логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка


03.12.2010 год.

(петок)

 КОН СОВЛАДУВАЊЕ НА НОВО-ЗАВЕТНИОТ ПРЕДИЗВИК

Со почетокот на Божикниот пост, да го започнеме заедно и подвигот на читање на Новиот Завет, следејќи го 40 дневниот распоред.

6-ден


ЕВАНГЕЛИЕ СПОРЕД МАРКО

1 | 2 | 3 | 4


Глава  1                                         
  
  1 Почеток на Евангелието за Исуса Христа, Божјиот Син.

  2 Како што е пишано кај пророците: „Ете, Јас го испраќам Својот гласник пред Твоето лице, кој ќе го приготви Твојот пат;

  3 гласот на оној, кој вика во пустината: ‘Пригответе го патот на Господа, израмнете Му ги патеките’.”

  4 Се јави Јован, крштавајќи во пустината и проповедајќи покајно крштавање за проштавање на гревовите.

  5 И излегуваше при него целата Јудејска страна и сите ерусалимци; и тој ги крштаваше во реката Јордан, при што тие ги исповедуваа своите гревови.

  6 А Јован беше облечен во облека од камилски влакна и имаше кожен појас околу својата половина, и јадеше скакулци и див мед.

  7 И проповедаше, велејќи: „По мене иде Посилен од мене; пред Кого не сум достоен да се наведнам и да Му ги одврзам ремењата на Неговите обувки.

  8 Јас ве крстив во вода, а Тој ќе ве крсти во Светиот Дух.”

  9 И во тоа време, Исус дојде од Назарет во Галилеја, и Јован Го крсти во Јордан.

10 И веднаш, додека излегуваше од водата, виде: како се отворија небесата и Духот како слегува над Него како гулаб.

11 И се чу глас од небото: „Ти си Мојот возљубен Син; во Кого Ми е милината!”

12 Веднаш потоа Духот Го одведе во пустината.

13 И беше во пустината четириесет дни, искушуван од сатаната. И беше меѓу ѕверови; и ангели Му служеа.

14 А откако Јован беше предаден, Исус дојде во Галилеја, проповедајќи го Божјото Евангелие.

15 И зборуваше: „Времето се исполни, и наближи Божјото Царство; покајте се и верувајте во Евангелието!”

16 И одејќи покрај Галилејското Море, ги виде Симона и Андреја, братот Симонов, како фрлаат мрежа во морето, зашто беа рибари.

17 И Исус им рече: „Врвете по Мене и Јас ќе направам да станете рибари на луѓе!”

18 И веднаш ги оставија мрежите и тргнаа по Него.

19 И кога одмина малку потаму ги виде: Јакова, Зеведеевиот син и брата му Јована - и нив во кораб - како ги крпат мрежите;

20 и веднаш ги повика и, оставајќи го татка си Зеведеја со наемниците во коработ, тргнаа по Него.

21 И дојдоа во Капернаум и веднаш во саботата, влезе во синагогата и поучуваше.

22 И и се восхитуваа на Неговата наука, зашто ги учеше како Оној, Кој има власт, а не како книжниците.

23 Тогаш, во нивната синагога беше човек, опфатен од нечист дух, и извика

24 велејќи: „Ах! Што имаме ние со Тебе, Исусе Назарејче? Дали дојде да нè погубиш? Знам Кој си Ти: Божји Светец!”

25 И Исус му се закани: „Молкни и излези од него!”

26 И нечистиот дух го стресе, извика со висок глас и излезе од него.

27 И сите се зачудија, така што се прашуваа еден со друг, велејќи: „Што е ова? Нова наука - полна со сила! - Им заповеда и на нечистите духови и тие Му се покоруваат!”

28 И веднаш се разнесе глас за Него на сите страни, по целата галилејска околина.

29 И штом излезе од синагогата, дојде во куќата на Симона и Андреја, со Јакова и Јована.

30 А Симоновата тешта лежеше од треска, и веднаш Му рекоа за неа.

31 Тој и пристапи, ја фати за рака и ја подигна; и треската ја остави, па им служеше.

32 А приквечер, по зајдисонце, Му ги доведоа сите болни и бесни

33 и целиот град се собра пред вратата.

34 И исцели мнозина, кои страдаа од разни болести: и истера многу бесови, и не им одобри на демоните да зборуваат, зашто Го знаеја.

