логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка


22.12.2010 год.

(среда)

 КОН СОВЛАДУВАЊЕ НА НОВО-ЗАВЕТНИОТ ПРЕДИЗВИК

Со почетокот на Божикниот пост, да го започнеме заедно и подвигот на читање на Новиот Завет, следејќи го 40 дневниот распоред.

25-ден

o.Grigorij.sr1.jpg

25 ден: Јаков и 1 Петар

Јаков
1 | 2 | 3 | 4| 5

 

Глава  1                                     

  
1 Јаков, слуга на Бога и на Господа Исуса Христа, до дванаесетте распрснати племиња, поздрав.
  2 Сметајте ја за чиста радост браќа мои, кога ќе паднете во разни искушенија,
  3 знаејќи дека испитувањето на вашата вера создава трпение!
  4 А трпението нека има совршено дело, за да бидете совршени и потполни: без никаков недостаток.
  5 Ако некому од вас му недостига мудрост, нека ја моли од Бога, Кој им дава на сите изобилно и без укор - и ќе му се даде.
  6 Но да моли со вера, без никакво сомнение; зашто оној кој се сомнева е сличен на морскиот бран кого ветерот го издига и го тера.
  7 Таквиот човек да не мисли, дека ќе прими нешто од Господа.
  8 Човекот со разделена душа е непостојан во сите свои патишта.
  9 Бедниот брат да се фали во својата возвишеност,
10 а богатиот во својата понизност, зашто ќе помине како цветот на тревата.
11 Зашто сонцето изгреа со жега и ја осуши тревата, па нејзиниот цвет отпадна и исчезна убавината на нејзиниот изглед. Така и богатиот ќе овене во своите патишта.
12 Блажен е човекот, кој поднесува искушение, зашто кога ќе биде испитан, ќе прими венец на живот, што Бог им го ветил на оние, кои Го љубат.
13 Ниеден, кој е искушуван, да не рече: „Бог ме искушува.” Зашто, Бог не се искушува од злото, и Самиот никого не искушува.
14 Туку, секого го искушува неговата сопствена похот, која го влече и го мами.
15 Потоа похотта зачнува и раѓа грев, а направениот грев раѓа смрт.
16 Не заблудувајте се, возљубени браќа мои.
17 Секој добар дар и секој совршен подарок доаѓа одозгора, од Таткото на светлината, во Кого нема измени, ниту сенка од промена.
18 Тој нè роди според Својата волја преку Словото на вистината, за да бидеме првина на Неговите созданија.
19 Знајте го ова, возљубени браќа мои: секој човек да биде брз во слушањето, а бавен во зборувањето, бавен на гнев,
20 зашто човечкиот гнев не создава правда пред Бога.
21 Затоа отфрлете од себе: секаква нечистота, и последниот остаток на злобата, и примете го со кротост во вас насаденото Слово, кое може да ги спаси вашите души.
22 Но бидете извршители на Словото, а не само слушатели, кои се измамуваат себеси.
23 Зашто, кој го слуша Словото, а не го извршува, сличен е на човек, кој го набљудува своето природно лице во огледало;
24 ќе се погледне и ќе замине, и веднаш заборава каков бил.
25 А кој ќе се загледа во совршениот закон на слободата и остане во него, не како заборавлив слушател, туку како вистински извршител, тој ќе биде блажен во својата дејност.
26 Ако некој мисли дека е побожен, а не го зауздува својот јазик, туку го мами своето срце, неговата побожност е суетна.
27 Ова е чиста и неизвалкана побожност пред Бога и Таткото: да бидат посетувани сираците и вдовиците во нивните неволји, и самиот да се пази себеси непорочен од светот.
 

