ВЕЛИКО ПОВЕЧЕРИЕ, ПРЕЖДЕОСВЕШТЕНА ЛИТУРГИЈА И ИСПОВЕД НА СВЕШТЕНСТВОТО ОД АМЕРИКАНСКО-КАНАДСКАТА ЕПАРХИЈА
Reynoldsburg (Columbus), Ohio
„Колку е убаво и колку е мило кога браќата живеат заедно,
...зашто таму Господ дал благослов и живот вечен!“
(18-та Катизма од Псалтирот)
Во текот на минатата седмица, шеста во Великиот Велигденски Пост, во неделата на Лазаровото воскресение и влегувањето на Господ Исус Христос во Ерусалим, во нашиот Храм „Успение на Пресвета Богородица“ во Reynoldsburg (Columbus), Ohio, се одржа несекојдневен настан.
Во вторник-март 23 и среда-март 24, на денот посветен на светите Софрониј, патријарх Ерусалимски и маченикот Пиониј, втора година со ред се одржаа заедничките Великопосни богослужби и исповедта на присутното свештенство.
Домаќините, отец Душко Ѓорѓиевски-нашиот парохиски свештеник и г-дин Јосиф Христовски-претседателот на нашата црковна општина, овој пат ги имаа на гости поголемиот дел од свештенството на Американско-Канадската Епархија.
Иако беше среде работна недела, богослужбите ги проследи броен македонски православен народ, онака како што секогаш ги има на кој и да е од нашите црковни празници. Ваков настан кој кај нас се случува, засега, еднаш годишно во текот на Велигденскиот Пост, привлече доста и од помладите поколенија, некои од нив можеби и за првпат да ги слушнат прекрасните Великопосни Песнопеења, како-„Со нас е Бог“, „Господи на Силите“, покајничката молитва на јудејскиот цар Манасија, молитвите на големите коленопреклони поклони на Свети Ефрем Сириски-„Владико на мојот живот...“, кои никого не оставиле рамнодушен-напротив секого го трогнале до срж.
Утрото, следниот ден ги проследивме Утрената и Часовите, а по Литургијата на Претходноосветените Дарови, нашиот парохиски свештеник, протоереј-ставрофор отец Душко Ѓорѓиевски ја изврши Светата Тајна Исповед за свештенството од двете Намесништва. Во својата проповед, отецот нé потсети на значењето, потеклото и повеста за Литургијата на Претходноосветените Дарови на свети Григориј Двоеслов уште од ранохристијанските времиња. На Литургијата дел од верниот народ се причести со Светите Христови Таинства.
Членките на новоизбраната женската секција се потврдија во продолжувањето на прекрасната македонска традиција на срдечното гостопримство, приредувајќи вкусна разнолика посна Трпеза на Љубовта, по која што секој од гостите се упати назад кон својата парохија со, се надеваме, пријатни впечатоци од престојот во Храмот под закрила на Нашата Небесна Застапничка-Пресвета Богородица.
До скоро видување и повторна средба, чесни оци!
„Господи на силите-со нас биди!
Друг Помошник во скрбите освен тебе-ние немаме...
Господи на силите-помилуј нé!“
(извадок од пеењата на Великото Повечерие)
Подготвиле:
Лазар Пурдеф и
ипоѓакон Ѓорѓи Ѓурчиновски