35 А наутро, додека уште беше темно, стана, излезе и отиде во пусто место, и таму се молеше.

36 А Симон и оние, кои беа со него, поитаа по Него,

37 и кога Го најдоа, Му рекоа: „Сите Те бараат!”

38 И им одговори: „Да одиме: во соседните села, да проповедам и таму, зашто затоа и излегов.”

39 И дојде, проповедајќи - во нивните синагоги по цела Галилеја - и изгонувајќи ги бесовите.

40 И дојде при Него еден лепрозен, молејќи Го и коленичејќи, Му зборуваше: „ Ако сакаш, можеш да ме очистиш.”

41 И му се смили, ја протегна раката и го допре и му рече: „Сакам! Биди чист!”

42 И веднаш лепрата отиде од него и стана чист.

43 И предупредувајќи го строго, веднаш го отпушти

44 и му рече: „Гледај, никому ништо да не кажеш! Туку оди, покажи му се на свештеникот, и принеси за своето очистување она, што заповедал Мојсеј - ним за сведоштво.”

45 А тој, штом си отиде, почна да разгласува многу и да раскажува за настанот, така што Исус не можеше веќе јавно да влезе во град; туку беше надвор, по пусти места; а доаѓаа кај Него од сите страни.


Глава  2     
                                   
  
  1 И кога по неколку дена пак дојде во Капернаум; се чу дека е во куќа.

  2 И се собраа мнозина, така што немаше веќе место пред вратата; и им го проповедаше Словото.

  3 И дојдоа при Него носејќи фатен, кого го носеа четворица.

  4 И како не можеа да го донесат до Него, заради народот, го открија покривот над местото каде што беше, и го пробија и ја спуштија постелата, на која лежеше фатениот.

  5 А Исус, кога ја виде нивната вера, му рече на фатениот: „Синко, ти се опростуваат гревовите.”

  6 А некои од книжниците седеа таму и размислуваа во своите срца:

  7 ”Што зборува Овој вака? Тој хули! Кој може да опростува гревови, освен Еден Бог?”

  8 И Исус веднаш штом созна со Својот дух дека тие размислуваат така во себе, им рече: „Зошто размислувате така во своите срца?

  9 Што е полесно да му се рече на фатениот: ‘Ти се опростуваат гревовите,’ или да му се рече: ‘Стани и земи ја својата постела, и оди!’

10 Но за да знаете дека Човечкиот Син има власт да ги опростува гревовите на земјата, му рече на фатениот:

11 ”Тебе ти зборувам - стани, подигни ја својата постела и оди си дома!”

12 И стана, веднаш ја подигна постелата, и излезе пред сите, така што сите се восхитуваа и Го славеа Бога, велејќи: „Такво нешто уште никогаш не видовме!”

13 И излезе пак покрај морето; и целото множество доаѓаше при Него, и го поучуваше.

14 И минувајќи, го виде Левија Алфеев, како седи во царинарницата, и му рече: „Врви по Мене!” И тој стана и тргна по Него.

15 И кога прилегна покрај трпезата во неговата куќа, многу цариници и грешници беа покрај трпезата, со Исуса и со Неговите ученици, зашто ги имаше мнозина, и врвеа по Него.

16 А кога книжниците и фарисеите Го видоа како јаде со грешниците и цариниците, им рекоа на Неговите ученици: „Зошто јаде и пие заедно со цариниците и грешниците?”

17 А Исус, кога го чу тоа, им рече: „Не им треба лекар на здравите, туку на болните. Не дојдов да ги викам праведните - туку грешниците на покајание.”

18 Јовановите ученици и фарисеите постеа. И дојдоа и Му рекоа: „Зошто Јовановите ученици и учениците на фарисеите постат, а Твоите ученици не постат?”

19 Исус им рече: „Можат ли сватовите да постат додека е младоженецот со нив? Додека го имаат со себе младоженецот, не можат да постат.

20 Но, ќе дојдат дни кога ќе им го грабнат младоженецот од нив; и тогаш - во тој ден - ќе постат.

21 Никој не пришива крпа од ново сукно врз стара облека. Инаку, закрпата го кине од неа новото од старото, и скинатото ќе биде полошо.

22 И никој не налева ново вино во стари мевови; инаку новото вино ќе ги скине мевовите, па ќе пропаднат и виното и мевовите. Туку, ново вино - во нови мевови!”

