логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка


 

16.12.2010 год.

(четврток)

 КОН СОВЛАДУВАЊЕ НА НОВО-ЗАВЕТНИОТ ПРЕДИЗВИК

Со почетокот на Божикниот пост, да го започнеме заедно и подвигот на читање на Новиот Завет, следејќи го 40 дневниот распоред.

19-ден

  Tome.sv.Ekaterina3.jpg

 19 ден: Јован 17-21
17 | 18 | 19 | 20 | 21

Глава  17                                     
  
1 Кога Исус го изговори тоа, ги подигна очите кон небото и рече: „Татко, часот дојде! Прослави Го Својот Син, за да Те прослави Синот Тебе,
  2 како што си му дал власт над секое тело, па да му даде на сè - што си Му дал - вечен живот.
  3 А ова е вечен живот: да Те познаат Тебе, Единствениот вистински Бог, и Исуса Христа, Кого си Го испратил.
  4 Јас Те прославив на земјата, го свршив делото, што Ми го даде да го извршам;
  5 а сега, Татко, прослави Ме Ти - во Себе Самиот - со славата што ја имав при Тебе, пред создавањето на светот.”
  6 ”Им го јавив Твоето Име на луѓето, кои Ми ги даде од светот. Твои беа, и Ми ги даде Мене, и го запазија Твоето Слово.
  7 Сега сознаа дека е од Тебе сè, што си Ми дал;
  8 зашто зборовите, што Ми ги даде, им ги предадов ним, а тие ги примија и навистина сознаа дека излегов од Тебе, и поверуваа дека Ти Ме испрати.
  9 Јас се молам за нив; не се молам за светот, туку за оние, кои Ми ги даде, зашто се Твои,
10 и сè Мое - е Твое, и Твоето - Мое; и се прославив во нив.
11 И не Сум повеќе во светот, а тие се во светот, Јас идам при Тебе. Свети Татко, запази ги во Твое име оние, кои Ми ги даде, за да бидат едно, како што Сме и Ние.
12 Додека бев со нив, Јас ги чував во Твое име оние, кои Ми ги даде, и ги запазив, па ниеден од нив не погина, освен синот на гибелта за да се исполни Писмото.
13 А сега идам при Тебе, и го зборувам ова во светот, за да ја имаат Мојата радост полна во себе.
14 Јас им го предадов Твоето Слово и светот ги замрази, зашто не се од светот, како што и Јас не Сум од светот.
15 Не Те молам да ги земеш од светот, туку да ги запазиш од лукавиот.
16 Тие не се од светот, како што ни Јас не Сум од светот.
17 Освети ги во Својата вистина, Твоето Слово е вистината.
18 Како што Ти Ме испрати Мене во светот, така и Јас ги испратив во светот;
19 За нив се осветувам Себеси, за да бидат и тие осветени во вистината.
20 Но не се молам само за нив, туку и за оние, кои преку нивните зборови - ќе веруваат во Мене,
21 за да бидат сите едно; како што си Ти, Татко, во Мене, и Јас во Тебе, така и тие да бидат едно во Нас, за да верува светот дека Ти Ме испрати.
22 И славата што Ми ја даде, им ја дадов ним, за да бидат едно, како што Сме Ние едно;
23 Јас во нив, а Ти во Мене, за да бидат совршени во едно, за да знае светот дека Ти си Ме испратил, и дека ги љубеше нив, како што Ме љубеше Мене.
24 Татко, сакам оние, кои си Ми ги дал, да бидат со Мене таму каде што Сум Јас, за да ја гледаат Мојата слава, што Ми ја даде, зашто Ме љубеше пред создавањето на светот.
25 Праведен Татко, светот не Те запозна, а Јас Те запознав, и овие познаа дека Ти си Ме пратил.
26 Им го објавив Твоето име и ќе го објавувам, па љубовта, со која Ме возљуби, да биде во нив, и Јас во нив.”
 
