Кога благодатта ќе го посети срцето и ќе го исполни со божествена радост, душата бара зборови за да ја опише таа радост и не може да најде, бидејќи и највозвишениот збор се чини премалку за тоа неземно чувство. Ете таква беше радоста што светиот Претеча и Крстител им ја подари на големото мнозинство верници, придојдени во манастирот, вечерта спроти неговиот празник. Зашто, навистина, сé во манастирот ја радуваше душата и сите го почувствуваа присуството на големиот пророк и проповедник на покајанието, кој дојде да го посети својот дом и да го благослови новиот сопатник на патот кон чистота, сиромаштво и на потполно самоодрекување. Затоа, за време на вечерната служба, во треперливата светлина на свеќите, во атмосфера на молитвено византиско пеење, кога новиот брат ги полагаше своите монашки завети и се приброи кон бигорското свето братство, срцата на сите присутни упатуваа молитвени воздишки кон славниот покровител на оваа света обител, да го укрепи новозамонашениот о. Еразмо во подвигот што доброволно го избра - пожртвувано и до крај да му служи на Божествениот Жених, Кого го избра како најголемо богатство - како што напомна во својата проповед митрополит Тимотеј.

bigorski120920076.jpgОбраќајки му се на новиот монах, митрополитот  нагласи: “Тежок е повикот што ти го избра, тежок е и подвижничкиот крст што ќе го носиш. ... Тоа е најтешкиот пат на совршенството - откажување од својата сопствена волја во сé, послушание, најнапред на Бога, на Црквата, на старешината на оваа света обител. Тука во манастирот сите вие сте должни да имате послушание кон вашиот игумен, зашто тој е поставен да бдее и да даде одговор за вашите души, па преку заедница со молитвата, во секојдневниот живот, во монашкиот подвиг и љубовта да се спасувате заедно за вечен живот...”     По свечената архиерејска литургија, митрополит Тимотеј и поканетиот митрополит Иларион, заедно со игуменот и братството ги осветија темелите за новиот конак, чијашто градба претставува исполнување на вековната желба на славниот бигорски игумен и градител, архимандрит Арсениј.  Така после 200 години, денешниот игумен на славната бигорска обител, со своето братство, ги остварува стремежите и идеалите на генерации монаси кои се подвизувале во ова светилиште и од каде и денес се слуша гласот на Претечата повикувајки на покајание.          

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Известува: монахиња Варвара