Торонто, 28 август (МИА) - Многу здравје, успеси и остварување на нашите национални цели, е честитката што премиерот Никола Груевски синоќа од Торонто им ја упати на сите христијани и во дијаспората и во Република Македонија по повод денешниот празник Пресвета Богородица.
Обраќајќи се пред големиот број присутни во Македонската православна црква Свети Климент Охридски во Торонто, Груевски им се заблагодари за афирмацијата на македонскиот национален, културен, јазичен и духовен идентитет.
- Со тоа вие несомнено претставувате промотори и афирматори на културните, националните, историските, но и современите вредности на Република Македонија, рече Груевски.
Тој им се заблагодари и за поддршката, финансиска и морална, што и ја даваат на својата матична држава, како што рече, во многу моменти на предизвици, на внатрешен и надворешен план, моменти на уцени, притисоци, закани и блокади, како и за напорите што ги направија за признавањето на Република Македонија под уставното име од страна на Канада.
Премиерот Груевски, јави известувачот на МИА, ја информира македонската заедница во Торонто за средбата во Отава со канадскиот премиер Стивен Харпер со кого потпишаа Договор за социјално осигурување помеѓу Република Македонија и Канада, според кој околу 200.000 македонски иселеници во Канада ќе можат да ги остваруваат своите права од пензиското и инвалидското осигурување, што беше прифатено со големо воодушевување.
Тој се осврна и на средбите со министрите за одбрана и за меѓународна трговија Питер Гордон Меккеј и Стоквел Деј, на кои стана збор за безрезервната поддршка што Канада и ја дава на Македонија за влез во НАТО, како и за потпишување договори за одбегнување на двојното одданочување и за заштита на инвестициите, што досега воопшто не било покренато. Груевски ги спомена и средбите со претседателите на Долниот дом на Парламентот и на Сенатот на Канада, Питер Миликен и Ноел А. Кинсела, како и разговорите за можноста во идните години да дојде до укинување на визите за македонските граѓани кои сакаат да патуваат во Канада.
Во подолгото обраќање пред своите сонародници македонскиот премиер се осврна и на бизнис климата во Македонија, притоа повикувајќи ги да инвестираат во својата држава, а ги информира и за процесот на образование и реформите што се направени во тој дел во однос на задолжителното средно образование, англиски јазик во прво одделение, компјутер за секој ученик, отворање нови универзитети...
Во Македонската православна црква Свети Климент Охридски во Торонто пред присутните гости се обрати и министерот за надворешни работи Антонио Милошоски кој го придружува премиерот Груевски за време на работната посета на Канада. Тој истакна дека Канада ужива углед на една добра земја, со многу симпатии од сите граѓани на Македонија, кои симпатии ја доживеаја својата кулминација од денот кога премиерот Харпер донесе, како што рече, една правилна, принципиелна одлука Канада да ја признае Македонија под уставното име.
За тоа, тој смета дека голема заслуга има и македонската заедница во Канада. Покрај тоа што Македонија има своја амбасада во Отава и генерален конзулат во Торонто, најголемиот капитал на Република Македонија е тоа што ве има вас и секој од вас е уште еден македонски амбасадор во Канада, рече Милошоски.
Иако географската дистанца меѓу двете земји е голема, според него има една темелна заедничка вредност помеѓу македонското и канадското општество, а тоа е што и двете се мултикултурни општества, каде што секој, без разлика каде припаѓа, како се чувствува и како размислува, може да ги ужива сите загарантирани човекови права и во Македонија и во Канада.
Министерот Милошоски на крајот од обраќањето ја повика македонската заедница почесто да доаѓа во нашата држава, која, како што рече, има најпопуларно име во Европа - Република Македонија.
Празникот Голема Богородица од Торонто на сите христијани им го честита и митрополитот на Американско - канадската епархија на МПЦ господин Методиј, кој изрази задоволство од присуството на владината делегација предводена од премиерот Груевски токму на овој ден и можноста да разговараат со бројната македонска заедница во Канада.
Во текот на денешниот ден предвидена е посета на македонската заедница во Маркам, каде се наоѓа и црквата Свети Димитрија, како и повеќе средби со иселенички организации и здруженија. паг/ва/9:18
Извор: http://www.akmpe.org/index.php?option=com_content&task=view&id=852&Itemid=2