Глава  18                                     
  
1 Штом го рече тоа, Исус излезе со Своите ученици преку потокот Кедрон, каде имаше градина, во која влезе со Своите ученици.
  2 А Јуда, Неговиот предавник, го знаеше тоа место, зашто Исус често се состануваше со Своите ученици таму.
  3 Тогаш Јуда зеде чета и служители од првосвештениците и од фарисеите, и дојде таму со светилки, факли и оружје.
  4 А Исус, знаејќи сè што ќе стане со Него, истапи и им рече: „Кого го барате?”
  5 Му одговорија: „Исуса Назареецот.” Исус им рече: „Јас Сум.” А со нив стоеше и Јуда, Неговиот предавник.
  6 А кога им рече: „Јас Сум”, се тргнаа назад и паднаа на земјата.
  7 Тогаш пак ги праша: „Кого го барате?” А тие рекоа: „Исуса Назареецот!”
  8 Исус им одговори: „Ви реков дека Сум Јас; и така, ако Ме барате Мене, пуштете ги овие да си одат!”
  9 За да се исполни словото, што го рече: „Не изгубив ни еден од оние, кои си Ми ги дал.”
10 А Симон Петар имаше меч, го извлече, го удри слугата на првосвештеникот и му го отсече десното уво; а името на слугата му беше Малх.
11 Тогаш Исус му рече на Петра: „Стави го мечот во ножницата! Зар да не ја пијам чашата, што ми ја даде Мојот Татко?”
12 Тогаш четата, заповедникот и јудејските слуги Го фатија Исуса и Го врзаа,
13 и Го одведоа првин при Ана; имено, тој му беше тест на Кајафа, кој беше првосвештеник во онаа година.
14 А Кајафа беше оној, кој ги посоветува Јудејците, дека е подобро да умре еден човек за народот.
15 По Исуса одеа: Симон Петар и еден друг ученик. Ученикот му беше познат на првосвештеникот, и влезе со Исуса во првосвештениковиот двор.
16 А Петар стоеше надвор, пред вратата. Тогаш другиот ученик, кој му беше познат на првосвештеникот, излезе, проговори со вратарката и го воведе Петра.
17 Тогаш слугинката, вратарка, му рече на Петра: „Да не си и ти еден од учениците на Човеков?” Тој рече: „Не сум.”
18 А слугите и служителите беа запалиле оган и стоеја, и се грееја, зашто беше студено; и Петар стоеше со нив и се грееше.
19 Првосвештеникот пак Го праша Исуса за Неговите ученици и за Неговата наука.
20 Исус му одговори: „Јас му зборував на светот јавно; секогаш поучував во синагогите и во Храмот, каде се собираат сите Јудејци, и ништо не говорев тајно.
21 Зошто Ме прашуваш Мене? Прашај ги оние, кои чуја, што Сум им зборувал тие знаат што Сум говорел.”
22 Кога го рече тоа, еден од присутните службеници Го удри Исуса по образ и рече: „Така ли му одговараш на првосвештеникот?”
23 Исус му одговори: „Ако реков лошо, докажи дека е лошо; а ако реков добро, зошто Ме удираш?”
24 Тогаш Ана Го прати врзан при првосвештеникот Кајафа.
25 А Симон Петар стоеше таму и се грееше. И му рекоа: „Да не си и ти од Неговите ученици?” Тој одрече: „Не сум.”
26 Еден од слугите на првосвештеникот, роднина на оној, кому Петар му го отсече увото, рече: „Нели јас те видов во градината со Него?”
27 Но Петар одрече повторно, и веднаш запеа петел.
28 Тогаш го одведоа Исуса од Кајафа во преторијата; а беше утро; и тие не влегоа во преторијата, за да не се осквернат, туку да можат да ја јадат Пасхата.
29 Затоа Пилат излезе пред нив и рече: „Какво обвинение поднесувате против Човеков?”
30 Во одговор му рекоа: „Ако Овој не беше злодеец, немаше да ти Го предадеме.”
31 А Пилат им рече: „Земете Го и судете Му според вашиот Закон.” Јудејците му рекоа: „Нам не ни е дозволено да убиеме некого,”
32 - за да се исполни Исусовиот збор, со кого навести со каква смрт ќе умре.
33 Потоа Пилат се врати во преторијата, Го повика Исуса и Му рече: „Ти ли си Јудејскиот Цар?”
34 Исус одговори: „Го зборуваш ли тоа сам од себе, или други ти кажаа за Мене?”
35 Пилат одговори: „Јудеец ли сум јас? Твојот народ и првосвештениците Те предадоа на мене. Што си сторил?”
36 Исус одговори: „Моето Царство не е од светов; ако Моето Царство беше од овој свет, Моите воини би се бореле да не им бидам предаден на Јудејците; но Моето Царство не е оттука.”
37 Пилат на тоа му рече: „Сепак си Цар?” Исус одговори: „Ти велиш дека Сум Цар. Јас се родив за тоа и за тоа дојдов на светот, за да сведочам за вистината. Секој - кој е од вистината - го слуша Мојот глас.”
38 Пилат Му рече: „Што е вистина?” Штом го рече тоа, излезе пак при Јудејците и им рече: „Јас не наоѓам никаква вина во Него.
39 А при вас е обичај да ви пуштам по еден на Пасхата. И така, сакате ли да ви Го пуштам Јудејскиот Цар?”
40 Тогаш повторно извикаа, велејќи: „Не Овој, туку Варава!” А Варава беше разбојник.
 