Глава  2                                     

  
  1 Браќа мои, имајте вера во нашиот славен Господ Исус Христос, не гледајќи кој е кој!
  2 Зашто ако на вашето собрание дојде човек со златен прстен и со светла облека, а влезе и сиромав во бедна облека,
  3 па погледате во оној, во светлата облека, и му речете: „Ти седни тука убаво!” а на сиромашниот му речете: „Ти стој таму!” или „Седни до моето подножје.”
  4 Не правите ли разлики помеѓу себе и така станавте судии со лоши помисли?”
  5 Послушајте, возљубени браќа мои, не ги избра ли Бог оние, кои се сиромаси пред светот, за да бидат богати во вера и наследници на Царството, кое им го ветил на оние, кои Го љубат?
  6 А вие го презревте сиромавиот! Не се ли богатите тие, кои ве угнетуваат и ве влечат по судилиштата?
  7 Не го хулат ли тие доброто име со кое сте наречени?
  8 Ако пак го исполнувате царскиот закон според Писмото: „Љуби го својот ближен како самиот себе!”- добро правите.
  9 Но ако гледате на лице, правите грев, и законот ве осудува како престапници.
10 Зашто кој го пази целиот закон, а се сопне само во едно, станува виновен за сè.
11 Зашто Оној Кој рекол: „Не прави прељуба!” рекол и: „Не убивај!” Ако не направиш прељуба, а убиеш, стануваш престапник на законот.
12 Така зборувајте и така постапувајте како луѓе, кои ќе бидат судени по законот на слободата.
13 Зашто судот нема милост кон оној, кој не покажувал милост. Милоста слави победа над судот.
14 Каква е ползата, браќа мои, ако некој рече дека има вера, а нема дела? Може ли верата да го спаси?
15 Ако некој брат или сестра се голи и без секојдневната храна,
16 па некој од вас им рече: „Одете си во мир, стоплете се и наситете се!” а не им даде она, што им е потребно за телото, каква е ползата?
17 Така и верата: ако нема дела, мртва е сама по себе.
18 Но ако некој рече: ти имаш вера, а јас имам дела. Покажи ми ја својата вера без дела, а јас ќе ти ја покажам верата од моите дела.
19 Ти веруваш дека има само еден Бог. Добро правиш; и бесовите веруваат и треперат.
20 Сакаш ли пак да сознаеш, суетни човеку, дека верата без дела е мртва?
21 Нашиот татко Авраам не беше ли оправдан од делата, кога го принесе на жртвеникот својот син Исак?
22 Гледаш дека верата соработуваше со неговите дела, и дека верата преку делата стигна до совршенството.
23 И така се исполни Писмото, кое вели: „Авраам Му поверува на Бога, и тоа му се засмета за правда, и се нарече Божји пријател.”
24 Гледате дека човекот се оправдува преку дела, а не само преку вера.
25 Исто така и блудницата Раав не се оправда ли преку дела, кога ги прими согледувачите и кога ги испрати по друг пат?
26 Имено, како што е телото без дух мртво, така и верата без дела е мртва.

Глава  3  

                                  
1 Не бидете, браќа мои, мнозина од вас учители, зашто знаеме дека ќе бидеме построго осудени за тоа.
  2 Зашто сите ние грешиме многу. Ако некој не греши во зборувањето, тој е совршен човек, способен да го заузда и целото свое тело.
  3 И кога на коњите им ставаме узда во устата, за да ни се покоруваат, и можеме да управуваме со целото нивно тело.
  4 Ете, и корабите, иако се толку големи и се гонети од силни ветрови, со нив управува мошне мала крмичка, каде што сака кормиларовата волја.
  5 Така и јазикот е мал член, но се фали со големи работи. Ете, како мал оган запалува голема шума!
  6 И јазикот е оган, свет на неправда; јазикот се наоѓа меѓу нашите членови: го онечистува целото тело и, потпален од пеколот, го запалува текот на нашиот живот.
  7 Зашто, секаков вид ѕверови и птици, лазачи и морски животни, се скротуваат и се скротени од човечкиот род,
  8 но никој од луѓето не може да го скроти јазикот, немирно зло, полн со смртоносен отров.
  9 Со него Го благословуваме нашиот Господ и Татко, и со него ги проколнуваме луѓето, кои се создадени според Божјо подобие.
10 Од истата уста излегува благослов и проклетство. Тоа не смее, браќа мои, да биде така.
11 Тече ли од изворот, од ист отвор, слатка и горчлива вода?
12 Може ли, браќа мои, смоквата да роди маслинки, или лозата смокви? Така ни солениот извор не може да даде слатка вода.
13 Кој е меѓу вас мудар и разумен? Со добро владеење нека ги покаже своите дела во мудра смиреност.
14 Ако ли пак во своето срце имате горчлива завист и карање, не се фалете и не лажете против вистината!
15 Тоа не е мудрост, која слегува одозгора, туку е земна, душевна, демонска;
16 зашто каде се зависта и карањато, таму е неред и секакво лошо нешто.
17 А мудроста која доаѓа одозгора, пред сè: е чиста, потоа мирољубива, блага, покорна, полна со милост и добри плодови, непристрасна и нелицемерна.
18 А плодот на правдата се сее во мир, за оние кои создаваат мир.
 