23 А кога во сабота одеше низ посевите, Неговите ученици почнаа да прават пат, кинејќи класје.

24 И фарисеите Му рекоа: „Гледај! Зошто го прават во сабота тоа што не е дозволено?”

25 Им рече: „Зар никогаш не сте читале, што направи Давид кога беше во неволја и кога огладне тој и оние, кои беа со него?

26 Како влезе во Божјиот дом, во времето на првосвештеникот Авијатар, и ги изеде поставените лебови, кои никој не смее да ги јаде, освен свештениците; и им даде на оние, кои беа со него!”

27 И им рече: „Саботата е воспоставена заради човекот, а не човекот заради саботата.

28 Така, Човечкиот Син е Господар и на саботата.”

Глава  3                                          
  
  1 И влезе пак во синагогата, а таму имаше човек со исушена рака.

  2 И Го набљудуваа, дали ќе го излечи во сабота, за да Го обвинат.

  3 И му рече на човекот, кој имаше сува рака: „Застани насреде!”

  4 И им рече: „Дали е дозволено во сабота: да се прави добро или зло? Да се спаси душа, или да се погуби?” А тие молчеа.

  5 Тогаш ги изгледа, наоколу, со гнев, и натажен заради закоравеноста на нивните срца, му рече на човекот: „Протегни ја раката!” И тој ја протегна и стана пак здрава неговата рака.

  6 А фарисеите, кога излегоа, веднаш се советуваа со иродовците против Него, за да Го уништат.

  7 А Исус се повлече со Своите ученици кон морето, и големо мноштво од Галилеја, тргна по Него, и од Јудеја,

  8 и од Ерусалим, од Идумеја и од другата страна на Јордан; од околината на Тир и Сидон, големо множество дојде при Него, откако чуја што правел.

  9 И им рече на Своите ученици да Му се приготви еден кораб, заради народот, за да не Го притискаат.

10 Бидејќи мнозина излекува, така што навалуваа на Него сите, кои страдаа, за да Го допрат.

11 И нечистите духови, штом ќе Го видеа, паѓаа пред Него и викаа, велејќи: „Ти си Божји Син!”

12 И им забрануваше строго да не Го разгласуваат.

13 И се искачи на гората и ги повика при Себе оние, кои ги сакаше и тие отидоа кај Него.

14 И определи Дванаесетмина да бидат со Него, и да ги праќа да проповедаат,

15 и да имаат власт да ги изгонуваат бесовите.

16 И ги определи Дванаесетмина: и на Симона му го даде името Петар,

17 па Јакова Зеведеев и Јована, братот Јаковов, на кои им го даде името Воанергес - што значи: Синови на Громот;

18 и Андреја, и Филипа, и Вартоломеја, и Матеја, и Тома, и Јакова Алфеев, и Тадеја, и Симона Хананец,

19 и Јуда Искариотски, кој Го предаде.

20 И дојде во една куќа, и пак се собра народ, така што не можеа ни леб да јадат.

21 А кога Неговите чуја за тоа, излегоа за да Го приберат, зашто зборуваа дека не е при Себеси.

22 Книжниците пак, кои дојдоа од Ерусалим, зборуваа дека го има Велзевула и дека со помош на демонскиот кнез ги истерува бесовите.

23 И откако ги повика, им зборуваше во параболи: „Како може сатаната да изгонува сатана?

24 Ако едно царство се раздели против себеси, тоа не може да се одржи.

25 И ако дом се раздели против себеси, тој дом не може да опстане.

26 И ако сатаната се кренал против себеси и се разделил, не ќе може да опстане, туку му дошол крајот.

27 Но никој не може да влезе во куќа на силен и да му ја ограби покуќнината, ако првин не го врзе силниот и тогаш да му ја ограби неговата куќа.

28 Вистина ви велам, дека на човечките синови ќе им бидат простени сите гревови и хули, колку и да хулат;

29 но кој похули на Светиот Дух, нема прошка довека,

30 туку го обвинува вечен грев. Зашто рекоа: „Има нечист дух!”

31 И тогаш дојдоа: Неговата мајка и Неговите браќа и, стоејќи надвор, испратија при Него да Го повикаат.

32 А околу Него седеше народ и Му рекоа: „Ете, мајка Ти и Твоите браќа надвор Те бараат!”