Глава  19                                     
  
1 Тогаш Пилат Го зеде Исуса и Го бичуваше.
  2 А војниците исплетоа венец од трња, Му го ставија на главата и Го наметнаа со пурпурна облека,
  3 и се приближија до Него и велеа: „Здраво, Јудејски Цару!” И Му удираа плесници.
  4 Потоа Пилат излезе пак и им рече: „Еве, Го изведувам пред вас, за да знаете дека не наоѓам никаква вина во Него.”
  5 А Исус излезе надвор, носејќи трнов венец и облека. И Пилат им рече: „Еве Го Човекот!”
  6 Но, кога првосвештениците и нивните службеници Го видоа, извикаа, велејќи: „Распни! Распни!” Пилат им рече: „Земете Го вие и распнете Го, зашто јас не наоѓам вина во Него.”
  7 Јудејците Му одговорија: „Ние имаме Закон и според Законот Тој треба да умре, зашто Сам се направи Божји Син.”
  8 А кога Пилат го чу тој збор, уште повеќе се уплаши.
  9 И пак влезе во преторијата и Му рече на Исуса: „Од каде си Ти?” Но Исус не му одговори.
10 Затоа Пилат Му рече: „Мене ли не ми зборуваш? Не знаеш ли дека имам власт да Те распнам и дека имам власт да Те ослободам?
11 Исус одговори: „Ти не би имал никаква власт над Мене, ако не ти беше дадено одозгора; затоа поголем грев има оној, кој Ме предаде на тебе.”
12 Оттогаш Пилат настојуваше да Го ослободи; но Јудејците викаа, велејќи: „Ако Го ослободиш Овој, не си му пријател на ќесарот; секој кој се прави цар, противник му е на ќесарот!”
13 Штом Пилат ги чу тие зборови, Го изведе Исуса надвор и седна на судскиот стол, на местото што се вика Плочник, а на еврејски Гавата.
14 А беше ден на подготовката за Пасха, околу шестиот час, и им рече на Јудејците: „Еве Го вашиот Цар!”
15 Но тие викаа: „Земи, земи! Распни Го!” Пилат им рече: „Да Го распнам ли вашиот Цар?” Првосвештениците одговорија: „Ние немаме цар, освен ќесарот!”
16 Тогаш им го предаде за да биде распнат. Тогаш Го зедоа Исуса.
17 А Тој, носејќи го Својот крст, излезе на местото наречено Лобно, а на еврејски Голгота;
18 каде Го распнаа, и со Него други двајца, од едната и од другата страна, а Исуса во средина.
19 А Пилат напиша и натпис и го стави на крстот; а беше напишано: „Исус Назареец, Јудејски Цар.”
20 Натписот го прочитаа мнозина Јудејци, зашто местото, каде беше распнат Исус, беше близу до градот; а беше напишано на еврејски, латински и грчки.
21 Тогаш јудејските главни свештеници му рекоа на Пилата: „Не пишувај: ‘Јудејски Цар,’ туку дека Тој рекол: ‘Јудејски Цар Сум.’