Глава  4                                     

  
1 Од каде се војните и од каде се борбите меѓу вас? Не доаѓаат ли од вашите страсни желби, што се борат во вашите членови?
  2 Сакате и немате, убивате и завидувате, и не можете да постигнете; се борите и војувате. Немате, зашто не молите.
  3 Барате, но не добивате, зашто барате погрешно, за да го трошите во вашите страсни желби.
  4 Прељубници, не знаете ли дека пријателството со светот е непријателство против Бога? И така, кој сака да му биде пријател на светот, Му станува непријател на Бога.
  5 Или, мислите ли дека Писмото вели напразно: „До ревност го љуби духот, кој живее во нас?”
  6 Но дава поголема благодат. Затоа вели: „Бог им се противи на горделивите, а на смирените им дава благодат.”
  7 И така, покорете Му се на Бога; а противите се на ѓаволот и ќе побегне од вас.
  8 Приближете се кон Бога, и Тој ќе се приближи кон вас; Исчистете ги рацете, грешници, и очистете ги срцата, луѓе со разделена душа!
  9 Бидете нажалени, тагувајте, и заплачете: вашата смеа нека се претвори во тага, а радоста во жалост!
10 Бидете понизни пред Господа, и Тој ќе ве возвиши!
11 Не клеветете се еден друг, браќа; кој го клевети својот брат или го суди својот брат, го клевети законот и го суди законот. А ако го судиш законот, не си извршител на законот, туку негов судија.
12 Само еден е Законодавец и Судија, Кој може и да спаси и да погуби. А кој си ти, што го осудуваш ближниот?
13 Слушајте сега вие, кои велите: „Денес или утре ќе одиме во овој или во оној град, и таму ќе останеме една година, и ќе тргуваме и ќе спечалиме”,
14 вие, кои не знаете што ќе биде утре: зашто, што е вашиот живот? Вие сте пареа, која се јавува за миг, и потоа исчезнува.
15 Место да зборувате: „Ако Господ сака, ќе живееме и ќе направиме ова или она”,
16 вие сега се фалите во својата надуеност. Секоја таква фалба е зла.
17 И така, кој знае да прави добро, а не го прави, грев му е.
 

Глава  5                                     

1 Послушајте сега, вие богати: плачете и ридајте над неволјите, што идат на вас.
  2 Вашето богатство изгни, и молците ги изедоа вашите раскошни облеки.
  3 Вашето злато и сребро за’рѓа; и нивната ‘рѓа ќе биде сведоштво против вас, и како оган ќе ги проголта вашите тела. Насобравте богатство во последните денови.
  4 Еве, платата на работниците, кои ги ожнија вашите ниви, што вие им ја скусивте, вика, и извиците на жетварите дојдоа до ушите на Господ над Силите.
  5 Вие живеевте на земјата раскошно и разуздано; ги потхранивте своите срца, како за денот на клање.
  6 Го осудивте, го убивте праведникот; и тој не ви се противи.
  7 И така, бидете трпеливи, браќа, до Господовото доаѓање! Ете, земјоделецот го чека скапоцениот род од земјата, чека трпеливо додека не го прими раниот и доцниот дожд.
  8 Чекајте трпеливо и вие, зацврстете ги своите срца, зашто е близу Госповото доаѓање.
  9 Не воздивнувајте, браќа, еден против друг, за да не бидете осудени: ете, Судијата стои пред вратата.
10 За пример на злострадањата и на долготрпението земете ги, браќа, пророците, кои зборуваа во Господово име.
11 Ете, блажени ги наречуваме оние, кои претрпеа. Чувте за трпењето на Јов, а видовте како Господ го заврши тоа; зашто Господ е многумилостив и сочувствителен.
12 А пред сè, браќа мои, не колнете се ни во небото, ни во земјата, ниту со некаква друга клетва! Вашето „да”, да биде „да”, а вашето „не” - „не”, за да не паднете под суд.
13 Страда ли некој меѓу вас, нека се моли; весел ли е некој, нека Го фали Бога.
14 Боледува ли некој меѓу вас, нека ги повика старешините на црквата, и тие нека се помолат над него, и нека го помажат со масло во името на Господа,
15 и молитвата на вера, ќе го спаси болниот и Господ ќе го крене, и ако направил гревови, ќе му бидат простени.
16 И така, исповедајте си ги гревовите еден на друг и молете се еден за друг, за да оздравите! Делотворната молитва на праведникот има голема сила.
17 Илија беше човек по природа ист како и ние, и се помоли со молитва да нема дожд и не падна дожд на земјата три години и шест месеци.
18 И пак се помоли, па небото даде дожд, и земјата го произведе својот плод.
19 Браќа мои, ако некој се отклони од вистината, и некој го го поврати,
20 нека знае дека оној, кој ќе го врати грешникот од неговиот заблуден пат, ќе ја спаси неговата душа од смрт и ќе покрие мноштво на гревови.