33 И во одговор им рече: „Кои се мајка Ми и браќа Ми?”

34 И ги погледна наоколу оние, кои седеа околу Него и рече: „Еве ги мајка Ми и браќа Ми;

35 зашто, кој ја исполнува Божјата волја, тој Ми е брат, и сестра, и мајка.”

  
 Глава  4                                          
  
  1 И пак почна да поучува покрај морето. И се собра околу Него многу народ, така што влезе во кораб и седеше на морето, а целиот народ беше на копното, покрај морето.

  2 И ги поучуваше многу со параболи; и им рече во Својата поука:

  3 ”Слушајте! Ете, излезе сејач да сее.

  4 И кога сееше, едно зрно падна покрај патот, и дојдоа птици и го исколваа.

  5 Друго падна на каменлива почва, каде немаше многу земја; и никна брзо, зашто немаше длабока земја.

  6 А кога сонцето изгреа, овена и бидејќи немаше корен се исуши.

  7 И друго падна во трње, и трњето израсна и го загуши, па не донесе плод.

  8 А друго падна на добра земја и донесе плод, кој напредуваше и растеше, и принесе: едно триесет, и друго шеесет, а друго сто.”

  9 И рече: „Кој има уши да слуша, нека слуша!”

10 А кога остана Сам, Го прашаа за параболата оние, кои беа околу Него со Дванаесетмината.

11 И им рече: „Вам ви е дадена тајната на Божјото Царство, а на оние кои се надвор, сè биднува во параболи,

12 за ‘гледајќи да гледаат и да не видат; и слушајќи да слушаат, а да не разбираат, за да не се покајат и да не им биде простено’.”

13 И им рече: „Не ја разбирате ли оваа приказна? А како ќе ги разберете сите параболи!

14 Сејачот сее слово.

15 Оние, покрај патот, каде се сее словото, се оние кај кои - кога ќе го чујат - веднаш доаѓа сатаната и го грабнува словото, посеано во нив.

16 Исто, посеани врз каменлива почва се оние, кои - штом го чујат словото - го примаат со радост,

17 но немаат во себе корен, туку се непостојани, и кога ќе дојде неволја или гонење заради словото, веднаш се соблазнуваат.

18 А другите, што се посеани во трње, тоа се оние, кои го чуле словото,

19 но светските грижи, и измамливоста на богатството, и желбите за други работи, кога ќе влезат го загушуваат словото, и останува без плод.

20 А посеаните на добра земја се оние, кои го слушаат словото, го примаат и донесуваат плод: еден триесет, и еден шеесет, и еден сто.

21 И им рече: „Затоа ли се внесува светилка за да се стави под вршник или под легло, а не за да се стави на светилникот?

22 Зашто ништо не е скриено, што не ќе биде откриено; или што е направено тајно, а да не излезе на видело.

23 Кој има уши да слуша, нека слуша!”

24 И им рече: „Внимавајте што слушате! Со каква мера мерите, со таква ќе ви се мери, и ќе ви се придаде вам, кои слушате.

25 Зашто кој има, ќе му се даде; а кој нема, ќе му се одземе и она што го има.”

26 И велеше: „Така, Божјото Царство е како кога човек ќе фрли семе во земја;

27 и спие и станува ноќе и дење, а семето никнува и расте, а самиот не знае како.

28 Земјата сама од себе донесува плод, најнапред стебло, после клас - потоа клас полн со зрна.

29 А кога плодот узрее, веднаш испраќа срп, зашто настанала жетва.”

30 И велеше: „Со што да го споредиме Божјото Царство? Со каква парабола да го претставиме?

31 Тоа е како синаповото зрно, што кога се сее во земјата, е помало од сите семиња на земјата;

32 но кога е посеано, израснува и станува поголемо од сите зеленчуци и пушта големи гранки, така што небесните птици можат да се гнездат под неговата сенка.”

33 Со многу такви параболи им го кажуваше словото, колку што можеа да слушаат.

34 А без параболи ништо не им говореше, но насамо им објаснуваше сè на Своите ученици.

35 И вечерта на истиот ден им рече: „Да преминеме на другата страна!”

36 И кога го отпуштија народот Го зедоа Исуса со себе, како што беше во коработ; и други кораби беа со Него.