22 Пилат одговори: „Што напишав, напишав!”
23 А војниците, откако Го распнаа Исуса, ги зедоа Неговите облеки и ги разделија на четири дела, по еден дел на секој војник, и долната облека. А долната облека не беше шиена, туку целата исткаена одозгора додолу;
24 си рекоа меѓу себе: „Да не ја кинеме, туку да фрлиме жрепка за неа, кому ќе му падне!” за да се исполни Писмото: ‘Ги разделија меѓу себе Моите облеки, и фрлија жрепка за Мојата облека.’ Така постапија војниците.
25 А при Исусовиот крст стоеја мајка Му и сестрата на Неговата мајка, Марија Клопина, и Марија Магдалена.
26 А Исус, штом ја виде мајка си, и покрај неа, ученикот, кого го љубеше, и рече на мајка си: „Жено, ете ти син!”
27 Потоа му рече на ученикот: „Ете ти мајка!” И од тој час ученикот ја зеде при себе.
28 По ова Исус, знаејќи дека е свршено сè, за да се исполни Писмото, рече: „Жеден Сум!”
29 Таму имаше сад, полн со оцет; тогаш закачија на трска сунѓер наквасен во оцетот и Му поднесоа до Неговата уста.
30 Штом Исус го прими оцетот, рече: „Се сврши!” па ја наведна главата и го предаде духот.
31 Бидејќи беше ден на Подготовка, Јудејците, за да не останат телата на крстот во сабота - зашто таа сабота беше голем ден - го замолија Пилата да им ги скршат колената и да ги симнат.
32 Затоа војниците дојдоа и им ги скршија нозете на првиот и на вториот, кои беа распнати со Него;
33 и кога дојдоа до Исуса и видоа дека е веќе умрен, не Му ги скршија нозете,
34 туку еден од војниците го прободе со копје меѓу ребрата, и веднаш потече крв и вода.
35 И очевидецот посведочи, и неговото сведоштво е веродостојно, и тој знае дека зборува вистина - за да верувате и вие.
36 Имено, сè ова се случи, за да се исполни Писмото: „Неговата коска нема да се скрши.”
37 А на друго место Писмото вели: „Ќе гледаат на Оној, Кого Го прободоа!”
38 Потоа Јосиф од Ариматеја, кој беше Исусов ученик, но таен - заради стравот од Јудејците - го замоли Пилата да го земе Исусовото тело; и Пилат му дозволи. Така дојде и го зеде Неговото тело.
39 А дојде и Никодим, кој за првпат Му дојде ноќе, и донесе околу сто литри смеса од смирна и алој.
40 Го зедоа Исусовото тело и го завиткаа, според јудејскиот погребен обичај - во ленено платно со мириси.
41 А на местото, каде беше распнат, имаше градина и во градината нов гроб, во кој уште никој не беше положен.
42 Таму Го положија Исуса, поради јудејското Подготвување, зашто гробот беше близу.