 1 Петар
1 | 2 | 3 | 4| 5

Глава  1   
1 Петар, апостол на Исуса Христа, до избраните придојденици, растурени по Понт, Галатија, Кападокија, Азија и Витинија,
  2 според провидението на Бог Таткото, во осветувањето на Духот, за послушност и попрскување со крвта на Исуса Христа: благодатта и мирот да ви се умножи.
  3 Благословен да е Бог, Таткото на нашиот Господ Исус Христос, Кој по Својата голема милост, преку воскресението на Исуса Христа од мртвите, нè роди одново за жива надеж,
  4 за непоминливо наследство, и неизвалкано, и кое не вене, запазено во небесата за вас,
  5 кои Божјата сила ве чува, преку верата, за спасение, подготвено да се открие во последното време.
  6 Во ова радувајте се, макар да сте сега за малку наскрбени, ако е потребно во разни искушенија,
  7 та вредноста на вашата вера, која е поскапоцена од пропадливото злато - кое се испитува во оган - да се покаже, за пофалба, слава и чест, при откровението на Исуса Христа,
  8 Кого Го љубите иако не сте Го виделе; во Кого верувате сега, иако не Го гледате; и се радувате со неискажлива и прославена радост,
  9 зашто ја постигнувате целта на својата вера: спасението на душите.
10 Ова спасение го бараа и го испитуваа пророците, кои пророкуваа за благодатта што ви е наменета;
11 тие испитуваа на кое и на какво време посочуваше Христовиот Дух, Кој беше во нив, кога однапред навестуваше за Христовите страдања и за славите по нив.
12 Ним им беше откриено дека не служеа за себе, туку за вас, со ова што сега ви го објавија преку оние, кои ви го проповедаа Евангелието преку Светиот Дух, испратен од небото, во што ангелите сакаат да вникнат.
13 Затоа, препашете ги бедрата на вашиот ум, бидете трезвени, имајте полна надеж во благодатта, која ќе ви биде донесена при откровението на Исуса Христа.
14 Како послушни чеда, не управувајте се според некогашните страсти, кои ги имавте во своето незнаење,
15 туку според Светецот, Кој ве повика, бидете и самите свети во целото свое држење,
16 зашто е напишано: „Бидете свети, зашто Јас Сум свет.”
17 И кога Го наречувате Татко Оној, Кој не гледајќи кој е кој, го суди според делата секој поединец, поминувајте го во страв времето на својот живот како придојденици,
18 знаејќи дека не сте откупени со распадливи нешта, со сребро или со злато, од својот суетен живот што ви е предаден од вашите татковци,
19 туку со скапоцената крв на Христа, како невино и чисто Јагне,
20 Кој беше предназначен, пред создавањето на светот, а се јави на крајот на времето заради вас;
21 кои преку Него поверувавте во Бога, Кој Го воскресна од мртвите и Му даде слава, така што вашата вера и вашата надеж да бидат во Бога.
22 Откако преку Духот ги очистивте вашите души во послушност кон вистината, за нелицемерно братољубие; љубете се истрајно еден друг од чисто срце,
23 зашто сте новородени не од распадливо семе, туку од нераспадливото живо и вечно Божјо слово.
24 Зашто „секое тело е како трева, и сета нејзина слава како цвет од трева: тревата се осушува и цветот и опаѓа,
25 а Господовото слово останува довека.” А тоа е словото, кое ви е објавено како Евангелие.


