Маја Блажевска  
14.10.2007
 
 

Поглаварот Стефан со поголем дел од митрополитите го извршија големото осветување на манастирската црква Свети Атанасиј во Лешок. Церемонијата примами голем број верници од сите краишта на државата.

Граѓаните велат дека е долга и интимна врската со овој храм.

„Црквата повторно се воздигна, стана црква и со народ. Традицијата да не се изгуби“, рекоа граѓаните.

Настанот го следеше и 90-годишната Бора Блажевска. За неа ова е второ осветување на црквата. Првото го следела во 1936 година.

„Тогаш имаше многу народ и ни беше мерак. И сега е исто“, изјави Бора Блажевска, жител на Лешок.

Поглаварот Стефан порача да се почитува туѓото колку и своето.

„Колку малку требаше нечија омраза, па овој храм да се претвори во урнатини и колку многу љубов требаше потоа, па од купот камења повторно да се изгради ова велелепно дело“, рече , г.г.Стефан, поглавар на МПЦ.

Околу 600.000 евра вложи Европската агенција за реконструкција за изградба на манастирската црква во Лешок, како и за обнова на џамијата во Непроштено.

„Веруваме дека тамошната муслиманска заедница го слави Бајрам исто како што и ние денеска го славиме денешниот празник“, изјави Ерван Фуере, амбасадор на ЕУ во Македонија.

Манастирскиот комплекс Свети Атанасиј во Лешок потекнува од 14-от век. Тој е културно-историски споменик заштитен од државата.