Глава 20                                    
  
 1 Во првиот ден на седмицата, многу рано додека уште беше темнина, Марија Магдалена дојде на гробот и виде дека каменот од гробот е поместен.
  2 Тогаш отрча и дојде при Симона Петра и при другиот ученик, кого Исус го љубеше, и им рече: „Го дигнале Господа од гробот и не знаеме каде Го положиле.”
  3 А Петар и другиот ученик излегоа и одеа кон гробот.
  4 Имено, и двајцата трчаа заедно; но другиот ученик трчаше побргу од Петра и стигна прв до гробот.
  5 Тој се наведна и виде ленени повои, како лежат, но не влезе внатре.
  6 По него стигна Симон Петар, па влезе во гробот и ги виде повоите, како лежат;
  7 а крпата, што беше на Неговата глава, не беше заедно со повоите, туку беше свиткана одделно, на едно место.
  8 Тогаш влезе и другиот ученик - кој стигна прв до гробот - и виде и поверува.
  9 Зашто уште не го беа разбрале Писмото, дека Тој треба да воскресне од мртвите.
10 Тогаш учениците пак се вратија дома.
11 А Марија стоеше надвор, при гробот и плачеше; така, додека плачеше, погледна во гробот
12 и виде два ангела, како седат во бели облеки, таму каде лежеше Исусовото тело, едниот кај главата, а другиот при нозете.
13 Тие и рекоа: „Жено, зошто плачеш?” Им рече: „Го дигнале мојот Господ и не знам каде Го положиле?”
14 Откако го рече тоа, се обѕрна и Го виде Исуса, како стои; но не знаеше дека е Исус.
15 Исус и рече: „Жено, зошто плачеш? Кого Го бараш?” Мислејќи дека е градинарот, таа Му рече: „Господине, ако Го изнесе ти, кажи ми каде Го положи, и јас ќе Го земам!”
16 Исус и рече: „Марија!” Таа се заврти и Му рече: „Равуни!”- што значи: „Учителе!”
17 Исус и рече: „Не допирај Ме, зашто уште не отидов горе при Мојот Татко. Туку оди при Моите браќа и речи им: ‘Се враќам при Мојот Татко и вашиот Татко, при Мојот Бог и вашиот Бог.’
18 Марија Магдалена дојде и им јави на учениците, дека Го видела Господа и дека тоа и рекол.
19 А вечерта, на истиот прв ден на седмицата, додека вратата, каде беа собрани учениците, беше затворена поради страв од Јудејците, Исус дојде, застана насреде и им рече: „Мир вам!”
20 Откако го рече тоа им ги покажа рацете и ребрата. И учениците се зарадуваа, кога Го видоа Господа.
21 Тогаш Исус пак им рече: „Мир вам! Како што Ме прати Таткото и Јас ве праќам!”
22 Кога им го кажа ова, дувна во нив и им рече: „Примете Свети Дух!
23 На кои ќе им ги простите гревовите - простени им се; на кои ќе им ги задржите - задржани им се!”
24 А Тома, наречен Близнак, еден од Дванаесетте, не беше со нив, кога дојде Исус.
25 Затоа другите ученици му рекоа: „Го видовме Господа!” А тој им рече: „Додека не ги видам раните од клинците на Неговите раце и не го ставам мојот прст во раните од клинците и не ја ставам мојата рака во Неговите ребра, нема да поверувам.”
26 А по осум дни, Неговите ученици пак беа внатре, и Тома со нив. Додека вратата беше затворена, Исус дојде, застана на средина и им рече: „Мир вам!”
27 Потоа му рече на Тома: „Испружи го твојот прст ваму и види ги Моите раце; и испружи ја твојата рака, и стави ја во Моите ребра; и не биди неверен - туку верен!”
28 Тома одговори и Му рече: „Мој Господ и мој Бог!”
29 Исус му рече: „Поверува, зашто Ме виде. Блажени се кои не виделе, а поверувале.”
30 И многу други чуда направи Исус пред учениците, кои не се запишани во книгава;
31 а овие се запишани, за да верувате дека Исус е Христос, Божји Син, и верувајќи да имате живот во Негово име.
 