37 И се подигна силна бура, а брановите се префрлуваа во коработ, така што коработ веќе се полнеше.

38 А Тој при кормилото спиеше на перница. И Го разбудија и Му рекоа: „Учителе, зар не Ти е грижа, што ние загинуваме?”

39 И стана, му се закани на ветрот и му рече на морето: „Стивни! Молкни!” И ветерот стивна и настана голема тишина.

40 И им рече: „Зошто се плашите толку? Како немате вера?”

41 И ги опфати голем страв, и говореа еден на друг: „Кој е Овој, што и ветерот и морето Му се покоруваат?”
 

http://preminportal.com.mk/content/view/7250/54/

 

Превод од англиски: С.Л.

 

(Светото Писмо во електронски облик е преземено од веб-страницата   http://www.mkbible.net/biblija/index.php


dobrotoljubie

Поуки од Светите Отци

Видео содржини

dobrotoljubie

Беседи

Исцеление на демонизираниот човек во Гадара

Исцеление на демонизираниот човек во Гадара

Евангелието е еден вид огледало, во кое се огледуваме себеси, и гледајќи се во него, се дотеруваме внатрешно. Како што секоја куќа има огледало, така треба секоја куќа да има...

Лекот го знаеме, а не го користиме

Лекот го знаеме, а не го користиме

 Посебно, проблемот се состои во тоа што, ако стварноста е сосема поинаква од тоа што ние си мислиме, не се ни запрашуваме за негативните последици од погрешните заклучоци по нашиот...

Александар Несторовски: РАЃАЊЕТО НА СВ. ЈОВАН КРСТИТЕЛ 07.07.2024

Александар Несторовски: РАЃАЊЕТО НА СВ. ЈОВАН КРСТИТЕЛ 07.07.2024

И во нашите животи се случува во некој момент јасно да го слушнеме гласот Божји кој не вика по име и тогаш исполнети со восхит сме спремни на било каков...

Архиепископ Андреј Римаренко: Беседа на Неделата на сите Светии

Архиепископ Андреј Римаренко: Беседа на Неделата на сите Светии

Сите светители кои денес ги славиме го следеле Христовиот пример. И секој од нив, во своето време, во своите животни околности, ја исполнил Божјата заповед за љубовта кон Бога и...

БEСEДА  за патoт на живoтoт и патoт на смртта

БEСEДА за патoт на живoтoт и патoт на смртта

Пoнeкoгаш на чoвeкoт му сe причинува дeка бeзбoжничкиoт пат e прав, бидeјќи глeда дeка бeзбoжникoт сe збoгатува и успeва. O кoга би му сe дoзвoлилo да гo види крајoт на...

Митрополит Струмички Наум:...За контрола и програмирање на умот; и кому, главно, му служи?

Митрополит Струмички Наум:...За контрола и програмирање на умот; и кому, главно, му служи?

Богочовекот Христос ги поучува Своите ученици на кратката молитва: „Господи Исусе Христе, помилуј нè“, како што и секој духовен отец треба да ги подучува своите, т.е. Божјите чеда. Веднаш можеме...

АРХИВА: Митрополит Струмички Наум: Недела на Светите отци на Првиот Вселенски собор (12.06.2021)

АРХИВА: Митрополит Струмички Наум: Недела на Светите отци на Првиот Вселенски собор (12.06.2021)

Да разбереш, односно да сфатиш – во духовно православна смисла, го означува просветлувањето на умот – со дарот на умно-срдечната молитва. Оти, какво е тоа сфаќање и разбирање без просветленост...

БEСEДА  какo мудрoста сe јавува насeкадe

БEСEДА какo мудрoста сe јавува насeкадe

Нo Прeмудрoста Бoжја e најгласна и најјасна вo лицeтo на самиoт Гoспoд Исус Христoс. Вo лицeтo на Гoспoда Исуса Христа прeмудрoста Бoжја сe јавила вo тeлo и сe пoкажала на...

« »

Православен календар

 

29/07/2024 - понеделник

Св. свештеномаченик Атиноген, епископ Севастиски во Ерменија; Св. маченичка и девица Јулија; Петанесет илјади Свети маченици; Св. маченик Атиноген; Споменот на шесте Вселенски Собори;

Правила и одредби на Православната Црква за постот
Православен календар за овој месец - МПЦ

Кожувчанка

Молитви кон Пресвета Богородица за секој ден во седмицата

 Радувај се, Ти Која од ангелот ја прими радоста на добрата вест дека Бог Слово ќе прими тело од Тебе! Радувај се оти го носеше Создателот во Твојата утроба! Радувај се Ти Која го роди Бога во тело, Спасителот на светот! Повеќе...

