- Односот на децата кон родителите, како во огледало го одразува односот на родителите кон Бога. За да се променат децата пред сè е неопходно пред Бога да се променат родителите. Да се бара од другите повеќе отколку од себе е далеку полесно и поедноставно.
Современиот родителски свет е полн со роптање и негодување:
- „Какви непослушни деца, тоа е нешто неверојатно! Му велам: ,Оди во
продавница‘ – не сака да оди. ,Намести си го креветот‘ – не сака да го
намести. ,Измиј садови‘ – ни со прст да мрдне. Немам веќе сила, во гроб
ќе ме отера…“
Драги родители! Сетете се што ви доверил Бог секојдневно да извршувате.
Ако сфатите дека вие тоа во соодветна мера не го вршите, гледајќи ì на
вистината во очи, ќе откриете едноставна вистина: вашите деца се
угледале на вас. Децата се бунтуваат затоа што вие се бунтувате против
оние кои Бог ги поставил над вас: против власта, против шефовите на
работа, против пастирите на Црквата. Децата ви се непокорни затоа што
вие сте непокорни на Бога. Децата станале рамнодушни кон вас, затоа што
вие сте станале рамнодушни кон Бога. Децата не гледаат во вас духовен
авторитет затоа што Бог престанал да биде ваш Покровител. Децата се
огледало на своите родители.
Ако сакате да ги промените децата, морате вие да се промените пред
небесниот Отец. Промените во вас неизбежно ќе повлечат со себе и промени
во вашите деца. За да ги воспитувате во учењето Господово, неопходно е и
самите да пребивате во него, да бидете проникнати од него, да живеете
со него. Пази на себе и на науката, истрај во тоа; бидејќи ако го правиш
ова, ќе се спасиш себеси и оние кои те слушаат (1. Тим. 4, 16), т.е.,
жената, децата и сиот дом.
- Детската душа е кршлива. Колку лесно може да се уништи никулецот на Човекот со голема буква, колку е лесно со својата грубост да ја згазиме пупката на Божествената избраност и призив сугериран со чувството на помала вредност. Што ќе станат нашите деца? Дали тие ќе останат во ропството на страстите на овој свет или ќе бидат синови на слободата во Христа? Свети Јован Златоуст рекол: „Детската возраст е нежна, детето брзо го усвојува она што другите му го кажуваат; како печат на восок се втиснува во душата на децата она што тие го слушаат. Со самото тоа и нивниот живот почнува да се насочува или кон порок или кон добродетел. Затоа, ако на самиот почеток и, така да кажам, во предвечерието тие се заштитат од пороци и се насочат на подобар пат, во иднина тоа веќе ќе се претвори во навика и како во втора природа, па тие нема толку лесно и со своја волја да се свртуваат кон најлошото, затоа што навиката секогаш ќе ги привлекува со добрите дела“.
11-тиаприл, лето Господово 2014
Извор: Амвон