Глава  21                                     
  
 1 Потоа Исус им се јави пак на учениците, на Тиверијадското Море; имено, им се јави вака:
  2 Симон Петар и Тома, наречен Близнак, Натанаил од Кана Галилејска и Зеведеевите синови, и други двајца од Неговите ученици, беа заедно.
  3 Симон Петар им рече: „Одам да ловам риби!” Му рекоа: „Доаѓаме и ние со тебе.” Така излегоа и влегоа во кораб, но таа ноќ не фатија ништо.
  4 А кога се разденуваше, Исус застана на брегот; но учениците не знаеја дека е Исус.
  5 Исус им рече: „Деца, имате ли нешто за јадење?” Му одговорија: „Немаме.”
  6 А Тој им рече: „Фрлете ја мрежата оддесно на коработ и ќе најдете.” И така, ја фрлија, и веќе не можеа да ја извлечат од мноштво риби.
  7 Тогаш ученикот - кого Исус го љубеше - му рече на Петра: „Господ е.” Штом Симон Петар чу дека е Господ, си ја препаша облеката, зашто беше необлечен, и скокна во морето.
  8 А другите ученици дојдоа со коработ - влечејќи ја мрежата со рибите, зашто не беа далеку од копното, туку околу двеста лакти.
  9 Кога пак излегоа на земјата, видоа: положена жар, и риба врз неа, и леб.
10 Исус им рече: „Донесете од рибите, што ги фативте сега!”
11 Тогаш Симон Петар влезе во коработ и извлече на брегот мрежа полна со големи риби - сто и педесет и три. Иако беа толку многу, мрежата не се скина.
12 Исус им рече: „Дојдете и јадете!” Но ниеден од учениците не се осмели да Го праша: „Кој си Ти?”- зашто знаеја дека е Господ.
13 Исус дојде, зеде леб и им даде; и риба исто така.
14 Тоа веќе беше трет пат како Исус им се јави на учениците, откако воскресна од мртвите.
15 Откако завршија со појадокот, Исус му рече на Симона Петра: „Симоне Јонин, љубиш ли Ме повеќе отколку овие?” тој Му рече: „Да, Господи, Ти знаеш дека Те сакам.” Му рече: „Паси ги Моите јагниња!”
16 Му рече пак, по вторпат: „Симоне Јонин, љубиш ли Ме?” Му рече: „Да, Господи, Ти знаеш дека Те сакам.” Му рече: „Води ги Моите овци на пасење!”
17 Му рече по третпат: „Симоне Јонин, Ме сакаш ли?” Петар се нажали дека по третпат го праша: „Ме сакаш ли?” И Му рече: „Господи, Ти знаеш сè, Ти знаеш дека Те сакам.” Исус му рече: „Паси ги Моите овци!”
18 Вистина, вистина ти велам: кога беше помлад, се опашуваше сам и одеше каде што сакаше; но, кога ќе остариш, ќе ги рашириш твоите раце, и друг ќе те опашува и ќе те води каде што нејќеш.
19 А ова го рече, навестувајќи со каква смрт ќе Го прослави Бога. Откако го кажа тоа, му рече: „Врви по Мене!”
20 А Петар кога се заврти, и виде дека по нив иде ученикот, кого Исус го љубеше, кој на вечерата се потпре врз Исусовите гради и рече: „Господи, кој ќе Те предаде?”
21 Штом Петар го виде, Му рече на Исуса: „Господи, а овој што?”
22 Исус му рече: „Ако сакам тој да остане додека не дојдам, што ти е тебе? Ти следи Ме!”
23 Така се разнесе зборот, меѓу браќата, дека оној ученик, нема да умре. А Исус не му рече, дека нема да умре, туку: „Ако сакам тој да остане додека не дојдам, што ти е тебе?”
24 Овој е ученикот, кој сведочи за ова и кој го напиша ова; и знаеме дека неговото сведоштво е вистинско.
25 А има и многу други работи, што ги направи Исус, но ако се запишуваше едно по едно - мислам дека напишаните книги не би можеле да бидат сместени во целиот свет. Амин!
 
(Светото Писмо во електронски облик е преземено од веб-презентацијата http://www.mkbible.net/biblija/index.php)

 

http://preminportal.com.mk/content/view/7250/54/

Превод од англиски: С.Л.