Тропар

Тропар на св. Христов свешт-мч Атиноген и неговите десет ученици 16 јули / 29 јули 2024

Тропар на св. Христов свешт-мч Атиноген и неговите десет ученици 16 јули / 29 јули 2024

Нема ученик поголем од својот учител,но радоста учителска е потполна кога ученикот го продолжи делото, Христе Боже наш, Атиноген свети...

Тропар на св. Христови маченици Кирик и Јулита 15 јули / 28 јули 2024

Тропар на св. Христови маченици Кирик и Јулита 15 јули / 28 јули 2024

Младенци постојано кон Тебе итаат Христе Боже,душа не знае за години,Кирик топла љубов посакувајќи,

Тропар на св. апостол Христов Акила и неговата жена Прискила 14 јули / 27 јули 2024

Тропар на св. апостол Христов Акила и неговата жена Прискила 14 јули / 27 јули 2024

Христос Тајновидецот очите на разумот ви ги отвори,а Павле апостолот во верата ве утврди,о свети сопружници Акиле и Прискило,вие кои...

Духовната убавина на Богородица се пројавува и во моментот на Распнувањето на Нејзиниот Син

Тебе, Богородице поборнице – војвотко, ние слугите Твои, откако се избавивме од зло, Ти пееме победни и благодарствени песни. Ти имаш сила непобедна, од секакви опасности ослободи не за да Ти пееме : Радуј се, Невесто Неневесна! Повеќе...

Болестите според светоотечкото учење

Значи, не се надевај на лекарска вештина без благодат и не ја отфрлај своеволно, туку моли Го Бога да ја спознаеш причината за казната, а потоа моли за избавување од немоќта, трпејќи сечење, горење, горчливи лекови и сите лекарски казни Повеќе...

Свети Лука Симтерополски: Архиепископ и хирург

Едноставно е да се претпостави дека професорот – епископ, соединувајќи го во своите раце крстот и скалпелот, ги порази современиците токму со тоа необично соединување на двете разновидни сфери на активност.  Повеќе...

Духовни поуки: „Помоли се за мене“

Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш - ќе успееш и во едното и во другото. Повеќе...

Живот без стрес

Ако разбереме што се крие зад стресот, ако ја видиме лагата, која што се крие зад него, на крајот ќе увидиме дека не постои причина за да бидеме во стрес.. Повеќе...

Митрополит Струмички Наум - Да пораснеме барем до Стариот Завет

И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака. Повеќе...

Епископ Тихон Шевкунов: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“

Несвети, а свети. Луѓе, кои навидум живееле во нашето секојдневие, се соочувале со проблемите со кои ние се судираме, боледувале од болести од кои ние боледуваме, често осудувани од околината, а сепак, не биле секојдневни. Луѓе, кои не се на иконите, но го предавале животот од иконите во сите нивни дела, зборови, мисли. Луѓе, за кои тишината прозборила дека се свети.  Повеќе...

ГОЛЕМАТА ТАЈНА НА ДИВЕЕВО - Кој ќе доживее, ќе види

Како дополнување на оваа тајна, еве што слушнав од устата на 84-годишната игуманија на манастирот Дивеево, Марија. Бев кај неа во почетокот на 1903 година веднаш по канонизирањето на преподобниот Серафим и заминувањето на царското семејство од Дивеево. Повеќе...

Арх. Калиник Мавролеон: Монологот БОЖЈИ

 

Те гледав кога се разбуди угрово. Чекав да ми кажеш два-три збора, да се заблагодариш за се што ти се случува, да побараш мое мислење за се што треба да правиш денес. Повеќе...

За Моето име

Поуки на грузискиот Старец Гаврил Ургебадзе за последните времиња

 

„Ѓаволот има 666 мрежи. Во времето на антихристот луѓето ќе очекуваат спасение од космосот. Тоа ќе биде и најголемата замка на ѓаволот: човештвот ќе бара помош од вонземјаните, не знаејќи дека тоа се, всушност. – демони.“ Повеќе...

Взбранной Воеводе победительная