Глава  2                                     
  
1 И така, положете ги настрана: секоја злоба и секаква измама, и лицемерство, и завист, и секаква клевета.
  2 Како новородени деца, копнејте по чисто духовно млеко на словото, за да пораснете преку него за спасение,
  3 ако сте вкусиле дека Господ е добар.
  4 Пристапете при Него, живиот Камен, Кого навистина луѓето Го отфрлија, но Кој е од Бога избран, и скапоцен,
  5 та дозволете од самите вас, како живи камења, да се изгради духовен дом, свето свештенство, за да принесувате духовни жртви, кои Му се пријатни на Бога, преку Исуса Христа.
  6 Зашто пишува во Писмото: „Еве, поставувам во Сион аголен Камен, одбран и скапоцен; и кој верува во Него, нема да се посрами.”
  7 Така, за вас, кои верувате, Тој е скапоцен; а за оние кои не веруваат: „Каменот, кого го отфрлија ѕидарите, но Кој стана аголен камен,”
  8 и „камен за сопнување, и стена на соблазнување,” на која се сопнуваат оние, кои се непокорни на словото: за што се и определени.
  9 А вие сте избран род, царско свештенство, свет народ, народ придобиен, за да ги прогласите славните дела на Оној, Кој ве повика од темнина во Својата чудесна светлина;
10 вие кои некогаш не бевте народ, сега сте Божји народ; вие кои некогаш не бевте помилувани, сега сте помилувани.
11 Возљубени, ве молам: како туѓинци и придојденици да се воздржувате од телесните желби, зашто тие војуваат против душата.
12 Однесувајте се добро меѓу народите, така што токму во она за што ве клеветат како злосторници; врз основа на вашите добри дела, кога ќе ги видат, да Го прослават Бога во денот на посетата.
13 Заради Господа покорувајте и се на секоја човечка власт: било на цар, како врховник,
14 било на управителите, како негови пратеници, за да ги казнуваат злосторниците, а да ги пофалуваат оние, кои прават добро!
15 Зашто ова е Божја волја: правејќи добро да го замолкнете незнаењето на неразумните луѓе,
16 како слободни; и не како оние, кои ја употребуваат слободата како покрив на злобата, туку како Божји слуги!
17 Почитувајте ги сите, љубете го братството, бојте се од Бога, почитувајте го царот!
18 Слуги, покорувајте им се на своите господари со целосен страв, но не само на добрите и кротките, туку и на суровите!
19 Зашто тоа е благодат, кога некој страда несправедливо и поднесува маки, заради сознанието за Бога.
20 Имено, каква е пофалбата ако трпите, кога ве казнуваат за вашите престапи? Но, ако страдате и трпите, кога правите добро, тоа е благодат од Бога.
21 Зашто за тоа сте повикани, зашто и Христос страдаше за вас и ви остави пример, за да врвите по Неговите стапки.
22 Тој не направи грев и не се најде измама во Неговата уста.
23 Тој, Кој беше навредуван, не враќаше со навреда; кога страдаше - не се закануваше, туку се предаде Себеси на Оној, Кој суди праведно.
24 Тој Сам во Своето тело ги понесе нашите гревови на дрвото, та ние, умирајќи за гревовите, да живееме за правдата; преку Неговите рани се исцеливте.
25 Зашто скитавте како овци, но сега се вративте при Пастирот и Чуварот на вашите души.
 
Глава  3                                     
  
1 Така и вие, жените, бидете им покорни на своите мажи, та ако некои не му се покоруваат на словото, да бидат придобиени без слово, со однесувањето на своите жени,
  2 кога ќе го видат вашето поведение во страв и чистота.
  3 Вашиот украс да не биде надворешен: во плетење на косата, во ставање на злато или во облекување на разни облеки -
  4 туку: сокриениот човек на срцето во непропадливиот украс на кроткиот и мирен дух, што е од голема вредност пред Бога.
  5 Зашто така некогаш се украсуваа светите жени, кои се надеваа на Бога и им се покоруваа на своите мажи,
  6 како што Сара му беше послушна на Авраама и го наречуваше господар; вие сте нејзини ќерки, кога правите добро, не плашејќи се од никакво заплашување.
  7 Така и вие, мажите, живејте благоразумно со жените како со послаб сад, искажувајќи им почитување како на сонаследнички на благодатта на животот, за да бидат вашите молитви без пречка.
  8 Најпосле, бидете сите сложни во мислењето, сочувствителни, братољубиви, милосрдни, понизни;
  9 не враќајте зло за зло или навреда за навреда, туку, напротив, благословувајте, зашто сте повикани за тоа, за да наследите благослов.
10 Зашто „кој сака да го љуби животот и да види добри денови, нека го воздржи својот јазик од зло и своите усни од измамливо зборување;
11 нека се отстрани од злото и нека прави добро, нека бара мир и нека го следи;
12 зашто Господовите очи гледаат на праведниците и Неговите уши ги слушаат нивните молитви, а Господовото лице е против оние, кои прават зло.”
13 И кој ќе ви стори зло, ако ревнувате за доброто?
14 А ако и страдате заради правдата, бидете блажени! „Не плашете се, ниту се збунувајте од нивните закани,”
15 туку осветувајте Го во своите срца Христа како Господа, секогаш подготвени за одговор на секого, кој ја бара причината на надежта, која е во вас, но со кротост и со страв,
16 имајќи добра совест, та оние кои го навредуваат вашето добро поведение во Христа, да се посрамат за она за што ве клеветат.
17 Зашто е подобро, ако сака Божјата волја, да страдате правејќи добро, отколку правејќи зло.
18 Зашто и Христос умре еднаш за гревовите, Праведен за неправедните, за да нè приведе при Бога; навистина, Тој, Кој беше убиен во тело, оживе Духом;
19 во Него, Тој отиде тогаш, и објави на духовите во Подземјето;
20 кои беа непокорни некогаш, кога Божјото трпение ги чекаше во Ноевото време, додека се градеше ковчегот, во кој само малку од нив, односно осум души, се спасија преку водата.
21 Одговарајќи на оваа слика, крштавањето, - кое не е отстранувањето на телесната нечистота,- туку е одговор на добра совест кон Бога, сега и вас ве спасува, преку воскресението на Исуса Христа,
22 Кој е оддесно на Бога, откако отиде во небото, каде Му се покорија ангелите, и властите, и силите.
 
