Со молебенот на гробот на Св. Кирил заврши четиридневната манифестација „Македонија во чест на Св. Кирил“
Рим, 24 мај (МИА) – На гробот на Св. Кирил во базиликата „Сан Клементе“ денеска - 24 Мај кога се одбележува Денот на сесловенските браќа светите Кирил и Методиј се одржa молебен со кој чиноначалствуваше поглаворот на Македонската православна црква г.г. Стефан, придружуван од митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, епископот Хераклејски г. Климент и архимандритот Нектари.
На службата во базиликата „Сан Клементе“ присуствуваше и претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, кој ја предводи државно-црковната делегација на манифестацијата „Македонија во чест на Св. Кирил“. Дел од оваа делегација се заменик-министерот за труд и социјална политика Спиро Ристевски и директорката на Комисијата за верски заедници Валентина Божиновска.На делегацијата изутринава и се придружи и министерот за надворешни работи Антонио Милошоски.
Со молебенот на гробот на свети Кирил завршува неколкудневната манифестација што по 42. пат се одржува во негова чест во Рим.
Св. Кирил беше и останува наша најголема света гордост пред другите и наша најсилна духовна тврдина пред оние кои го негираат нашето име, идентитет, јазик, култура, историја и се што е наше македонско. Иако гробот му е далеку од родната Македонија, тој е близу до се што е наше.
Ова го истакна поглаварот на Македонската православна црква г.г. Стефан во беседата за време на молебенот на гробот на св. Кирил, денеска во базиликата „Сан Клементе“ во Рим.
Во својата беседа г.г. Стефан истакна дека Светикириловиот гроб ископан длабоко покрај темелите на базиликата на „Св. Климент“ епископот Римски, за нас е незаменливо место за наша духовна обнова и поткрепа.
- Секогаш кога ни треба помош за подобро да разбереме и поттик за правилно да одговориме на некои прашања или кога ни треба закрила да совладаме некоја пречка или опасност на кој наидуваме во животот најдоброто место е гробот на големиот светител, рече поглаварот на МПЦ. Овде, продолжи тој, можеме да размислуваме, да учиме и да се поучуваме за тоа како со себеси и како со другите, како со љубовта и како со омразата, како со временото и како со вечноста. Свети Кирил и денес не повикува да гледаме на вера, љубов и надеж, на неговото човекољубие, на жртвата и храброста...
- Тој и денес ни укажува: да нема делење меѓу вас, туку да бидете соединети во еден дух и во една мисла. Овој наш миротворец уште пред 11 столетија имајќи ја предвид еднаквоста на луѓето и потребата од единство запраша во срцето на Европа: Зарем дождот не паѓа за сите и зарем сонцето не грее за сите? Тој и сега бара да се поучиме од настаните на нашата историја особено на последиците од неслогите и поделбите зашто тие ни биле и ни се, за жал, најголемите непријатели, истакна меѓу другото г.г. Стефан.
Во базиликата „Сан Клементе“, покрај државно-црковната делегација присуствуваа и многу Македонци кои живеат во Италија и студенти и средношколци кои во овој период од годината се на екскурзии во Рим.
За време на престојот во Рим претседателот Иванов имаше аудиенција кај папата Бенедикт Шеснаесетти. Во рамките на културната програма концерт одржаа етно-групата „Баклава“, женскиот хор при Македонскиот културен центар, беше отворена изложба на Државниот архив „Македонија низ вековите“ и актерот и режисер Петар Темелковски ја изведе монодрамата „Филип Втори“. Годинава се одбележува 1140 години од смртта на сесловенскиот просветител свети Кирил.еа/цр/12:04