(Светото Писмо во електронски облик е преземено од веб-страницата   http://www.mkbible.net/biblija/index.php

 

 


dobrotoljubie

Поуки од Светите Отци

Видео содржини

dobrotoljubie

Беседи

Исцеление на демонизираниот човек во Гадара

Исцеление на демонизираниот човек во Гадара

Евангелието е еден вид огледало, во кое се огледуваме себеси, и гледајќи се во него, се дотеруваме внатрешно. Како што секоја куќа има огледало, така треба секоја куќа да има...

Лекот го знаеме, а не го користиме

Лекот го знаеме, а не го користиме

 Посебно, проблемот се состои во тоа што, ако стварноста е сосема поинаква од тоа што ние си мислиме, не се ни запрашуваме за негативните последици од погрешните заклучоци по нашиот...

Александар Несторовски: РАЃАЊЕТО НА СВ. ЈОВАН КРСТИТЕЛ 07.07.2024

Александар Несторовски: РАЃАЊЕТО НА СВ. ЈОВАН КРСТИТЕЛ 07.07.2024

И во нашите животи се случува во некој момент јасно да го слушнеме гласот Божји кој не вика по име и тогаш исполнети со восхит сме спремни на било каков...

Архиепископ Андреј Римаренко: Беседа на Неделата на сите Светии

Архиепископ Андреј Римаренко: Беседа на Неделата на сите Светии

Сите светители кои денес ги славиме го следеле Христовиот пример. И секој од нив, во своето време, во своите животни околности, ја исполнил Божјата заповед за љубовта кон Бога и...

БEСEДА  за патoт на живoтoт и патoт на смртта

БEСEДА за патoт на живoтoт и патoт на смртта

Пoнeкoгаш на чoвeкoт му сe причинува дeка бeзбoжничкиoт пат e прав, бидeјќи глeда дeка бeзбoжникoт сe збoгатува и успeва. O кoга би му сe дoзвoлилo да гo види крајoт на...

Митрополит Струмички Наум:...За контрола и програмирање на умот; и кому, главно, му служи?

Митрополит Струмички Наум:...За контрола и програмирање на умот; и кому, главно, му служи?

Богочовекот Христос ги поучува Своите ученици на кратката молитва: „Господи Исусе Христе, помилуј нè“, како што и секој духовен отец треба да ги подучува своите, т.е. Божјите чеда. Веднаш можеме...

АРХИВА: Митрополит Струмички Наум: Недела на Светите отци на Првиот Вселенски собор (12.06.2021)

АРХИВА: Митрополит Струмички Наум: Недела на Светите отци на Првиот Вселенски собор (12.06.2021)

Да разбереш, односно да сфатиш – во духовно православна смисла, го означува просветлувањето на умот – со дарот на умно-срдечната молитва. Оти, какво е тоа сфаќање и разбирање без просветленост...

БEСEДА  какo мудрoста сe јавува насeкадe

БEСEДА какo мудрoста сe јавува насeкадe

Нo Прeмудрoста Бoжја e најгласна и најјасна вo лицeтo на самиoт Гoспoд Исус Христoс. Вo лицeтo на Гoспoда Исуса Христа прeмудрoста Бoжја сe јавила вo тeлo и сe пoкажала на...

« »

Православен календар

 

28/07/2024 - недела

+Св. ап.Акила; преп.Никодим Светогорец

Правила и одредби на Православната Црква за постот
Православен календар за овој месец - МПЦ

Кожувчанка

Молитви кон Пресвета Богородица за секој ден во седмицата

 Радувај се, Ти Која од ангелот ја прими радоста на добрата вест дека Бог Слово ќе прими тело од Тебе! Радувај се оти го носеше Создателот во Твојата утроба! Радувај се Ти Која го роди Бога во тело, Спасителот на светот! Повеќе...