Глава  4                                     
  
1 И така, бидејќи Христос пострада во телото за нас, вооружете се и вие со истата мисла - зашто кој пострадал во тело прекинал од гревот,
  2 та останатото време на животот, во телото, да не го поминете според човечките страсти, туку според Божјата волја.
  3 Зашто доста е што во минатото време ја вршевте волјата на народите со тоа што живеевте во разврати, во страсти, во пијанства, во гозби, во опијанувања и во беззаконско идолопоклонство.
  4 Затоа сега и се чудат дека вие не трчате со нив во истата крајност на развратот, и ве хулат;
  5 тие ќе Му дадат сметка на Оној, Кој е готов да им суди на живите и мртвите.
  6 Имено, затоа им е проповедано Евангелието и на оние кои се сега мртви, за тогаш да беа судени по човечки во телото, а со духот сега да живеат според Бога.
  7 А крајот на сè е близу. И така, бидете разумни и бдејте во молитвите.
  8 Пред сè имајте постојана љубов меѓу себе, зашто љубовта покрива многу гревови.
  9 Бидете гостољубиви еден кон друг без негодување.
10 Бидејќи секој од вас добил дар, служете си со него еден на друг, како добри домоуправители на многукратната Божја благодат.
11 Ако некој говори, нека зборува како Божји зборови; ако некој служи, нека служи како по силата, која Бог ја дава, за да се слави во сè Бог преку Исуса Христа, Кому Му припаѓаат славата и силата во сите векови. Амин.
12 Возљубени мои, не чудете се на огненото испитување, што се појави меѓу вас, за да ве искуша, како да ви се случува нешто необично,
13 туку, радувајте се дека соучествувате во Христовите страдања, за да можете да се радувате и да се веселите при откровението на Неговата слава.
14 Блажени сте ако ви префрлуваат за Христовото име, зашто тогаш Духот на славата и Божјиот Дух почива врз вас. Вистина, - според нив, Тој е похулен, но според вас, Тој е прославен.
15 Имено, никој од вас да не страда како убиец, или крадец, или злосторник или како оној, кој се меша во туѓи работи;
16 но, ако страда како христијанин, да не се срами, туку да Го слави Бога со тоа име,
17 зашто е време да почне судот од Божјиот дом; а ако почнува прво од нас, каков ли ќе им биде крајот на оние, кои не му се покоруваат на Божјото Евангелие?
18 И „ако праведникот одвај се спасува, каде ќе се покажат безбожникот и грешникот?”
19 Затоа и оние, кои страдаат по Божја волја, да Му ги предадат своите души на верниот Создател, правејќи добро.
 
