01.jpg

ПОСЕТА НА ЗОГРАФСКИОТ ИГУМЕН

02.jpg

1 декември 2011

Денес, во посета на светиот Бигорски манастир, со неколку свои браќа и духовни чеда, дојде игуменот на славната светогорска свештена Зографска Обител, високопреподобниот игумен, архимандрит Амвросиј. Зографскиот старец, со своите сопатници, гостољубиво беа пречекани од страна на нашиот старец Партениј, кој во духот на монашкото братољубие им покажа особена чест на добронамерните гости. Посетителите беа запознаени со историјата на нашата Обител, но и со тековните активности за нејзино возобновување. Притоа Зографскиот игумен и браќата ја изкажаа својата срдечна радост поради посетата на ова значајно преродбенско светлиште за славјанскиот народ низ вековите. Денешната благодатна братска посета дополнително сведочи за континуитетот на меѓусебното братољубие и соработка што ги негувале Бигорскиот и Зографскиот манастир низ историјата, а особено во преродбенскиот XIX век, кога овие две обители со заеднички духовни сили и дејствија макотрпно се труделе околу просветувањето на словенскиот народ, кој тогаш сѐ уште бил под османлиско ропство. Прекрасен пример за тоа е бигорскиот монах Анатолиј, нашиот голем духовник и преродбеник, кој станал истакнат зографски старец во првата половина на XIX век. Неговиот родољубив идеал верно ќе го следи и неговото духовно чедо Партениј Зографски, великанот на македонската преродба, кој своите почетоци во образованието ги имал токму во Бигорскиот манастир, за потоа да продолжи во Зограф. Разговарајќи за оваа светла тема од заедничкото минато на двата манастира, нашиот игумен му подари на о. Амвросиј книга за архимандрит Анатолиј Зографски. Последователноста на братските односи на овие два значајни словенски просветителски центри, која, за жал, била прекината во времето на комунизмот, е повторно возобновена во поново време со заложбите на нашиот старец, а по молитвите на нашите богоносни предци. На заминување Зографкиот игумен посака да го посети и Бигорскиот метох „Св. Георгиј Победоносец“ во Рајчица, за да се поклони на моштите од светиот великомаченик Георгиј.

 03.jpg 

 04.jpg

05.jpg

 07.jpg  06.jpg

08.jpg  09.jpg

10.jpg  12.jpg

11.jpg

13.jpg

14.jpg

Извор: Бигорски манастир

http://bigorski.mk/index.php?content_type=nastani&action=details&record_id=748