во таква борба тој се борел и со демоните, коишто ги поттикнувале неговите телесни похоти, кои ги одгонувал со истоштување на своето тело, покажувајќи им ја таа победа на демоните, каква што била, кога го терале да мрази, поради што непобожните ги подигнуваат против побожните, од кои биваат искушувани, па така да ги намразат и да ја нарушат заповедта на љубовта, апостолот ни говори: „Се трудиме, работејќи со своите раце. Кога нѐ укоруваат, ние благословуваме, а кога нѐ гонат трпиме: кога хулат на нас, ние се утешуваме. Станавме како сметиште на овој свет, како отпад на сите луѓе“ (1. Кор. 4, 12-13). Затоа демоните ги терале луѓето да го укоруваат апостолот, да говорат лошо за него и да го прогонуваат, имајќи за цел да го доведат до тоа да ја прекрши заповедта на љубовта. А, апостолот, знаејќи ја нивната замисла, кога го укорувале – благословувал, кога го гонеле – трпел, кога го хулеле – ги молел оние што биле под влијание на демоните, да отстапат од нив и да Му станат свои на благиот Бог. На овој начин, тој ги победувал демоните; според зборовите на Спасителот – тој го победувал злото со добро. На овој начин и тој и другите апостоли успеале да го одвојат целиот свет од демоните и да Му го направат свој на Бога. Така, со својот пораз ги победил оние, коишто мислеле дека извојувале победа. Затоа, брату, ако тебе те раководи оваа цел, тогаш и ти ќе можеш да ги сакаш оние што те мразат; а, ако те раководи некоја друга цел, тогаш, љубовта спрема твоите непријатели нема да биде можна за тебе.“


16. Братот: „Навистина, оче, така е како што говориш и не може да биде поинаку. Токму затоа Господ, кога Го навредувале, кога Му удирале шлаканици, и кога бил подложуван на други страдања од Јудејците сѐ претрпувал, затоа што знаел оти сето Му Го правеле од незнаење и од ѓаволска прелест. Он ги сожалувал, како што ги сожалувал  и оние што Го распнале и што се подбивале со Него, велејќи: „Оче, прости им, оти не знаат што прават“ (Лука 23, 34). Тој тогаш, конечно го победил сатаната и неговите кнезови со Својата победа распнат на крстот, претрпувајќи сѐ до самата смрт. Го завршил до крај својот подвиг за исполнување на заповедта на љубовта, како што ми кажа сега ти. Својата победа над нив, ни ја  подарил и нам; ја уништил силата на смрта и му го подарил на целиот свет Своето воскресение за нов живот. Но помоли се и за мене оче, да можам и јас целосно да ја познаа основната и главна животна цел на Господа и на Неговите свети апостоли, да бидам прибран и трезвен за време на искушенијата, да ги разоткривам замислите на сатаната и на неговите демони.“

17.  Старецот: „Ако ова што ти го кажав секогаш е присутно во твоите мисли, тогаш сигурно ќе можеш да ги разоткриваш и да ги разбираш замислите на лукавите демони. И кога ќе сфатиш дека, како што биваш ти искушуван, така е искушуван и твојот брат, ќе се убедиш дека токму затоа треба да му проштеваш на твојот брат што е искушуван, и да му се противставуваш на ѓаволот, кој ве искушува обајцата. Не ги прифаќај неговите замисли и не позволувај да паднеш во неговите мрежи и стапици. Таков совет ни дава и светиот апостол Јаков, братот Господов, кога ни говори во Своето соборно посллание: ‘Покорете Му се на Бога; а противете се на ѓаволот, и тој ќе побегне од вас!’ (Јак. 4, 7). Зато, ако реченото секогаш е присутно во твоите мисли, ако бидеш свесен за ова, тогаш ќе можеш да ја познаеш целта на Господа и на Неговите апостоли, ќе ги сакаш луѓето, ќе имаш сочувство спрема  нив дури и тогаш кога ќе дејствуваат непријателски спрема тебе, а вооружен со силата на љубовта, противставувај им се на лукавите демони. А, доколку јас и ти бидеме невнимателни, безгрижни и ако нашите мисли им ги предадеме на телесните задоволства, тогаш не можеме да водиме борба против демоните, туку ќе бидеме непријатели и на себеси и на нашите браќа. Борејќи се против нив, ќе им угодуваме на демоните и, слушајќи ги нив, ќе војуваме против љубовта.“

Извор: ДОБРОТОЉУБИЕ, Том III.