Глава  5                                     
  
1 Старешините меѓу вас ги повикувам јас, кој сум и самиот старешина и сведок на Христовите страдања и учесник во славата, која ќе се открие:
  2 пасете го Божјото стадо, кое е меѓу вас, и надгледувајте го, не со сила, туку драговолно, како што Бог сака; не од желба за срамна печалба, туку од добро срце;
  3 и не како да господарите над оние, кои ви се доверени, туку бидете му пример на стадото.
  4 И кога ќе се појави Надпастирот, ќе примите круна на слава, што не вене.
  5 Така и вие помладите покорувајте им се на старешините. А сите еден кон друг препашете се со смиреност, зашто „Бог им се противи на горделивите, а на понизните им дава благодат.”
  6 И така, понизете се под силната Божја рака, за да ве возвиши во право време.
  7 И секоја своја грижа фрлете ја на Него, зашто Тој се грижи за вас.
  8 Бидете трезвени и бдејте: вашиот противник, ѓаволот, обиколува како лав што рика, барајќи некого да го проголта.
  9 Спротивете му се, цврсти во верата, знаејќи дека истите страдања се довршуваат во вашите браќа по светот.
10 А Бог на секоја благодат, Кој ве повикал во Христа Исуса за Својата вечна слава, по вашето кратко страдање, Сам ќе ве усоврши, зацврсти, зајакне и ќе ве направи непоколебливи.
11 Нему слава и власт во векови на вековите. Амин!
12 По Силвана, верниот брат, каков го сметам, ви го напишав ова накратко, за да ве опоменам и да ви посведочам дека ова е вистинска Божја благодат, во која стоите.
13 Ве поздравуваат со вас избраната црква во Вавилон и мојот син Марко.
14 Поздравете се еден со друг со целив на љубов. Мир на сите вас, кои сте во Христа. Амин!

 

http://preminportal.com.mk/content/view/7250/54/

Превод од англиски: С.Л.

(Светото Писмо во електронски облик е преземено од веб-страницата   http://www.mkbible.net/biblija/index.php

 

 


dobrotoljubie

Поуки од Светите Отци

Видео содржини

dobrotoljubie

Беседи

Исцеление на демонизираниот човек во Гадара

Исцеление на демонизираниот човек во Гадара

Евангелието е еден вид огледало, во кое се огледуваме себеси, и гледајќи се во него, се дотеруваме внатрешно. Како што секоја куќа има огледало, така треба секоја куќа да има...

Лекот го знаеме, а не го користиме

Лекот го знаеме, а не го користиме

 Посебно, проблемот се состои во тоа што, ако стварноста е сосема поинаква од тоа што ние си мислиме, не се ни запрашуваме за негативните последици од погрешните заклучоци по нашиот...

Александар Несторовски: РАЃАЊЕТО НА СВ. ЈОВАН КРСТИТЕЛ 07.07.2024

Александар Несторовски: РАЃАЊЕТО НА СВ. ЈОВАН КРСТИТЕЛ 07.07.2024

И во нашите животи се случува во некој момент јасно да го слушнеме гласот Божји кој не вика по име и тогаш исполнети со восхит сме спремни на било каков...

Архиепископ Андреј Римаренко: Беседа на Неделата на сите Светии

Архиепископ Андреј Римаренко: Беседа на Неделата на сите Светии

Сите светители кои денес ги славиме го следеле Христовиот пример. И секој од нив, во своето време, во своите животни околности, ја исполнил Божјата заповед за љубовта кон Бога и...

БEСEДА  за патoт на живoтoт и патoт на смртта

БEСEДА за патoт на живoтoт и патoт на смртта

Пoнeкoгаш на чoвeкoт му сe причинува дeка бeзбoжничкиoт пат e прав, бидeјќи глeда дeка бeзбoжникoт сe збoгатува и успeва. O кoга би му сe дoзвoлилo да гo види крајoт на...

Митрополит Струмички Наум:...За контрола и програмирање на умот; и кому, главно, му служи?

Митрополит Струмички Наум:...За контрола и програмирање на умот; и кому, главно, му служи?

Богочовекот Христос ги поучува Своите ученици на кратката молитва: „Господи Исусе Христе, помилуј нè“, како што и секој духовен отец треба да ги подучува своите, т.е. Божјите чеда. Веднаш можеме...

АРХИВА: Митрополит Струмички Наум: Недела на Светите отци на Првиот Вселенски собор (12.06.2021)

АРХИВА: Митрополит Струмички Наум: Недела на Светите отци на Првиот Вселенски собор (12.06.2021)

Да разбереш, односно да сфатиш – во духовно православна смисла, го означува просветлувањето на умот – со дарот на умно-срдечната молитва. Оти, какво е тоа сфаќање и разбирање без просветленост...

БEСEДА  какo мудрoста сe јавува насeкадe

БEСEДА какo мудрoста сe јавува насeкадe

Нo Прeмудрoста Бoжја e најгласна и најјасна вo лицeтo на самиoт Гoспoд Исус Христoс. Вo лицeтo на Гoспoда Исуса Христа прeмудрoста Бoжја сe јавила вo тeлo и сe пoкажала на...