Тропар

Тропар на св. Христов свешт-мч Атиноген и неговите десет ученици 16 јули / 29 јули 2024

Тропар на св. Христов свешт-мч Атиноген и неговите десет ученици 16 јули / 29 јули 2024

Нема ученик поголем од својот учител,но радоста учителска е потполна кога ученикот го продолжи делото, Христе Боже наш, Атиноген свети...

Тропар на св. апостол Христов Акила и неговата жена Прискила 14 јули / 27 јули 2024

Тропар на св. апостол Христов Акила и неговата жена Прискила 14 јули / 27 јули 2024

Христос Тајновидецот очите на разумот ви ги отвори,а Павле апостолот во верата ве утврди,о свети сопружници Акиле и Прискило,вие кои...

Тропар на св.Архангел Гаврил 13 јули / 26 јули 2024

Тропар на св.Архангел Гаврил 13 јули / 26 јули 2024

Водачу на небесните војски,ние недостојните секогаш те молиме,со твоите молитви да нѐ оградишпод кровот на крилјатана твојата слава бестелесна,пазејќи нѐ...

Духовната убавина на Богородица се пројавува и во моментот на Распнувањето на Нејзиниот Син

Тебе, Богородице поборнице – војвотко, ние слугите Твои, откако се избавивме од зло, Ти пееме победни и благодарствени песни. Ти имаш сила непобедна, од секакви опасности ослободи не за да Ти пееме : Радуј се, Невесто Неневесна! Повеќе...

Болестите според светоотечкото учење

Значи, не се надевај на лекарска вештина без благодат и не ја отфрлај своеволно, туку моли Го Бога да ја спознаеш причината за казната, а потоа моли за избавување од немоќта, трпејќи сечење, горење, горчливи лекови и сите лекарски казни Повеќе...

Свети Лука Симтерополски: Архиепископ и хирург

Едноставно е да се претпостави дека професорот – епископ, соединувајќи го во своите раце крстот и скалпелот, ги порази современиците токму со тоа необично соединување на двете разновидни сфери на активност.  Повеќе...

Духовни поуки: „Помоли се за мене“

Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш - ќе успееш и во едното и во другото. Повеќе...

Живот без стрес

Ако разбереме што се крие зад стресот, ако ја видиме лагата, која што се крие зад него, на крајот ќе увидиме дека не постои причина за да бидеме во стрес.. Повеќе...

Митрополит Струмички Наум - Да пораснеме барем до Стариот Завет

И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака. Повеќе...

Епископ Тихон Шевкунов: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“

Несвети, а свети. Луѓе, кои навидум живееле во нашето секојдневие, се соочувале со проблемите со кои ние се судираме, боледувале од болести од кои ние боледуваме, често осудувани од околината, а сепак, не биле секојдневни. Луѓе, кои не се на иконите, но го предавале животот од иконите во сите нивни дела, зборови, мисли. Луѓе, за кои тишината прозборила дека се свети.  Повеќе...

ГОЛЕМАТА ТАЈНА НА ДИВЕЕВО - Кој ќе доживее, ќе види

Како дополнување на оваа тајна, еве што слушнав од устата на 84-годишната игуманија на манастирот Дивеево, Марија. Бев кај неа во почетокот на 1903 година веднаш по канонизирањето на преподобниот Серафим и заминувањето на царското семејство од Дивеево. Повеќе...

Арх. Калиник Мавролеон: Монологот БОЖЈИ

 

Те гледав кога се разбуди угрово. Чекав да ми кажеш два-три збора, да се заблагодариш за се што ти се случува, да побараш мое мислење за се што треба да правиш денес. Повеќе...

За Моето име

Поуки на грузискиот Старец Гаврил Ургебадзе за последните времиња

 

„Ѓаволот има 666 мрежи. Во времето на антихристот луѓето ќе очекуваат спасение од космосот. Тоа ќе биде и најголемата замка на ѓаволот: човештвот ќе бара помош од вонземјаните, не знаејќи дека тоа се, всушност. – демони.“ Повеќе...

Взбранной Воеводе победительная