 

За Преминпортал

Подготви: Светланка Трајчева 

1-ви април 2018 лето Господово

Друго:

  • Поуки од Светите Отци



Поуки од Светите Отци

krusevoexport

Духовност

Декември 09, 2019
7.Vselenski.sobor

Почитување на Пресветата Мајка Божја

Таа е заштитничка и покров на христијанскиот род. Како Мајка на Синот Божји, таа има најголема слобода и моќ пред престолот Божји, и нејзе Црквата, по Бога, најмногу ја почитува и прославува во своите безброј молитви и химни, како најсилна заштитничка и…
Декември 05, 2019
7.Vselenski.sobor

Митрополит Струмички Наум: ВОВЕДЕНСКИ РАЗМИСЛУВАЊА

Премногу размислуваме во категоријата Бог – човек, наместо во категоријата личносни односи. Религиозниот човек размислува во рамките на првата категорија, а црковниот човек размислува и дејствува во откровението на втората категорија.Догматиката е многу…

Старец Георгиј Капсанис: МОНАСИТЕ СЕ ЕКСПЕРТИ ВО НАУКАТА НА ПОКАЈАНИЕТО

Луѓето прво треба да го распнат и да го погребат своето поранешно „јас“ (т.е. егоизмот,…

Свети великомаченик Димитриј Солунски

Ное 09, 2019 Житија 237
st-demetrius
Благочестивиот Димитриј пред царевите ги поставил Божјите заповеди. Го возљубил Господ…

Митрополит Струмички Наум-Царството небесно прилега... на простување (19.08.2017 )

Ное 07, 2019 Беседи 691
7.Vselenski.sobor
Честопати и мене ме прашуваат зошто примам или им помагам на луѓе за кои мнозина од…

Беседи

Дедо Наум: Ако си паметен за тебе нема неуспех

Дедо Наум: Ако си паметен за тебе нема неуспех

И да доживееш некаков неуспех, тоа ќе биде - „конструктивен неуспех", од кој учиш како да успееш.Клучно за секој успех е да се издржи кризата што се сретнува на патот....

Дедо Наум: Да се фокусираме на нашите цели, безначајностите немаат крај

Дедо Наум: Да се фокусираме на нашите цели, безначајностите немаат крај

Лошо, добро; сладост, болка; радост, тага; заљубеност, омраза; успех, пад - постојани промени. Битно е - исправени да продолжиме кон целта.Да се фокусираме на нашите цели, безначајностите немаат крај.Сите што...

Викарен Епископ Јаков Стобиски: Вистинска среќа

Викарен Епископ Јаков Стобиски: Вистинска среќа

Светото Предание на Црквата е израз на најавтентичниот нејзин живот и секогаш има длабока смисла, и секогаш без исклучок ја изразува и треба да ја изразува Црквата, бидејќи се раѓа...

БEСEДА  за Прeсвeта Дeва Бoгoрoдица

БEСEДА за Прeсвeта Дeва Бoгoрoдица

Сè штo ќe ви рeчe, направeтe! Какo да сакала да кажe: Oн знаe сè, Oн мoжe сè, Oн вe љуби ситe, затoа нe сe свртувајтe ни таму ни ваму, туку...

Викарен Епископ Јаков Стобиски: Маченички етос

Викарен Епископ Јаков Стобиски: Маченички етос

Имаме можност да бидеме маченици Христови – во секоја минута, во секоја секунда од нашиот живот. Мачеништво е да се избориш со една лоша помисла, со помисла на завист, со...

Викарен Епископ Јаков Стобиски: Божик е празник на богочовечка радост

Викарен Епископ Јаков Стобиски: Божик е празник на богочовечка радост

Божик е празник на богочовечка радост. Предвечниот Бог, од преголема љубов кон човекот станува еден од нас и ја преминува непреодната бездна помеѓу созданието и Создателот. Бог станува човек, и...

БEСEДА  за раѓањeтo на Гoспoда Синoт Бoжји

БEСEДА за раѓањeтo на Гoспoда Синoт Бoжји

Излeгoв oд oтeцoт, кадe штo имав сè, и дoјдoв на свeтoт, кoј нe мoжeшe ништo да ми дадe. Вo пeштeрата сe рoдил Гoспoд за да пoкажe дeка цeлиoт свeт e...

РОЖДЕСТВО ХРИСТОВО – Архимандрит Георгиј Капсанис

РОЖДЕСТВО ХРИСТОВО – Архимандрит Георгиј Капсанис

Оваа тајна се извршува во Црквата, зашто ние кои живееме во Црквата стануваме учесници во Божјата предвечност, во вечниот живот, во вистинскиот живот на Пресвета Троица. Се разбира, сѐ уште...

БEСEДА  за Давид (02.01.2020)

БEСEДА за Давид (02.01.2020)

Царoт Давид му згрeшил на Бoга, сe пoкајал и Бoг му oпрoстил. Гoлeм бил грeвoт на царoт, нo уштe пoгoлeмo билo пoкајаниeтo. Му бил винoвeн на Бoга за два тeшки...

« »