« »

Православен календар

 

28/07/2024 - недела

+Св. ап.Акила; преп.Никодим Светогорец

Правила и одредби на Православната Црква за постот
Православен календар за овој месец - МПЦ

Кожувчанка

Молитви кон Пресвета Богородица за секој ден во седмицата

 Радувај се, Ти Која од ангелот ја прими радоста на добрата вест дека Бог Слово ќе прими тело од Тебе! Радувај се оти го носеше Создателот во Твојата утроба! Радувај се Ти Која го роди Бога во тело, Спасителот на светот! Повеќе...

Тропар

Тропар на св. Христов свешт-мч Атиноген и неговите десет ученици 16 јули / 29 јули 2024

Тропар на св. Христов свешт-мч Атиноген и неговите десет ученици 16 јули / 29 јули 2024

Нема ученик поголем од својот учител,но радоста учителска е потполна кога ученикот го продолжи делото, Христе Боже наш, Атиноген свети...

Тропар на св. апостол Христов Акила и неговата жена Прискила 14 јули / 27 јули 2024

Тропар на св. апостол Христов Акила и неговата жена Прискила 14 јули / 27 јули 2024

Христос Тајновидецот очите на разумот ви ги отвори,а Павле апостолот во верата ве утврди,о свети сопружници Акиле и Прискило,вие кои...

Тропар на св.Архангел Гаврил 13 јули / 26 јули 2024

Тропар на св.Архангел Гаврил 13 јули / 26 јули 2024

Водачу на небесните војски,ние недостојните секогаш те молиме,со твоите молитви да нѐ оградишпод кровот на крилјатана твојата слава бестелесна,пазејќи нѐ...

Духовната убавина на Богородица се пројавува и во моментот на Распнувањето на Нејзиниот Син

Тебе, Богородице поборнице – војвотко, ние слугите Твои, откако се избавивме од зло, Ти пееме победни и благодарствени песни. Ти имаш сила непобедна, од секакви опасности ослободи не за да Ти пееме : Радуј се, Невесто Неневесна! Повеќе...

Болестите според светоотечкото учење

Значи, не се надевај на лекарска вештина без благодат и не ја отфрлај своеволно, туку моли Го Бога да ја спознаеш причината за казната, а потоа моли за избавување од немоќта, трпејќи сечење, горење, горчливи лекови и сите лекарски казни Повеќе...

Свети Лука Симтерополски: Архиепископ и хирург

Едноставно е да се претпостави дека професорот – епископ, соединувајќи го во своите раце крстот и скалпелот, ги порази современиците токму со тоа необично соединување на двете разновидни сфери на активност.  Повеќе...

Духовни поуки: „Помоли се за мене“

Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш - ќе успееш и во едното и во другото. Повеќе...

Живот без стрес

Ако разбереме што се крие зад стресот, ако ја видиме лагата, која што се крие зад него, на крајот ќе увидиме дека не постои причина за да бидеме во стрес.. Повеќе...

Митрополит Струмички Наум - Да пораснеме барем до Стариот Завет

И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака. Повеќе...

Епископ Тихон Шевкунов: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“

Несвети, а свети. Луѓе, кои навидум живееле во нашето секојдневие, се соочувале со проблемите со кои ние се судираме, боледувале од болести од кои ние боледуваме, често осудувани од околината, а сепак, не биле секојдневни. Луѓе, кои не се на иконите, но го предавале животот од иконите во сите нивни дела, зборови, мисли. Луѓе, за кои тишината прозборила дека се свети.  Повеќе...

ГОЛЕМАТА ТАЈНА НА ДИВЕЕВО - Кој ќе доживее, ќе види

Како дополнување на оваа тајна, еве што слушнав од устата на 84-годишната игуманија на манастирот Дивеево, Марија. Бев кај неа во почетокот на 1903 година веднаш по канонизирањето на преподобниот Серафим и заминувањето на царското семејство од Дивеево. Повеќе...

Арх. Калиник Мавролеон: Монологот БОЖЈИ

 

Те гледав кога се разбуди угрово. Чекав да ми кажеш два-три збора, да се заблагодариш за се што ти се случува, да побараш мое мислење за се што треба да правиш денес. Повеќе...

За Моето име

Поуки на грузискиот Старец Гаврил Ургебадзе за последните времиња

 

„Ѓаволот има 666 мрежи. Во времето на антихристот луѓето ќе очекуваат спасение од космосот. Тоа ќе биде и најголемата замка на ѓаволот: човештвот ќе бара помош од вонземјаните, не знаејќи дека тоа се, всушност. – демони.“ Повеќе...

Взбранной Воеводе победительная